Фото: ЕПА

Претставниците на Унгарија во Европскиот парламент (од унгарската Фидес) ќе продолжат да работат на зајакнување на европската и унгарската економија во претстојната пленарна сезона, ќе водат помирлива и антимигрантска политика, ќе се залагаат за одржување на земјоделските субвенции на сегашното ниво и ќе се спротивстават на „притисок од Брисел“

Будимпешта најавува нови политички битки во Европската Унија

Судејќи според најавите што доаѓаат од унгарската владејачка партија Фидес, во наредниот период треба да очекуваме засилени конфронтации меѓу левицата и десницата во Европскиот парламент. Според Чаба Деметер од парламентарната група Фидес, тие ќе продолжат да работат на зајакнување на европската и унгарската економија во претстојната пленарна сезона, ќе водат помирлива и антимигрантска политика, ќе се залагаат за одржување на земјоделските субвенции на сегашното ниво и ќе се спротивстават на „притисок од Брисел“.

Чаба: Либералната бриселска елита не го бара пламенот на мирот, туку продолжува да ја носи палката на воената политика

Имено, Чаба Деметер од парламентарната група Фидес на прес-конференција изјави дека „елитата на Европската народна партија и левицата“ не можат да ги задржат парите од европските фондови на кои има право Унгарија, ниту можат „да ја замолчат моќта на гласовите што не им се допаѓаат, ниту на Фејсбук ниту во Европскиот парламент“. Брисел, изјави тој, сакаше да ја преземе диригентската палка од неуспешната администрација на американските демократи, што беше демонстрирано во коалицијата на либералите, социјалистите и на ЕПП.
– Тие (либералната бриселска елита) не го бараат пламенот на мирот, туку продолжуваат да ја носат палката на воената политика. Во меѓувреме, делегацијата на Фидес работи да стане глас на оние што сакаат мир среде вревата на војната, независна европска економија што ќе ја зачува привлечноста на руралниот живот и ќе ја отфрли миграцијата. Мировната политика и нивото на цените на енергијата се клучни за одржување на нагорната траекторија на унгарската економија – рече тој, додавајќи дека две области се клучни, заштитата на Европа од миграција и продолжување на претходната политика на субвенции за земјоделците.
Тој го критикуваше и ставот на ЕП дека сите земји членки треба да одвојат 0,25 отсто од својот БДП за воена поддршка на Украина, оценувајќи дека тоа ќе биде на директна штета на Унгарија.
– Либералната бриселска елита верува дека овие планови немаат поддршка од јавноста и дека се обиди да се замолчат спротивставените гласови. Таа цел беше во заднината на одбивањето средства за Унгарија и место во ЕК за групата Патриоти за Европа, како и напорите да се зајакне системот за проверка на факти, кој Фејсбук штотуку го укина во САД како алатка за политичка цензура – рече тој.
Критикувајќи ја најсилната унгарска опозициска партија Тиса, предводена од Петер Маѓар, Деметра рече дека таа „целосно се интегрирала во елитата на пактот“. Тој потсети дека европратениците на Тиса гласале против амандманите што ќе ја зајакнат заштитата на европските граници, дека се залагале против ограничувањата на цените на комуналните услуги и оцениле дека Петар Маѓар „води кампања против актуелните земјоделски субвенции“.

Унгарско-американска соработка

Во меѓувреме, во Будимпешта беше најавено дека премиерот Виктор Орбан наскоро повторно ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп, но датумот на нивната средба не е прецизиран. Претходно, шефот на кабинетот на Орбан, Гергели Гуљаш, во интервју за АТВ изјави дека средбата Орбан – Трамп ќе се одржи „во блиска иднина, веројатно во Вашингтон“.
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто ги елаборираше унгарско-американските односи, велејќи дека соработката меѓу двете земји се соочува со „големи можности и нова златна доба по речиси невиденото уништување предизвикано од поранешниот амбасадор Дејвид Пресман“. Сијарто во интервју за ТВ Хир рече дека Пресман ја турна унгарско-американската билатерална соработка на историски најниско ниво, што е особено забележливо ако оваа соработка се спореди со онаа од времето на претходниот амбасадор Дејвид Корнштајн.
Претстои нова златна доба за нашата соработка, бидејќи премиерот Виктор Орбан и новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп се политички сојузници.
– Тие имаат ист пристап кон големите глобални предизвици и слични ставови за главните политички прашања – нагласи тој. Р.С.