Фото: ЕПА

Аналитичарите што имале можност да го видат новиот нацрт-договор коментираат дека тој претставува „значајна ескалација на претходните барања“ од страна на САД

САД ФОРМАТИРАА И ИСПРАТИЈА ДО УКРАИНА НОВ НАЦРТ-ДОГОВОР ЗА РЕГУЛИРАЊЕ НА МЕЃУСЕБНИТЕ ОДНОСИ

aОфицијален Вашингтон деновиве форматира нов нацрт-договор што вклучува менаџирање на САД со клучните минерални и енергетски ресурси на Украина. Во договорот засега нема клаузула што за возврат вклучува некаква форма на безбедносни гаранции од САД за официјален Киев.
Аналитичарите што имале можност да го видат новиот нацрт-договор коментираат дека тој претставува „значајна ескалација на претходните барања“ од страна на САД.

„Сеопфатноста“ на новиот нацрт- договор на САД

Во нацрт-договорот на САД што беше доставен до Киев имале увид и одбрани новинари на реномираниот „Фајненшл тајмс“.
Според публикуваниот коментар во споменатиот медиум, со овој нацрт Вашингтон оди значително подалеку од првичниот економски договор постигнат минатиот месец. Имено, апетитите на САД се многу поголеми од претходниот предлог-концепт што беше дел од напорите на американскиот претседател Доналд Трамп да стави инстантен крај на војната во Украина и да се реализира како „успешен обид да се вратат милијардите долари што САД ѝ ги испратија на Украина како воена поддршка“.
Меѓутоа, информациите во медиумите го идентификуваат новиот нацрт- договор како – „сеопфатен“, кој ќе ги опфати сите минерални ресурси, вклучувајќи нафта и гас, како и клучните енергетски капацитети на целата територија на Украина.
Натаму, Вашингтон бара Украина и САД да формираат надзорен совет што ќе управува со заеднички инвестициски фонд, а приходите од украинските проекти за нафта, гас и рударство ќе бидат поделени меѓу двете земји. САД ќе имаат мнозинство во Советот, назначувајќи три од петте члена, што ќе им даде право на вето врз сите одлуки на фондот.

САД: Договорот би бил украински „придонес кон партнерството“

Во нацрт-договорот меѓу САД и Украина понатаму се наведува дека „американскиот придонес на Украина во 2022 година (по рускиот напад) ќе се смета за придонес кон партнерството“. Американскиот министер за финансии Скот Бесент во средата изјави за Фокс њуз дека верува оти договорот би можел да биде потпишан веќе следната недела.
Од друга страна, пак, постојат и носители на високи државни функции во Украина што отворено негодуваат на потпишувањето на нацрт-договорот.
Имено, тројца високи украински функционери во изјави за „Фајненшл тајмс“ рекоа дека „е малку веројатно скоро потпишување на договорот“. Најпрвин, бидејќи времето е прекратко за да се анализира детално договорот, а второ дека на прв поглед во содржината на нацрт- договорот има клаузули што се на битна штета на Киев и Украина. За „Фајненшл тајмс“ еден од украинските функционери го нарекол предлогот „неправеден“, додека друг го споредил со „грабеж“. Третиот функционер открил за медиумот дека е „ангажиран тим од правни експерти за да ѝ помогне на владата да го анализира документот и да подготви контрапредлог“.
За издвојување е официјалната изјава од Киев на оваа тема, во која првата вицепремиерка и министерка за економија на Украина, Јулија Свириденко, изјави за јавноста дека владата „работи на тоа договорот да ги одразува сите наши интереси и да е во духот на стратегиското партнерство со САД“.
– Верзијата што ја добивме во голема мера ги одразува ставовите и пристапот на американските правни експерти. Сега ја формулираме нашата позиција – рече таа, додавајќи дека секој конечен договор мора да биде одобрен од украинскиот парламент.
Новиот предлог на САД ќе го замени претходниот рамковен договор за заеднички развој на украинските минерални ресурси, за кој Киев и Вашингтон се согласија минатиот месец. Тој претходен договор, според кој Украина ќе плаќа 50 отсто од идните профити од минералните ресурси во заеднички фонд, никогаш не беше потпишан, откако пропадна средбата меѓу Трамп и Зеленски во Овалната соба.

Уште неколку интересни детали од новиот нацрт-договор меѓу САД и Украина

Според новиот предлог, стипулиран во нацрт-договорот, фондот би вклучувал проекти што ги спроведува украинската влада, како и проекти од компании или државни организации одобрени од Киев. Договорот исто така вклучува инфраструктура поврзана со експлоатација на природни ресурси – како што се патишта, железници, гасоводи, пристаништа и преработувачки погони.
Приходите од последниот предлог директно ќе се конвертираат во странска валута и ќе се испраќаат во странство, а Украина ќе биде одговорна за компензација во случај на одложувања или спорови. САД ќе добијат авторски права од фондот пред Украина, со дополнителна премија од 4 отсто, и ќе ги задржат приоритетните права на инфраструктурни проекти и правото на вето за продажба на ресурси на трети страни. Р.С.


