Очигледно е дека Уставот како највисок правен акт на една суверена држава сѐ повеќе се доживува како можност одредени поединци и интересни општествени групи, преку процес на уставни измени, да реализираат разни проекции, како на одредена малцинска заедница во земјава така и на соседните земји, кои си земаат толкава слобода дури и да бараат учество во работната група што би работела на најновите уставни измени… Ставот на уставните експерти е повеќе од јасен, дека „тој е маргинализиран и никој не води сметка за него, а најмалку води сметка конститутивниот орган, Собранието“…
Има ли крај на лицитирањата поврзани со највисокиот правен акт во државава
Македонскиот устав во овие нешто повеќе од три децении независност никогаш вистински не стана највисок правен акт во државата што ќе биде темелот врз кој ќе почива правниот поредок на суверена Македонија, туку со години тој е обична „пиши-бриши“ книга желботека, во која секој, во зависност од дневнополитичките потреби, си ги вметнува сопствените желби и проекции.
Изминатите години Уставот се менуваше близу десетина пати. Повеќето од измените, според уставни експерти со кои се консултиравме, беа „само за да се задоволат одредени желби што ниту народот ги барал, ниту пак му биле од некаква полза, а сето тоа затоа што не постои општа национална стратегија за тоа во кој правец се движи државата“! Тие издвојуваат дека „доколку постоеше таква стратегија, тогаш Уставот ќе се отвораше само во случаи кога се носат крупни стратегиски одлуки што го дефинираат правецот по кој ќе се движи државата, како што е зачленувањето во НАТО или за она во ЕУ или, пак, за прашања што ги засегаат народот и малцинствата што живеат во државава“.
Соговорниците дури разочарано презентираат став дека, за жал, „повеќе никој не го доживува Уставот како највисок правен акт на една суверена држава, туку како можност преку уставни измени да се реализираат разни проекции, како на одредена малцинска заедница во земјава така и на соседните земји, кои си земаат толкава слобода дури и да бараат учество во работната група што би работела на најновите уставни измени околу внесувањето на Бугарите во македонскиот устав“.
Ставот на уставните експерти е повеќе од отрезнувачки јасен, дека „поради честото отворање и менување на Уставот, тој е заборавен, маргинализиран и никој не води сметка за него, а најмалку води сметка конститутивниот орган, Собранието“.
Етноексцентрични агенди
Неделава беше комплетирана работната група што ќе треба да ја подготви предлог-иницијативата за потребата од измени на Уставот, чиј предлагач е Владата.
Во оваа работна група свои претставници нема опозицијата, така што целиот процес поврзан со уставните измени повторно е обвиткан со некаква тајност, имајќи предвид дека никој не открива каков ќе биде опсегот на тие измени. Дополнително, целата постапка се води надвор од вообичаената процедура, односно процесот да започне во собраниската Комисија за уставни прашања, да се отвори парламентарна дебата, но и дебата во јавноста околу потребата и предлозите за уставни измени, да се вклучат експерти, професори, невладини организации, за на крајот сето тоа да финишира со гласање во законодавниот дом.
Во меѓувреме, додека Бугарија и меѓународната заедница засилено притискаат внесувањето на Бугарите во македонскиот устав да се случи што поскоро, поточно процесот да заврши со завршувањето на скрининг-процесот на земјава, албанскиот политички кампус го користи моментот, па како што беше случајот со уставните измени кога се гласаше Преспанскиот договор, сега се обидува и ова отворање на Уставот да го искористи за сопствената етноексцентрична агенда, поточно со впишувањето на Бугарите во пакет да влезе и барањето за бришење на терминот „20 отсто“ што се однесува на употребата на албанскиот јазик и на тој начин тој да стане официјален на територијата на целата држава. Шефот на дипломатијата Бујар Османи, иако првично тврдеше дека нема потреба процесот да се оптоварува со дополнителни барања, сега ретерира од оваа позиција и вели дека ако се постигне согласност меѓу партиите, тој нема ништо против за дополнителна промена на Уставот и покрај Бугарите, да се избрише и делот со „20 отсто“.
И додека сите лицитираат и го користат моментот пред евентуалното ново отворање на Уставот поаѓајќи од сопствени позиции, деновиве повторно се актуализира и идејата ако веќе се отвора највисокиот правен акт во земјава, тогаш да се смени и државниот грб, иницијатива што првично започна некаде во 2014 година.
