Уставот на Народна Република Македонија има големо значење за македонската држава, затоа што за првпат македонскиот народ самостојно одлучил за сопственото државно уредување и за сопствената држава како одраз на победата во Народноослободителната борба во Втората светска војна против германските и бугарските фашистички окупатори и нивните квислинзи соработници во Македонија
Повод: 78 години од првиот устав на Македонија, на Народна Република Македонија
На 31 декември 1946 година е донесен првиот устав на Народна Република Македонија, во кој е вградена државотворноста на македонскиот народ. Влегол во сила на 1 јануари 1947 година. Тој устав е од особено значење, бидејќи со него на највисоко правно-политичко рамниште се истакнуваат и се оживотворуваат политичката волја и правото на самоопределување на Македонците за сопствена државност, како и за обединување со другите народи во тогашната ФНРЈ. Уставот на Народна Република Македонија има големо значење за македонската држава, затоа што за првпат македонскиот народ самостојно одлучил за сопственото државно уредување и за сопствената држава како одраз на победата во Народноослободителната борба во Втората светска војна против германските и бугарските фашистички окупатори и нивните квислинзи соработници во Македонија.
Александар Мартулков, илинденец: „Нашите македонски принципи не ги земаме на вересија и на вересија не им ги даваме на ‘добрите соседи’ и на ЕУ!“
Уставот од 1946 година е единствениот македонски устав во досегашната историја што е донесен од уставотворно собрание, како собир на претставници од народот исклучително со намена да донесат устав на држава. Тоа уставотворно собрание било составено од 192 пратеници и за Уставот гласале 180 присутни пратеници, сите ЗА. Сите подоцнежни устави, од 1963, 1974 и 1991 година ги донесуваше Собранието во редовните пратенички мандати, извршувајќи ја уставотворната надлежност.
Во својата аналитичка статија со наслов „Контраустав (удар врз уставниот поредок)“, објавена на интернет-порталот на „Фокус“ на 19 септември 2014 година во врска со некои други уставни амандмани, кои ги заговараше тогашната влада на Македонија, универзитетскиот професор по уставно право д-р Светомир Шкариќ го имаше напишано следново околу првиот устав на Македонија од 31 декември 1946 година: „Историјата на европската уставност покажува дека во поимот ‘народ’ не влегуваат власта, привилегираните слоеви и поткупливите гласачи. Во поимот народ влегуваат, оние што денес не се ништо, а утре треба да станат сè…. Илинденецот и комунист Александар Мартулков во Уставотворното собрание, што го донесе Уставот на НРМ од 1946 година, ги кажа следниве зборови: ‘Нашите принципи не ги земаме на вересија и на вересија не ги даваме.’…Македонија заслужува да има лик, втемелен врз нејзината уставна историја“.
Аналогно на овие тогашни зборови на Шкариќ сега може се каже: во постојниот устав на македонската држава во првиот момент, оптимален од домашен и меѓународнополитички аспект, мора да се врати назад македонскиот народ, кој денес не е она што претставуваше во првиот македонски устав од 1946 година – државотворен народ и столб на македонската држава.
Македонија по Втората светска војна излезе како антифашистичка држава конституент на југословенската федерација, а македонскиот народ како конституент на македонската држава. Утре, во тој прв момент, оптимален за промена на Уставот или за донесување гланц нов устав, ќе треба да ѝ се врати ликот на Македонија, кој го заслужува и кој ќе биде втемелен врз нејзината уставна историја, имајќи го предвид и првиот устав од 1946 година.
Ќе треба Македонците и денес да кажат нешто во стилот како Александар Мартулков пред 78 години: „Нашите македонски принципи не ги земаме на вересија од ‘добрите соседи’ или од Европската Унија, ниту на вересија ќе им ги дадеме!“
Опасност за уставниот идентитет и уставната моќ на македонскиот народ во сопствената држава
Во својот научен труд со наслов „Смртта на уставната моќ“, објавен во 2024 година, Виктор Феререс Комела, професор по уставно право на Универзитетот „Помпеу Фабра“, од Барселона, Шпанија, разработува неколку категории од науката за уставното право и за уставниот систем, кои имаат соодветно значење кога се анализира содржината на првиот устав на Македонија од 1946 година: „уставен идентитет“, „принципи-темел на уставниот идентитет“, „уставна моќ на суверениот народ“. Притоа тој предупредува дека во текстот на секој устав можат да се прочитаат, да се пронајдат имплицитни ограничувања на можностите со амандмани да се менуваат таквите темелни принципи на уставниот идентитет на одреден народ. Првиот устав на македонската држава од 1946 година ги постави основите на уставниот идентитет на македонскиот народ како државотворен народ конституент на државата Македонија. Овој устав ги востанови и неговата уставна моќ, државотворноста, правото на самоопределување и правото на остварување на својата политичка волја во сопствената држава, исто така како темелни принципи на уставниот идентитет на македонскиот народ, вградени во Уставот од 1946 година.
Во овој контекст Виктор Феререс Комела укажува: „Толкувачите можат да прочитаат во текстот на одреден устав имплицитни ограничувања на амандманските промени на тој устав. Голем број основни принципи, на пример, може да се сметаат за толку фундаментални за уставниот идентитет, што се смета дека се апсолутно вкоренети. При соочувањето со предизвици околу ограничувањата на амандманските промени корисно е повикувањето на уставната моќ на суверениот народ. Суверениот народ е фонтаната на сите моќи“.
Но што се случи во натамошниот уставен развој на Македонија, со уставите што беа донесувани во годините и децениите потоа? Се случија Охридскиот рамковен договор и уставните амандмани од 2001 година, со кои беше избришана улогата на македонскиот народ како државотворен народ конституент на македонската држава. Се случија и Преспанскиот и Бугарскиот договор, со кои речиси целосно се поништија уставната моќ на суверениот македонски народ и неговата државност, заснована врз Илинден и АСНОМ, како и политичката волја за одлучување во сопствената држава.
Застрашувачкиот наслов на трудот на овој шпански уставен експерт, „Смртта на уставната моќ“, предупредува сам по себе на опасноста да се случи дефинитивна смрт на уставната моќ на македонскиот народ, што без никакво сомневање може да се случи ако во преамбулата на Уставот се внесат два други „државотворни, конститутивни народа“ – бугарскиот и албанскиот, за што веќе се испратени барањата, а сето ова се случува во ситуација кога вистинскиот државотворен и конститутивен народ, македонскиот, е деноминиран и де факто и де јуре.
Уставот од 1946 година не го донесоа пратениците во Собранието, туку уставотворно собрание, па оттука се отвора дилемата: дали би било можно во некој историски нов момент да се направи исчекор во вистинска насока за формалноправно реафирмирање на илинденско-асномската македонска државност и државотворноста на македонскиот народ?
Свето Тоевски