Пораките упатени од неформалниот министерски состанок во Копенхаген, кој се одржа неодамна во рамките на данското претседавање со ЕУ, само потврдија дека дури и во услови на геополитички предизвици, водечките земји во ЕУ имаат дијаметрално спротивставени ставови за проширувањето, процес што зависи исклучиво од европската добра волја и придржувањето до Копенхашките критериуми. Но дури и во вакви клучни моменти, Унијата нема визија што е приоритет и што е вистински одговор на предизвиците
Повод: Контрадикторните пораки од неформалниот министерски состанок на ЕУ во Копенхаген, во рамките на претседавањето на Данска
Европската Унија не успева да ги постигне своите цели во надворешната политика дури и во финалните моменти на исцртување на линиите на новата геополитичка карта на светот, дотолку повеќе што дури и за процесите што зависат исклучиво од неа, како проширувањето, Унијата не може да изгради единствен став.
Пораките упатени од неформалниот министерски состанок во Копенхаген, кој се одржа неодамна во рамките на данското претседавање со ЕУ, само потврдија дека дури и во услови на геополитички предизвици, водечките земји во ЕУ имаат дијаметрално спротивставени ставови за проширувањето.
Од една страна е Германија, која смета дека само целосно обединета Европа е најдобриот одговор во новата геополитичка состојба, од друга страна е Франција, која и натаму останува на позицијата дека ЕУ со 32 членки нема да биде иста и дека поради тие причини е потребно прво Унијата да ги направи внатрешните реформи, па потоа да се проширува.
Државниот министер за Европа на Германија, Гинтер Крихбаум, истакна дека проширувањето не треба да ги опфати само Украина и Молдавија туку со Балканот да биде заокружена целата европска приказна.
– Не само за Украина, мислам и за Балканот во целина и комплетно, бидејќи ни треба стабилност во овој регион и само обединета Европа е јасен одговор кон Русија и Кина, исто така вклучувајќи ги и САД – порача Крихбаум.
Неговиот француски колега Бенџамин Хадад не се согласува со ваквиот пристап бидејќи смета оти и сегашната Унија е нефункционална, а со повеќе од 30 членки функционирањето ќе биде уште попроблематично. Тој заговара прво внатрешни реформи, па потоа да се оди кон нови проширувања.
– Европската Унија со 30-32 држави утре нема да биде иста, нема да може да функционира на ист начин. Затоа, без да си противречат едни на други, низ разговор, продолжувањето на проширувањето и на реформите и интеграцијата на ЕУ се поважни од кога било – потенцираше Хадад, ставајќи јасно до знаење дека француската позиција е онаа што ја наметна претседателот Емануел Макрон, прво реформирана ЕУ, потоа проширување.
Некои од домашните аналитичари се осврнаа на пораките упатени од неформалниот министерски состанок во Копенхаген, со констатација дека дури и во вакви круцијални моменти, кога светот се наоѓа пред сериозни предизвици, на површина испливуваат поделбите внатре во Унијата.
– Контрадикторните пораки од Копенхаген само потврдуваат дека ЕУ нема компас каде оди. Ако Германија има став дека геополитичка неопходност е да се заврши со проширувањето, а Франција бара внатрешни реформи во вакви моменти, тогаш е јасно дека Европа ќе ја пропушти и оваа шанса да се консолидира и да изгради единствен став за кое било прашање. Логично е кога е нешто неопходно и итно, тоа да се заврши во најкус можен рок преку креативни решенија. Може ЕУ да ги прими сите земји така што ќе им го ограничи правото на глас и вето, како и до некои фондови, сѐ додека не бидат исполнети во целост потребните критериуми. Во тој случај француските стравувања за нефункционална ЕУ со повеќе од 30 членки ќе станат беспредметни. Важно е во овој момент да се исцртаат границите на ЕУ, оти ако Брисел продолжи да чека и да тактизира, можеби тука ќе се исцртаат некои други линии на интерес. Случувањата во светот сега се појасни од кога било, а Европа и натаму не знае што сака – заклучуваат соговорниците.