Британски „Телеграф“: Нема гаранции, нема безбедносни клаузули, САД не даваат ништо за возврат

Британскиот весник „Телеграф“ пишува за најновата верзија на нацрт- договорот меѓу САД и Украина дека претставува „преседан во модерната дипломатија и меѓународните односи“. Британскиот весник, обидувајќи се сликовито да даде опис на нацрт-договорот, пишува дека Доналд Трамп „држи пиштол до главата на Володимир Зеленски“.
– Тоа е документ за присилно запленување имот. Нема гаранции, нема безбедносни клаузули, САД не даваат ништо за возврат. Американците можат да се повлечат од договорот кога сакаат, Украинците не. Никогаш досега не сум видел вакво нешто – изјавил Алан Рајли, експерт за енергетско право во Атлантскиот совет.
Според нацртот, Соединетите Американски Држави ќе имаат право да стават вето на продажбата на украинските суровини на трети земји – што, на пример, може да значи забрана за извоз на ретки метали во Кина, но и ограничување на извозот во Европа.
– Таков договор не е компатибилен со правилата за членство во Европската Унија – и можеби токму тоа е дел од поширок план. Сè повеќе ми се чини дека вистинската намера може да биде да се принуди Зеленски да го одбие – вели Рајли. Р.С.


„Економист“: Избори во Украина може да се одржат во текот на претстојното лето

Прекин на огнот во Украина – до крајот на април, избори најрано во јули

Според пишувањата на реномираниот медиум „Економист“, „претседателските избори во Украина би можеле да се одржат уште летово“!
Според истиот медиум, претседателот на Украина, Зеленски, свикал состанок минатата недела за да му наложи на неговиот тим да влезе во планирање и организирање избори, кои би се одржале по целосниот прекин на огнот (за кој Вашингтон верува дека може да се договори и да почне до крајот на април). Имено, весникот го наведува Велигден, 20 април, како веројатен датум за прекин на огнот.
Исто така, „Економист“ наведува дека актуелниот претседател Володимир Зеленски „има намера да се кандидира за уште еден мандат“.
„Економист“ потсетува дека „гласањето за продолжување на воената состојба, кое истекува на 8 мај, е закажано за 5 мај во украинскиот парламент“.
Укинувањето на воената состојба е неопходен прв чекор кон започнување подготовки за изборниот процес.

Можни датуми за одржување избори во Украина

Според статијата на „Економист“, различни датуми се во игра за одржување на изборите во Украина. Медиумот цитира неименувани извори, но повеќето од нив веруваат дека „Зеленски смета на избори со термин што ќе биде налето“.
Медиумот, повикувајќи се на украинскиот Изборен закон, пишува дека „пред да се одржат изборите треба да поминат најмалку 60 дена, колку што трае изборната кампања, така што најраната можна опција е почетокот на јули“.
Консултираните соговорници аналитичари изјавуваат за споменатиот медиум дека „кампањата ќе трае три месеци“, бидејќи надлежни институции во Украина го информирале парламентот дека „ќе биде потребно најмалку три месеци за ажурирање на избирачките списоци поради војната“.
„Економист“ пишува дека „и американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин биле иритирани од тврдоглавоста на Зеленски“ и го притискале да одржи избори среде војната, уверени дека украинските гласачи ќе им направат услуга така што ќе го сменат од функцијата.

Почнуваат сериозни подготовки Зеленски да се појави пред гласачите по вторпат

Според пишувањето на „Економист“, Зеленски бил „категорично против одржување на изборите, но третманот на Трамп кон него на почетокот на март го зголемил неговиот рејтинг и му ги сменил мислењето и калкулациите“.
Според медиумот, наводно, забележено е дека „сега се во тек сериозни подготовки Зеленски да се појави пред гласачите по вторпат, и тоа доста брзо“.
Поранешниот украински претседател и лидер на партијата Европска солидарност, Петро Порошенко, предвидува дека изборите би можеле да се одржат „во секое време од август до октомври“ и тврди дека „кампањата всушност започнала со одлуката на Зеленски да наложи започнување подготовки за избори“.
„Економист“, цитирајќи неименуван украински функционер, пишува дека „Зеленски ќе се обиде да ги изненади своите ривали со избори организирани во јули, надевајќи се дека краткиот рок ќе му овозможи да се кандидира без противници“.
Изворот на „Економист“, украински актуелен функционер, смета и дека „такви скорашни избори би биле од корист не само за Зеленски туку и за Украина“, бидејќи „долга кампања би ја поделила земјата“. Р.С.