Кус пресек на турнејата на претседателката на Европската комисија низ Западен Балкан
Претседателката на европската влада, Фон дер Лајен, ја започна својата регионална турнеја низ Западен Балкан во понеделникот, со посета на Тирана и Подгорица. Потоа во Сараево се сретна со членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина. Претседателката на Европската комисија завчера ги посети Белград и Приштина, а својата турнеја низ Западен Балкан ја заврши со посета на Скопје. Што направи таа на својата турнеја и кои беа нејзините пораки?
Прва станица – Албанија
- Зборувајќи на заедничка прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама, Фон дер Лајен го пофали „зачудувачкото и извонредно рекордно забрзување“ на Албанија во нејзиниот процес на пристапување кон ЕУ во последните неколку години
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во понеделникот изјави дека Албанија е „на вистинскиот пат“ кон членство во Европската Унија, откако ја започна својата турнеја низ Западен Балкан со посета на Тирана.
Зборувајќи на заедничка прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама, Фон дер Лајен го пофали „зачудувачкото и извонредно рекордно забрзување“ на Албанија во нејзиниот процес на пристапување кон ЕУ во последните неколку години.
– Пет од шест преговарачки кластери веќе се отворени. Планираме да го отвориме последниот есенва – рече таа, додавајќи дека ЕУ ќе ја поддржи целта на Албанија за затворање на преговорите за пристапување до 2027 година.
Фон дер Лајен нагласи дека „геополитичкиот момент е сега“, нагласувајќи дека тековната војна во Украина го преобликува континентот и дека „секоја европска нација мора да го избере своето место“.
– Албанија го направи својот избор, многу јасно. Вие сте целосно усогласени со надворешната и безбедносната политика на Европската Унија. Заедно дејствуваме како едно – рече таа.
Фон дер Лајен, исто така, го истакна Планот за раст на блокот за Западен Балкан, кој има цел да му овозможи на регионот поголем пристап до единствениот пазар на ЕУ во замена за клучни реформи. Таа најави исплата на речиси 100 милиони евра (115 милиони долари) за Албанија според планот, истакнувајќи дека вкупната поддршка би можела да достигне речиси една милијарда евра.
Таа, исто така, посочи на силната јавна поддршка за членство во ЕУ во Албанија, велејќи: „Неодамнешната анкета покажува дека доколку денес се одржи референдум, 92 отсто од Албанците би гласале за членство во ЕУ“.
Албанија аплицираше за членство во ЕУ во 2009 година, додека преговорите за пристапување започнаа во 2022 година. Р.С.
Втора станица – Србија
- Начинот на однесување и изјавите при посетата на Урсула фон дер Лајен на Белград се најдобриот знак оти притисокот на Брисел врз Србија го достигнува својот врв и дека ЕУ сè повеќе го губи трпението со официјален Белград
Не е тајна дека Брисел со сите сили се обидува да ја вклучи Србија во своето полноправно членство и со тоа да ја оттргне од сферата на руско влијание, како и фактот дека не е толку вознемирен од недостигот од почитување, од страна на Белград, на владеењето на правото, слободата на медиумите, толеранцијата и слични идеолошки детерминанти според стандардите на ЕУ колку од геополитичката приврзаност на Србија кон Кина и Русија како стратешки партнери.
Всушност, клучното прикриено барање на Брисел кон Белград за прием во ЕУ е она што повикува на воведување антируски санкции во согласност со начинот на кој Европската Унија го направила тоа и продолжува да го прави. Засега, Белград цврсто се спротивставува на ова, но исто така е повеќе од видливо дека поради својата политика (рамнотежа кон сите глобални сили) брзо станува заложник на сè посложените и опасни глобални геополитички процеси во кои има сè помалку простор и можност за неутралност или неврзаност. Тој штотуку го доби најголемиот санкционен удар досега, испратен од САД во вид на санкции поврзани со енергетската соработка на Србија со Русија, што е жешка тема во Србија и пошироко последните денови.
Лидери на Европската комисија веројатно сфатија дека токму сега е последниот и најповолен момент да му го зададат последниот удар на српскиот претседател Александар Вучиќ и да го принудат да ги направи бараните отстапки, бидејќи неговата земја се соочува со заканувачка голема енергетска криза во наредните зимски месеци. Ве потсетуваме дека САД неодамна официјално воведоа санкции против државната енергетска компанија „Нафтена индустрија Србија“ (НИС), која е во мнозинска сопственост на рускиот енергетски гигант „Газпром“.
Затоа, воопшто не е чудно што претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, беше во Србија, бидејќи нејзината посета е најдобриот знак оти притисокот на Брисел врз официјален Белград го достигнува својот врв, но и дека ЕУ сè повеќе го губи трпението со Србија.
Фон дер Лајен завчера изјави дека Србија мора „да биде конкретна во врска со приклучувањето“ кон ЕУ, повикувајќи на почитување на владеењето на правото, изборните реформи, слободата на медиумите и санкциите против Русија.
– Треба да видиме поголема усогласеност во нашата надворешна политика, вклучително и санкциите против Русија – рече Фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград.
Со години, српскиот претседател се обидуваше дипломатски да балансира помеѓу Европската Унија и неговите силни врски со Русија, како и со Кина, која значително инвестираше во српски рудници.
Фон дер Лајен рече дека потребните реформи бараат „трпение и издржливост“, но таа го повика Вучиќ да усвои инклузивен пристап и да ги постави темелите за „постабилно и помирно општество“.
Масовни антивладини протести ја потресуваат Србија речиси една година, откако фаталниот пад на покривот на железничката станица во Нови Сад предизвика обвинувања за корупција и повици за предвремени избори.
Во меѓувреме, американските санкции насочени кон Русија силно го погодија нафтениот сектор на Србија, при што најголемата нафтена компанија во земјата е погодена од долгоодложуваните мерки претходно овој месец. Но договорот за гас меѓу Белград и Москва истекува на крајот од годината, а Фон дер Лајен ја истакна поддршката што им се нуди на европските нации по избивањето на војната во Украина. П.Р.
Последна станица: Македонија
„ЕУ целосно ја поддржува Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ, но потребно е властите во Скопјe да ги спроведат договорените уставни измени“. Ова е главната порака од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, упатена по нејзината посета на нашата земја.
– Вашиот следен и единствен чекор пред отворањето на преговорите е јасен, а тоа е имплементирање на уставните измени. Топката е во вашиот двор. ЕУ е подготвена – напиша Фон дер Лајен.
Претходно, прес-службата на македонската влада објави дека премиерот Мицкоски на средбата со Фон дер Лајен нагласил оти земјата очекува јасна и конкретна посветеност од Европската Унија, како потврда за европската перспектива и поддршка за граѓаните, кои со децении останале посветени на европските вредности.
На средбата се разговарало за европската перспектива, напредокот во реформските процеси, економската соработка, енергетската безбедност и дигиталната трансформација, се вели во соопштението. За време на престојот во Македонија, Фон дер Лајен се сретна и со претседателката на Република Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, како и со претседателот на парламентот, Африм Гаши. П.Р.