Шефот на бугарската дипломатија упати писмо со поплаки до европските колеги, со загриженост оти не им минува планираното
Демаскираните протоколи претставуваат само – голи уцени
Некои од земјите членки на ЕУ останаа затечени кога сфатија дека преговарачката рамка е дополнета со протоколи што немаат никаква врска со пристапниот процес и европските критериуми, па затоа почнаа да им станува разбирлива македонската резервираност во врска со уставните измени и внесувањето на македонските граѓани со бугарска самосвест во Уставот
Дипломатските напори на Македонија да ги објасни апсурдите вметнати преку протоколите во преговарачката рамка создаваат извесна доза на нервоза кај официјална Софија, која очекуваше процесот на уставни измени во земјава досега да биде завршен за да може да се реализира и преостанатиот дел од точките во декларацијата од бугарското Народно собрание.
Иако во принцип бугарската страна може да ја држи земјава надвор од ЕУ на неодредено време, како што прави сега, во некои бугарски кругови расте загриженоста дека Бугарија со тоа не добива ништо бидејќи новите геополитички предизвици може за релативно краток период да доведат до промена на начинот на одлучување во Унијата и на тој начин Софија да ја загуби контролата врз евроинтегративниот процес на Македонија.
Затоа шефот на бугарската дипломатија неодамна упати писмо до неговите колеги во земјите членки на ЕУ и до европските институции, преку кое ги информирал „за најновите обиди на Македонија да компромитира важни елементи од европскиот консензус“, мислејќи притоа,на оспорениот протокол пред Уставниот суд.
– Пакет договорот одобрен на европско ниво во јули 2022 година останува единствениот можен пат напред за оваа земја кандидат за ЕУ. За жал, наместо конструктивен дијалог и добрососедски односи, забележуваме политика на конфронтација, провокации и повлекување од преземените обврски, вклучувајќи и целно оспорување на клучните договори пред Уставниот суд во Македонија – пишува Георгиев во писмото.
Тој уште констатира дека не е можно да се промени договорениот европски консензус или која било од неговите компоненти.
– Остануваме на мислењето дека најдоброто решение за иднината на Западен Балкан е учеството на сите држави во овој најуспешен проект наречен Европска Унија. Исто така, подготвени сме да ѝ помогнеме на Македонија да го следи својот европски пат во процесот на реформи, во случај членството во обединета Европа да биде вистински избор на нејзината влада – порачува Георгиев во писмото до своите европски колеги.
Поранешни дипломати и добри познавачи на македонско-бугарските односи го оценуваат писмото на Георгиев како обид за притисок Македонија да го испорача тоа што го прифатила, но и како притисок врз македонскиот Уставен суд, што е најдрско мешање во работењето на една институција на суверена држава.
– Повеќе од извесно е дека на Бугарија ѝ пречи тоа што македонскиот Уставен суд оформи предмет во кој е оспорен протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија, донесен на 17.7.2022 година во Софија, за кој во тек е претходна постапка во која се испитуваат податоците и известувањата потребни за донесување одлука. Бугарската страна е свесна дека содржината на протоколот е спротивна на меѓународното право, па поради тие причини подготвува терен евентуалната укинувачка одлука од страна на македонскиот Уставен суд да ја прикаже како отфрлање на целата преговарачка рамка со ЕУ, што во суштина не е точно. Впрочем, некои од земјите членки на ЕУ останаа затечени кога сфатија дека преговарачката рамка е дополнета со протоколи што немаат никаква врска со пристапниот процес и европските критериуми, па затоа почнаа да им стануваат разбирливи македонските резерви околу уставните измени и внесувањето на македонските граѓани со бугарска самосвест во Уставот. Сите овие досегашни активности од бугарска страна не може да се протолкуваат никако поинаку освен како директно мешање во македонскиот судски систем, откако официјална Софија претходно си зеде за слобода да се меша и во работата на законодавната и извршната власт во земјава – констатираат дипломатите.