Припадниците на македонското малцинство од Република Албанија преку своите здруженија и организации, како и политичката партија Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), веќе подолг период активно работат за унапредување на сопствените човекови и малцински права. Во изминатиов период македонското друштво „Илинден“-Тирана неуморно работи на афирмирање на македонскиот јазик во албанското општество, нешто што е особено забележливо во иницијативата за повторно отворање лекторат по македонски јазик на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана, инцијатива од која произлезе и изборот на д-р Славица Свидерска за лекторка по македонски јазик во Тирана
На патот кон целосно остварување на човековите и малцинските права на Македонците во Република Албанија
Покрај иницијативата за повторно отворање лекторат по македонски јазик, македонското друштво „Илинден“-Тирана и нејзиниот претседател Никола Ѓурѓај во изминативе години остварија повеќе средби со претставниците на албанските институции за афирмирање на македонскиот јазик преку поставување повеќејазични табли во соодветните институции.
Тие активности резултираа со конкретни резултати. Народниот правобранител на Албанија позитивно одговори на барањето на македонското друштво „Илинден“-Тирана за поставување повеќејазична табла пред оваа институција, вклучувајќи и на македонски јазик и неговото кирилско писмо. Дополнително, Никола Ѓурѓај оствари и средба со Роберт Гајда, комесар за заштита од дискриминација, на која акцентот беше ставен за поддршка промовирањето на Законот за заштита на националните малцинства, промовирање на културите и секојдневно спроведување на законот, чија цел е да се обезбеди остварување на специфичните права на припадниците на националните малцинства.
– Ова е суштинска неопходност за заштита на идентитет на националните малцинства и гарант на недискриминација и целосна еднаквост пред законот – вели Никола Ѓурѓај.
Македонското друштво „Илинден“-Тирана официјално побара од комесарот за заштита од дискриминација поставување повеќејазична табла, барање што наиде на позитивна реакција. Споменатото друштво исто така се обрати и до Комитетот за национални малцинства на Република Албанија, односно беше побарано поставување повеќејазична табла пред институцијата, вклучувајќи и на македонски јазик и неговото кирилско писмо. Комитетот за национални малцинства на Република Албанија позитивно одговори на ова барање, но од непознати причини повеќејазична табла повеќе од една година не беше поставена. Конечно, деновиве пред споменатиот комитет беше поставена таблата на која може да се забележи и македонскиот јазик.
Претходно, македонското друштво „Илинден“-Тирана испрати реакција до повеќе институции во Република Албанија, меѓу кои и до народниот правобранител, со чиј ангажман беше поставена повеќејазичната табла пред Комитетот за национални малцинства. Поставувањето беше поздравено од македонското друштво „Илинден“-Тирана и Никола Ѓурѓај, кои изразија благодарност до народниот правобранител на Република Албанија.
-Активностите што се насочени кон афирмација на македонскиот јазик во Република Албанија ќе продолжат и понатаму, а систематски ќе бидат решавани и сите проблеми што евентуално би можеле да се појават. Имавме негативен пример со јазичната грешка при употребата на македонскиот јазик на повеќејазичната табла пред институцијата Народен правобранител на Република Албанија. Но по нашата реакција, добивме позитивен одговор за коригирање на грешката – рече Никола Ѓурѓај.
Никола Ѓурѓај нагласува дека македонското друштво „Илинден“-Тирана, како организација што се стреми кон заштита на етничкиот, културниот и верскиот идентитет на припадниците на македонскиот народ во Република Албанија, во иднина ќе ги продолжи своите активности во правец на унапредување на човековите права.
– Од заложбите на македонското друштво „Илинден“-Тирана произлегоа повторното отворање лекторат по македонски јазик на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана и поставувањето на македонскиот јазик пред три државни албански институции. Ова е скромен чекор кон целосно остварување на човековите и малцинските право на Македонците во Република Албанија, но нашиот постојан ангажман покажува дека без упорност ништо не се добива. Во иднина ќе ги продолжиме активностите во афирмацијата на македонските национални особености – јазик, култура, историја итн., но се надеваме и дека ќе добиеме помош и поддршка од македонските институции и новата македонска влада затоа што Република Македонија е матична држава на сите припадници на македонскиот народ, без разлика каде се родени или живеат – рече Никола Ѓурѓај.