Фридрих Мерц / Фото: ЕПА

Унијата на Фридрих Мерц освои 29 отсто од гласовите. Партијата АфД исто така е еден од најголемите победници на овие избори со 19,5 отсто од гласовите, додека СПД на досегашниот канцелар Олаф Шолц претрпе тежок изборен пораз и пад на третата позиција со освоени 16 отсто од гласовите, што претставува историски најслаб резултат за социјалдемократите

Избори во Германија: Длабоки промени по предвремените парламентарни избори

Партиите на Унијата (ЦДУ/ЦСУ) и нивниот кандидат за канцелар Фридрих Мерц се јасни победници на предвремените парламентарни избори во Германија, со што е извесна промената на власта по речиси тригодишното владеење на т.н. семафор-коалиција меѓу СПД, ФДП и зелените, која се распадна. Унијата освои 29 отсто од гласовите, според првичните резултати.
– Унијата победи на изборите. Луѓето сакаат политичка промена и тоа ќе се случи. Фридрих Мерц ќе биде новиот канцелар – рече генералниот секретар Карстен Линеман.
АфД исто така е еден од најголемите победници на овие избори. Според првичните резултати, таа би можела да има двојно подобар резултат во однос на 2021 година и според прогнозите на АРД ќе достигне 19,5 отсто, што е рекорд за АфД на сојузно ниво. Алис Вајдел, која е кандидатка за канцелар од АфД, веќе јавно зборуваше за „историскиот успех“ на нејзината партија, истакнувајќи дека се отворени за коалициски преговори со Унијата.
СПД на досегашниот канцелар Олаф Шолц претрпе тежок изборен пораз и пад на третата позиција, со освоени 16 отсто од гласовите, што претставува историски најслаб резултат за социјалдемократите. Забележан е значителен пад во довербата на граѓаните кон нив во однос на изборната победа од 2021 година кога освоија 25,7 отсто од гласовите.
– Ова беше исклучително горчлива вечер за СПД – наведе генералниот секретар Матијас Мирш, при што призна оти е јасно дека Мерц го добил мандатот за да владее.
Зелените се единствените од трите коалициски партнери во досегашната семафор-коалиција што речиси го задржаа својот резултат од 2021 година, со 13,5 отсто освоени гласови. Третиот партнер во коалицијата, либералната ФДП, се соочува со неизвесност за влез во Бундестагот, бидејќи има изборен резултат од 4,9 отсто, што е под прагот од 5 отсто потребен за влез во парламентот. Левицата, пак, забележа изборен резултат над очекувањата со 8,5 отсто од гласовите.
Допрва треба да се види како ќе изгледа новата германска влада, односно колку Мерц ќе може да ја преобликува германската политика како што му одговара, бидејќи веројатно ќе поминат неколку недели пред коалициските разговори меѓу Христијанско-демократската алијанса на Мерц (ЦДУ/ЦСУ) и другите партии да постигнат договор и Мерц да стане канцелар. Сепак, извесно е оти Мерц ќе ја одведе Германија во друга насока од онаа на актуелниот канцелар Олаф Шолц. Р.С.


Мерц, кој ќе стане највозрасниот германски канцелар во поновата историја, по Конрад Аденауер, сега размислува за враќање на нуклеарната енергија и се залага за порестриктивна миграциска политика, тврдејќи дека ерата на канцеларот Олаф Шолц и семафор-коалицијата веќе е минато

На власт доаѓа највозрасниот германски канцелар во поновата историја

Кој е Фридрих Мерц?

Неполн час по затворањето на гласачките места и објавувањето на првите резултати, Фридрих Мерц прогласи победа на партиите на Унијата и најави дека во следните четири години ќе раководи со влада што ќе се соочи со голем број нерешени прашања.
Мерц е роден кон крајот на 1955 година во Западна Германија и со нешто помалку од 70 години ќе стане највозрасниот германски канцелар во поновата историја, по Конрад Аденауер, кој ја презеде функцијата во 1949 година како прв канцелар на новата Сојузна Република Германија на 73-годишна возраст, пишува „Дојче веле“. Тој е роден во католичко и конзервативно семејство, а член на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) станал во 1972 година како средношколец. Студирал право, работел кратко како судија, потоа работел и како адвокат и како корпоративен адвокат и стекнал широки деловни контакти. Како добар говорник, младиот Фридрих Мерц беше надежта на конзервативното крило на Христијанско-демократската унија, а по повлекувањето од политиката, се врати во парламентот во 2021 година по дванаесет години пауза. Мерц во суштина имаше два политички живота – еден пред канцеларката Ангела Меркел и еден по неа.
Кога Меркел ја презеде власта во демохристијанската парламентарна група во 2002 година, а потоа стана канцеларка во 2005 година, значително поконзервативниот Мерц се повлече и беше далеку од политиката со години, бележејќи успех во светот на бизнисот. Откако Меркел го објави своето повлекување од политиката во 2021 година, Мерц се врати во политиката и постепено напредуваше. Демохристијаните го избраа за претседател на партијата во 2022 година, а дотогаш тој изгради репутација на економски либерален претставник на конзервативното крило на ЦДУ.
Од крајот на летото минатата година, Мерц последователно ги коригираше своите изјави неколкупати, но успеа да го зацврсти новиот курс на Бундестагот на берлинската политичка сцена. Тој сега размислува за враќање на нуклеарната енергија и се залага за порестриктивна миграциска политика, тврдејќи дека ерата на канцеларот Олаф Шолц и семафор-коалицијата веќе е минато. Мерц рече дека е важно што поскоро да се формира нова германска влада. Р.С.


Како ќе се одрази победата на Мерц врз Европа?

Веројатност за промена на политичкиот пејзаж на ЕУ

Конзервативниот лидер Фридрих Мерц ќе ја преземе власта врз најголемата економија во Европската Унија. Минатиот месец, Мерц не успеа да истурка нови миграциски мерки во германскиот парламент, со поддршка на десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД). Тоа означи јасно отстапување од ветувањето на поранешната канцеларка Ангела Меркел за прифаќање бегалци. Од потенцијален пресврт во долгогодишната политика на Германија за нуклеарната енергија, до плановите за рестартирање на германско-француската оска за зајакнување на трговијата со ЕУ, Мерц би можел да го разниша политичкиот пејзаж на Германија и, со еден удар, оној на Европската Унија како целина, наведува реномираниот „Политико“. Р.С.