Иднината на земјава е во Европската Унија и сите напорно работиме со цел тоа да се постигне, порача евроамбасадорот Михалис Рокас денеска во Велес, одговарајќи на новинарско прашање да даде коментар на пораките кои високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедност ги упати за време на посетата на Скопје, во врска со механизмите кои ги има на располагање Брисел за деблокирање на евроинтеграциите на државата.
-Единствената работа, која можам да ја кажам во оваа фаза всушност е само да го повторам тоа што високата претсавничка на ЕУ, Каја Калас го кажа, а тоа е дека Северна Македонија и нејзината иднина припаѓаат во ЕУ и сите ние работиме напорно со цел да се може да се постигне таа цел, за да може да се деблокира ситуацијата – изјави Калас.
Рокас не сакаше да ја коментира изјавата на претседателката Гордана Силјановска Давкова во однос на тоа дека Австрија е подготвена на разговори со нас за изнаоѓање креативно решение со Бугарија. Претседателката во интервјуто за „Радио Слободна Европа“ истакна дека министерката за европски и меѓународни работи на Република Австрија, Беате Мајнл-Рајзингер би сакала разговорите за решавањето на овој спор да се случат во Виена.
-Не би сакал да коментирам што изјавила претседателката, ниту претставници на држави-членки. Во овој момент единствената работа, која можам да ја кажам е дека има голем број дипломатски активности и голем број посети и се што ќе произлезе од нив е добредојдено за нас – истакна Рокас.
Евроамбасадорот во однос на Договорот во врска со партнерство за реализација на инфраструктурни проекти, меѓу земјава и Велика Британија, истакна дека не е на него да коментира договори на државата со трети страни, а за состојбата со миграцијата на Балканот, истакна дека земјава има исклучителна соработка со ЕУ на тоа поле.
-Што се однесува до мигрантите тоа е големо прашање за целата ЕУ. Јас можам да кажам дека има одлична соработка меѓу ЕУ и Северна Македонија, тука е и Фронтекс, кој го давата првиот аларм, во случај на секоја миграција. Што се однесува на Велика Британија, ЕУ исто така потпиша договор за стратешко партнерство во исто време, кога се потпиша и вашиот и очигледно е дека Велика Британија е добар партнер на ЕУ и каков било договор меѓу Северна Македонија и Велика Британија е исто така добар за вас – изјави Рокас.