Фото: Игор Бансколиев / Илустрација

Шумите се едно од најголемите природни богатства на секоја држава, заедно со минералите, рудите, реките, езерата и морињата. Токму заштитата на природното национално богатство е еден од приоритетите на државите во ЕУ во спроведувањето на политиките за одржливо стопанисување. Како се грижиме ние за шумите, а како го прават тоа во земјите што имаат сличен шумски потенцијал како нас…

СПОРЕДБЕНА АНАЛИЗА: ГРИЖАТА ЗА ШУМИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА И ВО СЛОВЕНИЈА

„Нова Македонија“ направи споредба на состојбите, односот и грижата кон шумското богатство помеѓу Македонија и Словенија, две држави што потекнуваат од некогашната Југославија, држави што имаат слична големина, но и сличен процент покриен со шуми.

Шумскиот потенцијал во Македонија

Шумите се непроценливо богатство на секоја држава, кое заслужува и адекватна заштита и грижа. Се проценува дека во Македонија вкупната шумска површина изнесува над милион хектари и тие зафаќаат околу 40 проценти од нашата вкупна државна територија. Стручните лица велат дека шумите, кои претставуваат македонско национално богатство и бели дробови на земјата, не се доволно заштитени и државата не се грижи во доволна мера за нивниот развој, од кој потоа имаат сите полза, и населението и економијата и екологијата.
Универзитетскиот професор на Шумарскиот факултет Александар Трендафилов вели дека нашата држава не поседува прецизни и точни податоци за големината на шумите во Македонија, бидејќи последниот „попис“ или мерење на овие состојби било извршено во 1978 година, а во моментов евиденција за оваа проблематика водат повеќе институции, како Државниот завод за статистика, Катастарот и ЈП „Македонски шуми“, чии податоци најчесто не се во потполност и целосно усогласени.
– Според некои мои процени, шумскиот фонд на Македонија е околу еден милион и сто педесет илјади хектари шума. Гледано регионално и во европски рамки, нашата земја има голем дел од својата територија покриен со шума, и тоа е добра вест. Лошата информација на оваа тема е што квалитетот на нашите шуми е многу помал во споредба со некои земји од нашето соседство, како на пример Бугарија или Словенија – вели професорот.
Трендафилов објаснува дека заштитата и грижата за шумите во Македонија се впишани и во нашиот устав, па оттука може да се разбере и значењето на оваа функција за државата и нејзините граѓани.
Професорот подвлекува дека иако земјата има свои национални паркови и големи шумски пространства, кои последните години, и покрај пожарите, се зголемуваат во бројност, составот на дрвјата и вегетацијата не е со висок квалитет.
– За да се коригираат овие состојби, потребно е да имаме поголема грижа за дрвјата од онаа што е актуелна во моментов. Политиката продре во сите сегменти од нашето општество, па дури и во овој дел, и таа причини огромни штети на целото општество и нормално и на нашите шуми – вели професорот.
Трендафилов вели дека системски нашата земја се грижи за своите шуми од пред 70 години и тоа е клучниот проблем во кој, за разлика на пример од Словенија, ние многу каскаме во оваа проблематика.
Тој истакнува дека заштитата на шумите е многу битна за Европа и за светот и таа годинава дури и првпат се најде и на меѓународна конференција, на која, освен експерти и еколози, сега седат и политичари.
– Заклучоците од самитот во Глазгов, на кој присуствуваа и македонските државници, се јасна порака дека Македонија треба ригорозно да започне да ги заштитува своите шуми и да ги обновува, особено во годината во која претрпевме големи штети со пожарите и во која се очекува поради недостиг од струја да се зголеми нелегалната сеча на дрвјата – вели професорот.
Професорот од Факултетот за шумарство Николчо Велковски објаснува дека македонската држава стопанисува со своите шуми на начин што сечата на шумите не го надминува природниот прираст на дрвата, нашите шуми се зголемуваат, но квалитетот и структурата на дрвјата се пониски, на пример, во споредба со Словенија.
– Методот за пошумување што го користиме во Македонија е застарен и слаб и тој треба да се замени. Предвидено е да се замени со стратегиските документи, но процесот оди бавно. Ние уште од 2006 година имаме концепт за модерно и одржливо стопанисување на шумите, но сѐ уште не сме го спровеле на терен. Односно ни претстои многу работа доколку сакаме да го постигнеме и достигнеме нивото на кое функционираат земјите од Европската Унија во оваа област – вели професорот.

Како се грижи Словенија за своите шуми

Над 58 проценти од територијата на Словенија, која има слична големина со Македонија, се покриени со шуми. Оваа земја, која е членка на ЕУ, е многу понапредна во своите напори за заштита на шумските пространства.
Професорот Велковски, коментирајќи ги состојбите во Словенија поврзани со грижата за шумското богатство, подвлекува дека оваа земја, која има слични историски корени со Македонија, не може ни да се спореди со нас.
Тоа е така, според професорот, бидејќи Словенија е лидер во ЕУ, па дури и во светот можеби, за креирање политики за грижа за шумите.
– Токму словенечкиот модел, кој по многу работи е сличен на австрискиот и на швајцарскиот, е земен како основа врз која ЕУ веќе го изгради својот акциски план за дејствување во форма на стратегија, која се применува од годинава и ќе важи до 2030 година. Овој модел на развиена грижа и стопанисување со шумите е урнек за сите како треба да се развива и надградува модерното шумарство. Словенија, за разлика од Македонија, има висок процент приватни шуми, и тоа дури над 70 проценти од севкупното шумско богатство. Но дури и во едни вакви околности, правилата за сеча на дрвјата важат еднакво и за државните и за приватните шумски региони – вели професорот.
Словенија, според професорот, во споредба со Македонија, за шумите се грижи во сите фази, почнувајќи од најраната возраст на дрвјата и засадите, па до сечата.
– Токму затоа квалитетот на нивните дрвја е поголем од нашиот, бидејќи дрвјата и шумите ги негуваат во согласност со модерната наука – вели професорот.
Со него се согласува и професорот Трендафилов, кој додава дека искуствата на оваа тема Словенија ги користи неколку века пред Македонија, бидејќи се преземени и практикувани уште од времето на Австро-Унгарија, па надградени во поранешна Југославија.
– Токму долгата традиција на Словенците им е адут што многу тешко можеме да го постигнеме во Македонија – резимира професорот.