По барањето упатено минатиот месец од Теодорос Русопулос, претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), Венецијанската комисија на Советот на Европа објави итен извештај за условите и правните стандарди што му дозволуваат на еден уставен суд да ги поништи изборите. Извештајот е поттикнат од некои елементи поврзани со неодамнешниот случај во Романија. Но за издвојување е дека прашањето поставено до Венецијанската комисија е принципиелно и од општа/генерална природа и се однесува на „анализа на општото споредбено уставно право и европските и меѓународните стандарди“!
Венецијанската комисија со мислење за правните услови и стандарди што дозволуваат уставен суд да поништи избори
Венецијанската комисија објави итен извештај за условите и правните стандарди што му дозволуваат на еден уставен суд да ги поништи изборите. Извештајот е поттикнат од некои елементи поврзани со неодамнешниот случај во Романија (за потсетување, тоа се елементи што се однесуваат на „поништување на изборите поради надворешното влијание на друга држава, потоа за улогата/влијанието на дигиталните технологии во изборните кампањи итн.). Според правните експерти, не е на Венецијанската комисија да ги процени фактите во романскиот случај ниту да ја испита одлуката донесена од романскиот Уставен суд. Меѓутоа, прашањето поставено до Венецијанската комисија е принципиелно и од општа/генерална природа и се однесува на „анализа на општото споредбено уставно право и европските и меѓународните стандарди“!
Венецијанска комисија: Меѓународните стандарди начелно не наметнуваат или забрануваат одлуки на уставните судови по службена должност
Во извештајот се нагласува дека уставниот суд може да ги поништи изборите само во одредени околности – и под услов да се почитуваат голем број услови и гаранции.
Во рамките на овие услови и гаранции, Венецијанската комисија во својот извештај дојде до неколку заклучоци.
Меѓународните стандарди начелно не наметнуваат или забрануваат одлуки на уставните судови по службена должност. Имајќи предвид дека судовите, вклучувајќи ги и уставните судови, се карактеризираат со тоа што реагираат на одредена ситуација наместо да преземаат иницијатива, Венецијанската комисија смета дека овластувањето на уставните судови да ги поништуваат изборите по службена должност треба да се ограничи на исклучителни околности и јасно да се регулира, со цел да се зачува довербата на гласачите во легитимноста на изборите.
Поништувањето на изборите може да се дозволи само во исклучителни околности (начело ultima ratio). Кодексот за добро однесување во изборните прашања бара ефикасен систем за жалби и особено предвидува дека „жалбениот орган мора да може да го поништи гласањето доколку неправилност можела да влијае на резултатот“.
Треба да биде можно да се оспорат изборните резултати врз основа на прекршување на изборните права, слободи и интереси не само од државата туку и од јавни и приватни учесници во изборниот процес – имајќи предвид дека државата има позитивна обврска да гарантира слободни избори и фер кампања.
Процедуралните гаранции се од суштинско значење, како што укажува судската практика на Европскиот суд за човекови права, и секоја одлука за поништување на изборите мора да биде доволно објаснета, јасно наведувајќи ги фактите што докажуваат сериозни нерегуларности.
Кога слободата на изразување ги надминува дозволените граници?
„Пропагандата на кампањата“ генерално спаѓа во опсегот на слободата на изразување, освен ако не ги надминува дозволените граници, на пример ако има форма на говор на омраза против политичките противници. Иако онлајн кампањата базирана на платформи за социјални медиуми може да биде нова по својата форма и влијание, нејзината употреба сепак треба да подлежи на општите правила за финансирање и транспарентност на кампањите.
Законските пречекорувања извршени преку кампањи на интернет и на социјалните мрежи тешко се докажуваат. Добро образложени и транспарентни одлуки се клучни. Тие мора прецизно да ги идентификуваат законските пречекорувања, а доказите не смеат да се засноваат само на доверливи разузнавачки информации (кои може да се користат само како заднина), бидејќи тоа нема да ги обезбеди потребната транспарентност и проверливост.