– Да се најдат решенија што ќе овозможат поголема нивна идентификација во рамките на Уставот или во рамките на уставноправниот, на политичкиот систем. Во минатото имаше такви заложби на дел од опозициските партии. Можеби враќањето на старата дебата некаде од 2014-2015 година за менување на актуелниот државен грб на државата, нешто што како проект беше започнато од минатата влада, беше обезбедена согласност од ДУИ, е еден од начините како да се овозможи земање предвид на интересите, на заложбите, на најголемиот дел од конзервативниот дел од државата, но истовремено да се најде начин како резултат на таквата отстапка/решение да се дискутира со опозицијата и да се обезбеди нејзина согласност околу текстот на уставните измени – предложи универзитетскиот професор по политички систем и поранешен пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Спасеновски, во гостување на ТВ Сител.
Од овој предлог се огради опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а премиерот Димитар Ковачевски повика предлозите да се канализираат преку Комисијата за уставни измени.
Ако не се почитува Уставот, не се почитуваат ниту народот ниту државата, ниту пак правото и суверенитетот
Од погорекажаното, несомнено станува збор за пуштање пробни балони и политичко надмудрување на релацијата позиција – опозиција околу уставните измени. Но она што е далеку позагрижувачко, тоа е контекстот во кој се ставаат сите овие предлози – преку интервенции во Уставот да се задоволуваат одредени политички апетити, како на едните така и на другите?! Дали воопшто некој релевантен политички субјект, институција или барем поединец размислува за импактот на карактерот на државата, за актуелната ерозија на државното уредување со лицитирањето што тежнее кон рекомпонирање на одредбите во Уставот, а со тоа и на државата и народот, што всушност е арматурата на нашиот македонски државен ентитет?!
Никако не смее да се дозволи ново масакрирање на Уставот, во насока на „франкенштајновска“ творба во која повеќе никој не ја препознава суштината.
А притисокот за нови измени, според соговорниците, дополнително ќе се зголемува. Повеќе од јасно е дека македонскиот устав со многубројните интервенции веќе е целосно обезличен, непрепознатлив, девалвиран, воопшто не се почитува, а згора на тоа, секој си зема за слобода сам да го толкува на начин онака како што му одговара и повремено да нафрла што би можело во него да се менува. Причините за тоа треба да се бараат во леснотијата со која досега се интервенираше во највисокиот правен акт во земјава, нешто што во развиените демократии речиси и никогаш да не се случува, поточно каде што уставите се исти онакви какви што биле донесени пред 100 и повеќе години.
Оцена на познавачите на политичките состојби во земјава е дека од нашиот устав е направена „македонска турли-тава“, менувајќи го за дневнополитички потреби и „условување“ од страна на политичките партии во Собранието.
Познавачите на уставните околности се согласни дека Уставот не е предмет на лицитирања, пазарења и желби, при што секој може да кажува што би сакал да се вметне во него.
– До денес Уставот имаше претрпено многу амандмански промени и станува нечитлив, концептуално нејасен, правно и политички конфузен… Човек тешко може Преамбулата да ја прочита, бидејќи тоа е огромна реченица, а камоли да ја разбере. Суштината на преамбулата е концептуално непрепознатлива и не дава јасни правно-политички белези за суштествените особини на државата. Токму во уставната преамбула треба да има акумулирано исклучително силна енергија што му дава живот на целиот нормативен дел на Уставот што следува понатаму. Уставната преамбула треба да содржи најсензитивна супстанција на Уставот и фундаментите на македонската држава, чија генеза и дефинирање се пронаоѓаат токму тука, во преамбулата. Затоа, доколку се размислува воопшто за измени, според соговорниците професори по уставно право, тежиштето на размислувањата треба да бидат токму насочени кон преамбулата, од каде што понатаму ќе биде проектиран нормативниот дел.
Треба да се отвори една поширока дебата со вклучување на сите уставни експерти за да се направи нов устав што нема да се менува како сегашниот. Кога не се почитува Уставот, не се почитуваат ниту народот ниту државата, ниту пак правото и суверенитетот – потенцираат познавачите на уставните состојби.