Денес се гласа за (не)доверба во Европскиот парламент за претседателката на европската влада, Фон дер Лајен, за аферата „Фајзергејт“
Во понеделникот претседателката на Европската комисија (ЕК) се појави на пленарната седница на Европскиот парламент (ЕП) во Стразбур, четири дена пред клучното гласање (кое треба да се одржи денес) во врска со давањето (не)доверба на претседателката на европската влада за инволвираноста во големата афера „Фајзергејт“, за вакцините против ковид. Предлогот за недоверба во ЕП е поддржан од 74 европратеници, а го поднесе романскиот европратеник Георге Пипереа од групата Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР). За потсетување, главното обвинување во „импичментот“ беа „недостигот од транспарентност и лошото управување во контекст на пандемијата на коронавирусот“. Имено, Фон дер Лајен преговарала директно со извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла, за купување на 1,8 милион дози вакцини, во вредност од 26 милијарди евра. Но претседателката на ЕК одби да ја обелодени кореспонденцијата (како и СМС-пораките) помеѓу неа и Бурла, што предизвика лавина реакции, па и инструкција (одлука) на Судот на правдата на ЕУ, за кореспонденцијата да биде обелоденета.
Во тој контекст, претседателката на европската влада во понеделникот, на пленарката на ЕП, распали со обвинувачки флоскули кон иницијативата за „импичмент“, како и кон подносителите дека се служат со „најстариот трик на екстремистите“, дека употребуваат „стари рецепти на екстремисти“, дека се „антиваксери“ и дека се „обожаватели на Путин“. Таа посебно се осврна кон романскиот европратеник Пипереа (поднесувачот на иницијативата за недоверба), при што директно го обвини за „дестабилизација на европските институции преку лажни обвинувања и теории на заговор“. Претседателката на ЕК долго и жестоко критикуваше на пленарната седница на ЕП, но, според извори од парламентот, таа не понудила противаргументи што ќе имаат поголема специфична тежина од оние што се наведени во иницијативата за изгласување нејзина недоверба. Сепак, истите извори од ЕП велат дека „предлогот за недоверба“ е невозможно да помине, иако центристичките сили во ЕП (ЕПП, социјалистите, зелените и либералите) имаат замерки за работењето на претседателката на Европската комисија, но тие апсолутно одбиваат да поддржат иницијатива поднесена од десно ориентираните, суверенистички партии во ЕП. Така, според изворот од ЕП, политикантството и таквите непринципиелни комбинаторики повторно ќе победат, а Европскиот парламент уште еднаш ќе покаже пред Европа и пред светот дека тоа е само уште еден инструмент на одредени касти и центри на моќ, а не највисокиот законодавен и правен дом на ЕУ.
Пример за политичка еквилибристика: Принципиелни политики или пријателство меѓу Џорџа и Урсула
Предлогот за гласање недоверба на Урсула фон дер Лајен во Европскиот парламент е голем проблем за италијанската влада, а најголем за премиерката Џорџа Мелони. Доколку ја поддржи, таа ќе му се спротивстави на потпретседателот Матео Салвини, кој веќе изјави дека ќе гласа за предлогот за недоверба, а доколку не го стори тоа, може да го ризикува консензусот во својата партија, Италијанските браќа, бидејќи мислењата за довербата на Урсула се поделени.
Трите партии на италијанската влада имаат три различни ориентации во однос на европската политика. Лигата навести дека ќе гласа за предлогот за недоверба, Форца Италија ќе се спротивстави на тоа, нагласувајќи ја довербата на Урсула, а Италијанските браќа се во сомнеж. Освен поделбите во рамките на десното крило на владата, на тест е и пријателството меѓу Џорџа и Урсула.
Тоа е доста чувствително прашање за партијата на Мелони, бидејќи во изминатите години постојано тврдеше дека договорите со „Фајзер“ се нетранспарентни и ја критикуваше Фон дер Лајен за наводно фаворизирање на компанијата од нејзината земја, Германија. Дури и кога беше во опозиција, во 2021 година, во Владата на Марио Драги, Мелони го дефинираше начинот на договор како „скандалозен“. Според тоа, за Малони прашањето за гласање е прашање на кохерентност во однос на нејзините ставови пред гласачите. Особено откако „Фајзер“ во Италија стана предмет на доста лично насилна антиваксерска пропаганда.
Покрај сето тоа, тука е и фактот дека денеска и утре (четврток и петок) во Рим се одржува Конференција за обнова на Украина, настан за кој Мелони многу се грижи, со цел да ја потврди својата блискост со Володимир Зеленски, а на кој Урсула ќе учествува со истите ставови за Киев како и Џорџа.
Главната дипломатска советничка на Фон дер Лајен, Елизабет Белони, која работи во кабинетот на Европската комисија (ЕК) од јануари годинава, откако претходно ја напушти функцијата директорка на италијанската тајна служба, поднесе оставка. Формално, оставката на Белони нема никаква врска со кризата во Европската комисија, туку е поради „лични причини“. Но, во европските кругови се зборува за криза со шефот на кабинетот на претседателката Фон дер Лајен. Белони продолжува да работи до септември, а потоа се враќа во Италија.Р.С.