Фото: „Нова Македонија“

Перфидни и провидни се игрите на интегративците, кои соочени со големите корупциски скандали и со револтот кај нивното гласачко тело поради изневерените очекувања повторно играат на етноцентрична карта. Сега се обидуваат да наметнат перцепција дека во Македонија всушност треба да има влада со етнички легитимитет, односно таа да биде составена од победниците во македонскиот и албанскиот блок, без оглед што Македонија е унитарна држава и влада формира партијата (или коалицијата) што ќе освои најмногу гласови од граѓаните на територијата на целата држава

Повод: Тезата на потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, за „етнички легитимитет на Владата како услов за државно управување“

Намерата да се маргинализира унитарниот карактер на Македонија како држава од страна на челниците на ДУИ е присутна за време на целото нивно владеење, а тие со години работат на реализација на оваа своја замисла, па дури и отворено го заговараат таквиот концепт на држава составена од два ентитета, македонскиот и албанскиот. Добар дел од овие свои планови интегративците реализираа низ годините додека беа на власт, притискајќи постојано да се носат закони и други подзаконски акти спротивни на Уставот, со кои де факто се воспоставуваше систем на бинационалност и етнизација на институциите. Сега и од позиција на опозиција ДУИ продолжува со истата практика, ширејќи го наративот дека актуелната влада нема етнички легитимитет и дека поради тоа мора да се одржат нови избори, во спротивно ќе имало тензии.
– Мислам дека ВМРО-ДПМНЕ полека ќе сфати дека со влада без етнички легитимитет имаме една дисторзирана ситуација што постојано произведува некакваси тензија во јавноста – изјави потпретседателот на ДУИ и поранешен министер за надворешни работи Бујар Османи во интервју за „360 степени“.

Неполитичка интерпретација од делегитимиран политички субјект

Очигледно ваквата изјава од страна на Османи не може да се протолкува никако поинаку освен како отворена провокација, имајќи предвид дека нему, кога ја вршеше функцијата министер за надворешни работи, не му требаше етнички легитимитет за да се пазари со Бугарија околу македонскиот идентитет. Перфидни и провидни се игрите на интегративците, кои соочени со големите корупциски скандали и со револтот кај нивното гласачко тело поради изневерените очекувања повторно играат на националистичката карта, со надеж дека така ќе ги придобијат граѓаните на своја страна. Затоа сега се обидуваат да наметнат перцепција дека во Македонија всушност треба да има влада со етнички легитимитет (?!), односно таа да биде составена од победници во македонскиот и албанскиот блок, без оглед што Македонија е унитарна држава и влада формира партијата што ќе освои најмногу гласови на територијата на целата држава. Станува збор за политичка влада што го добива политичкиот легитимитет на избори, а колку поголем број граѓани гласале за таа политичка опција, толку и политичкиот легитимитет на таа влада е поширок и подлабок. Тој легитимитет се однесува на сите граѓани, без разлика на кои етникуми припаѓаат, а Владата работи во интерес на сите граѓани, без оглед на нивната етничка, партиска, верска или каква било друга припадност. Токму тој момент му пречи на ДУИ, креирање кохезија во општеството и отфрлање на етноцентризмот. Затоа е опасно да се игра со тезите на оспорување на легитимитетот на владата само затоа што ДУИ не е во власта. Водејќи се по нивната логика, се наметнува прашањето зошто во 2017 година прифатија да бидат дел од влада што, на пример, беше составена од партија што ги загуби изборите и немаше легитимитет од мнозинството Македонци? Логиката е проста. Кога ДУИ е во власт, тогаш може сѐ да помине, но кога е во опозиција и кога се соочува со сериозни внатрепартиски превирања, тогаш се бара некаков етнички легитимитет на владата.
Македонија е унитарна држава и граѓаните одат на избори да изберат одредена политичка опција што нуди програма за сите, а не за одредени етникуми. Затоа и се опасни тезите на ДУИ за етнички легитимитет, бидејќи тоа води кон општествена сегрегација и воспоставување бинационална држава во која ќе има влада на два ентитета, дводомно собрание, двојни институции, за на крајот сето тоа да резултира со поделба на државата. Затоа и не се прифаќаат ниту државните симболи, знамето и химната, бидејќи, според челниците на ДУИ, и тие немале етнички легитимитет и требало да се донесат нови симболи, кои ќе ги отсликувале карактеристиките на „двата најголеми етникума“.
Ова е тотално искривиколчено гледиште на политички систем на државно управување и унитарно уредување, со намера да се даде лажна слика дека постојат етнитети што се градбени единици на системот. Се форсира наративот дека само два ентитета се главни во државата, а сите други мора да се потчинуваат на таквата состојба.
Сега, кога ДУИ го загуби политичкиот легитимитет меѓу гласачите, какво било етнизирање на секое прашање е со намера да се растури државата и таквите тенденции треба да се спречат и разобличат. ДУИ повеќе не е на власт, не ја ужива ниту меѓународната поддршка како порано, така што сѐ повеќе испливува на површина што сѐ правела додека ги имала лостовите на власта.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека ДУИ го загуби сиот кредибилитет да зборува за иднината на државата, така што игра на националистичката карта само колку да го ублажи слободниот пад во кој се наоѓа.
– ДУИ е криминална партија, која е во слободен пад со рејтинг, капацитет и легитимитет, така што тоа што Османи или првите луѓе на ДУИ го зборуваат е важно колку и ланскиот снег – вели Пекевски.
Според него, партија што има свои членови на американската црна листа не може да зборува за легитимитет за ништо, а најмалку да говори за етнички легитимитет во Владата, но и во другите институции.
– Партија што во своите редови има лица што се на црна листа, а биле и се дел од највисоките партиски органи, нема каков било облик на легитимитет да зборува за што било – заклучува Пекевски.