Венецијанската комисија со мислење непосредно пред парламентарните избори во Германија
Мислењето на Венецијанската комисија доаѓа непосредно пред парламентарните избори во Германија, каде што сопственикот на социјалната мрежа Икс веќе јавно ги кажа своите симпатии за партијата АфД. Токму тоа ги поттикна опонентите на суверенистичката германска партија АфД да реагираат, бидејќи „социјалната мрежа Икс може да се искористи за да се влијае врз гласачите“.
Натаму, Илон Маск исто така испрати остри критики врз премиерот на Обединетото Кралство, застанувајќи зад политичките опции во Британија што се симпатизери на трампизмот. Ова некако многу личи на т.н. ефект на бумеранг, кога ќе се направи споредба на горенаведените појави, компарирани со појавите во Македонија, токму во пресрет на избори.
Имено, во Македонија ние се навикнавме странските дипломатски претставници, па и странски државници, да даваат свои мислења или тие на нивните земји и директно или индиректно да бидат вклучени во изборните процеси или референдумите за да влијаат на конечните резултати. Сега, кога во пресрет на избори во некои од земјите на ЕУ (на пр. во Германија), релевантни глобални политички чинители се јавуваат со свои мислења и активираат свои ресурси (на пр. социјалната мрежа Икс), кои можат да влијаат на мислењето на електоратот (а тоа мислење да биде спротивно од досегашното т.н. либерално), тогаш сѐ уште актуелните европски политички елити го мобилизираат сиот свој арсенал на алатки и инструментариум за да ја задржат својата позиција. Во една таква состојба се препознава горенаведениот ефект на бумеранг, дека всушност постапките што претставници на Унијата (дипломати и специјални пратеници) ги практикувале на просторите на Балканот, вклучувајќи ја и Македонија, сега на сличен начин тие ги чувствуваат и на својот грб (им се враќаат „од глава“), но сензибилитетот, се разбира, кога е на сопствена кожа, е сосема поинаков и повеќе боли.
Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Стразбур
Краток осврт на некои од надлежностите на македонскиот Уставен суд
1. Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот! Тој одлучува и за согласноста на други прописи со Уставот и законите, како и за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и здруженија на граѓани. Тоа е т.н. контрола на уставноста и законитоста на Уставниот суд над нормативните акти, што се остварува само врз важечки акти. (Забелешка: Превентивната контрола на Уставниот суд не е предвидена како можност во Уставот, дури ни за меѓународните договори).
2. Експертите ни издвојуваат дека „статусот на меѓународните договори во правниот систем, од аспект на надлежноста на Уставниот суд, сам по себе е недоволно јасен, а во практиката на Уставниот суд засега преовладува сфаќањето дека тие не може да бидат предмет на уставносудска оценка! Ова повеќе соговорниците го нагласуваат во врска со некои иницијативи во јавноста, Уставниот суд да ја оцени уставноста на Преспанскиот договор, како и на Договорот за добрососедство со Бугарија.
3. Освен законите, колективните договори и програмите и статутите на политичките партии, чија идентификација е едноставна, пред судот може да се оспорат различни видови други нормативни акти што на општ начин регулираат определени прашања (правилници, уредби, одлуки итн. на државните и органите на локалната самоуправа или на организации што вршат јавни овластувања). Притоа, судот ја прифаќа надлежноста и кога станува збор за акт што не ја задоволува формата на пропис, но очигледно регулира одредени прашања на општ начин. Во рамките на оваа надлежност, судот може да одлучи за уставноста или законитоста на актот во целина или во одделни делови и членови, во зависност од наводите во иницијативата и сопствената оценка.
4. Според Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Предмет на оцена во рамките на оваа надлежност се поединечните акти и дејства на органите на јавната власт за кои граѓанинот смета дека му повредуваат некое од наведените уставни права.