САД и Израел во првата заеднички командувана војна (2)
- Иако Вашингтон и Тел Авив дејствуваат како единствен оперативен систем во конфликтот со Техеран, нивните долгорочни геополитички цели се делумно различни, односно за Вашингтон „глобално рекомпонирање на сферите на влијание и на силите за САД“, а за Тел Авив „регионално релаксирање, но и доминација за Израел“
Децениското стратегиско партнерство меѓу САД и Израел, како и нивната меѓусебна воена поддршка, во конфликтот со Иран доби нова димензија. Овој конфликт се смета за првата директно координирана војна во која американските и израелските сили функционираат како единствен оперативен систем и е резултат на повеќемесечно планирање, заеднички командни центри и поделба на задачите на самото иранско боиште. Таквиот степен на интеграција во военото дејствување претставува ново интероперабилно ниво во односите меѓу двете земји. Сепак, и покрај тесната оперативна координација, стратешките цели на Вашингтон и Тел Авив не се целосно идентични.
1. Американска стратегија: Геополитичко пресложување на сложувалката во Евроазија
Од перспектива на Вашингтон, актуелната ситуација се гледа пред сѐ низ призма на пошироката геополитичка динамика и глобалната распределба на моќта. Во тој контекст, притисокот врз Иран се толкува како дел од стратегијата за слабеење и изолирање на евроазиските сили, пред сѐ Кина, но и Русија. Во случај на промена на режимот во Техеран и воспоставување кооперативна влада, САД би можеле повторно да го вратат своето геополитичко и економско влијание во Иран. Таквиот развој на настаните би имал пошироки импликации врз регионалната безбедносна архитектура, во која за важен фактор се смета и Индија. Од американска перспектива, тоа би значело создавање стратешки појас на влијание кон Русија и Кина и значително намалување на нивниот простор за дејствување во меѓународните односи. За САД особено се значајни контролата врз енергетските извори, пред сѐ нафта и гас, надзорот врз клучните поморски и копнени правци во регионот, доминацијата врз Персискиот Залив, Ормускиот Теснец и Баб ел-Мандеб. Во тој контекст, американската стратегија за редизајн на Блискиот Исток подразбира ситнење на регионот, односно слабеење и разградување на големите арапски држави и Иран. Таа политика често се опишува како создавање „конструктивен хаос“ и формирање лак на нестабилност што би се протегал од Либан и Сирија, преку Ирак и Персискиот Залив, па сѐ до Иран, Авганистан и границите на Кина. Во американската визија за т.н. Голем Блиски Исток, регионот се протега од Мароко и Мавританија до Авганистан и Пакистан, со Турција на север – додека единствената немуслиманска држава во таа геополитичка конструкција е Израел.
2. Израелска стратегија: Елиминација на Иран како регионален ривал
За разлика од пошироката глобална стратегија на Вашингтон, израелските цели се пофокусирани на регионалната безбедност и геополитичката доминација. Од израелска перспектива, примарната цел е целосна елиминација на Иран како релевантен регионален актер. Во поширокиот блискоисточен контекст, Израел настојува да ја искористи моменталната геополитичка ситуација за дополнително зајакнување на сопствената позиција. Во изминатите децении Иран разви стратегија позната како „иранска полумесечина“, со која настојуваше да го прошири своето влијание кон Медитеранот и да се приближи до Голанската Висорамнина и границите на Израел. Ова влијание се градеше преку сојузништва и партнерски актери, како што се Хезболах и Хамас. Но, по војните во Газа, овие актери значително ослабнаа, што индиректно ја намали и регионалната позиција на Техеран. Во такви услови, Израел процени дека се наоѓа во единствен стратешки момент за решително дејствување против Иран. Во дел од геополитичките интерпретации, израелската стратегија се поврзува со концептот за создавање „голем Израел“, кој би опфатил целосни или делумни територии од соседните држави – Либан, Сирија, Ирак и Јордан, па дури и делови од Турција. Во поширока смисла, израелското влијание се проектира и кон просторот на т.н. азербејџански коридор, со геополитички линии што се протегаат кон Кавказот и понатаму кон Украина.
Заедничка војна, различни геополитички хоризонти
Иако воените операции против Иран се спроведуваат во рамките на заеднички командуван и оперативно интегриран систем, стратешките мотиви на САД и Израел остануваат различни. За Вашингтон, конфликтот претставува дел од глобалната геополитичка конкуренција и редизајн на Евроазија, додека за Израел тој е пред сѐ прашање на регионална безбедност и геостратешка доминација на Блискиот Исток. Токму оваа комбинација на заедничка воена акција и различни долгорочни цели го прави конфликтот со Иран еден од најкомплексните геополитички процеси на современиот Блиски Исток. Но во делот од тактичките дејствувања, за секој од сојузниците да си ја оствари својата стратегиска цел, воените аналитичари забележуваат и една многу препознатлива црта, како заеднички именител.
– Се случува еден познат феномен во регионот на Блискиот Исток, што со еден збор може да се нарече и „балканизација“. Нам тоа ни е многу познат процес, затоа што ни се случуваше на овие простори. Оваа тактика, во насока на реализација на стратегиските цели, е всушност прекројување, сегментација односно трансформација на арапските и муслиманските земји во помали, етнички дефинирани ентитети, кои би биле полесно поподложни на надворешно влијание/менаџирање од центри на моќ како Вашингтон или Тел Авив. Тоа е таканаречената позната тактика на „балканизација“ заради постигнување покрупни, стратегиски цели. По нападите од 11 септември 2001 година, дестабилизацијата на низа држави, како Ирак, Сирија, Либан, а и Либија, Сомалија и Судан, често се толкува како дел од поширок процес на регионално преобликување. Во тој контекст, Иран се посочува како последната голема пречка за таквиот геополитички модел – велат нашите соговорници, поранешни високи воени офицери, сега во пензија. Р.С.
крај
