Несериозноста на ДУИ и на Османи како министер за надворешни работи скапо ја чинеа Македонија

За потпретседателот на ДУИ, Османи, било грешка играњето фудбалче во кабинетот на поранешниот прв вицепремиер Артан Груби во Министерството за политички систем и односи со заедниците, но не гледа грешки во носењето закони што се спротивни на Уставот и не се во согласност со забелешките на Венецијанската комисија. Тој не смета дека е грешка што како министер ја стави државата во подредена улога кон Бугарија кога ги таеше од очите на македонската јавност преговорите што ги водеше со бугарската страна, за на крајот земјава да добие лош француски предлог и уште полоша преговарачка рамка со протоколи, кои ако земјава ги исполни во целост, тоа ќе значи идентитетско обезличување на македонскиот народ. Османи не смета ни дека е грешка што како македонски министер за надворешни работи лобираше за Косово наоколу, ниту, пак, мисли дека е грешка одењето на „баци рака“ во Тирана, каде што се делеа инструкции како да се поткопа унитарниот карактер на Македонија. За волја на вистината, земјава ќе беше среќна ако грешката беше само играњето фудбалче во кабинетот на Груби или роденденските забави на Ахмети во истиот кабинет, но, за жал, намерно беа преземени некои чекори во вид на законски и подзаконски акти спротивни на Уставот со кои се инсталираа системски грешки и аномалии што креираат федерален начин на функционирање. С.Т.


Со паушални интерпретации се прекројуваат и омеѓуваат формата и суштината на темелната демократска категорија – ПОЛИТИЧКИ ЛЕГИТИМИТЕТ

Политичкиот легитимитет е неотуѓив и својствен за секој член на општеството. Тоа е право што на поединецот му гарантира можност да учествува во политичкото организирање на заедницата. Во претставничкиот демократски парламентаризам, бројот на собраните мандати ја одредува тежината на политичката легитимност, што се пренесува како политички легитимитет на владата како највисок орган на извршната власт.
Имено, граѓани поединци како дел од електоратот, со изборна дискреција, го даваат својот глас што идеолошки одговара на понудениот политички спектар (политичка програма, а не етничка припадност). Тоа е моментот кога се дава /делегира политичкиот мандат и со тоа и политичкиот легитимитет! (Не е етнички, бидејќи таков и не постои!). Легитимитетот се формира од политичката ориентација на гласачите, а не од етничката припадност. Следствено, „политичкото декларирање во изборниот процес на демократијата делегира политички легитимитет, а не етнички легитимитет“!
Опсегот на политичкиот легитимитет е условен од волјата на електоратот. Уделите на тој легитимитет се одредуваат според изборните резултати на поединечните политички партии, а не според процентот на гласачи припадници на одреден етнички ентитет.
Сега сме сведоци како одредени политички елити, и поединци (како што е потпретседателот на ДУИ, Османи), манипулираат со категоријата легитимитет и со свои изјави и толкувања го прекројуваат, извртуваат, омеѓуваат, па дури и измислуваат нови форми на легитимитет. Таков е случајот со споменатиот поранешен носител на висока државна функција Османи. Ваквиот однос и толкување за политичкиот легитимитет е токму поради фактот што во подоцнежните, постизборни фази, политичкиот легитимитет, а со тоа и политички рејтинг на ДУИ е тотално еродиран и е отуѓен од политичката база, од граѓаните. Па сега се бара некаков легитимитет во етничката база…(?!) Сега Османи искривува или измислува некаков непостоен легитимитет (во случајов етнички легитимитет), различен од политичкиот. Но ниту теоријата ниту праксата не познава таков легитимитет, а уште помалку во една унитарна држава како што е Македонија, каде што носителот на легитимитетот е човекот, граѓанинот, кој во политичкиот систем е политички ориентиран, а не етнички.
Етноцентризмот не учествува во политичкото одлучување, туку политиката и политичката ориентација и идеологија. Така е во теоријата, така е во практиката, а сѐ друго е во насока на искривување на демократијата и создавање предуслови за етничка конфронтација, сегрегација и подгревање национална и верска омраза. П.Р.