Статуа на Конфуциј во т.н. Света земја - Нишан

Се смета дека клучната вредност на традиционалната кинеска култура, во голема мера поврзана со кинеската политика, се наоѓа во определбата за постигнување хармонија. Кинеската надворешна политика, како што се истакнува во азиската држава, низ историјата се придржувала до принципите на прочуениот филозоф Конфуциј (со акцент на човекоцентричноста, меѓусебното почитување, грижата и разбирање меѓу луѓето) за постигнување хармонија во светот, барајќи заемна корист, а не заземање територии или ресурси на други земји. Конфуцискиот морал и мудрост во кинеската дипломатија, пак, јасно се забележуваат преку промовирање на идејата за меѓународно единство и соработка, како и преку залагањето за мировни решенија за постојните спорови и воени конфликти низ светот. На тој начин се стекнува јасен приказ за влијанието на древната мудрост на Конфуциј во кинеското секојдневие и политика

Древна мудрост што ја обликува кинеската визија за заедничка иднина на човештвото

Слушањето на изреките на Конфуциј изговорени од актери во традиционални носии во туристичко село посветено на прочуениот филозоф, во близината на неговото родно место Ќуфу, во извесна мера ве враќа во таа дамнешна доба, истовремено поврзувајќи ја со сегашноста и со иднината преку присутните модерни технологии, со што дава увид во влијанието на древната мудрост на конфуцијанизмот во сите аспекти на секојдневниот живот во Кина, а со тоа и во актуелните домашни и надворешни политики на азиската велесила.
Прошетката низ туристичкото село во кинеската покраина Шандунг, пред неговото официјално отворање за јавноста, всушност претставуваше можност за одредена група новинари одблиску да се запознаат со оставината на Конфуциј. За таа цел беше организирана и посета на светата земја – Нишан, храмот на Конфуциј и на вилата на семејството Конг, локалитети што исто така се посветени на познатиот мислител. Храмот и гробот на Конфуциј, заедно со вилата на семејството Конг, се познати како „трите конфуцијански места“ и тие се на листата на светско наследство на УНЕСКО од 1994 година.
– Веројатно сте слушнале за одредени изреки и мудрости што му се припишуваат на Конфуциј. Тие и денес имаат големо влијание во кинеската култура и секојдневие и ние се обидуваме да ги следиме во нашите животи – посочи кинески новинар откако ја цитираше изреката: „Нели е задоволство да се имаат пријатели што доаѓаат од далеку“, која потекнува од аналектите на Конфуциј, а се однесува на доаѓањето на гости од странство.

Определбата за постигнување хармонија тесно поврзана со кинеската политика

Се смета дека клучната вредност на традиционалната кинеска култура, во голема мера поврзана со кинеската политика, се наоѓа во определбата за постигнување хармонија. Кинеската надворешна политика, како што се истакнува во азиската држава, низ историјата се придржувала до принципите на познатиот филозоф (со акцент на човекоцентричноста, меѓусебното почитување, грижата и разбирање меѓу луѓето) за постигнување хармонија во светот, барајќи заемна корист во меѓудржавните односи, а не заземање територии или ресурси на други земји.
Конфуцијанизмот низ историјата има силно влијание врз кинеската дипломатија преку промовирање хармонија, меѓусебно почитување и добронамерно лидерство како идеали. Конфуцискиот морал и мудрост во кинеската дипломатија јасно се забележуваат преку промовирање на идејата за меѓународно единство и соработка, како и во залагањето за мировни решенија за постојните спорови и воени конфликти низ светот. Од реториката што доаѓа од политичкото водство во Пекинг, извесно е дека Кина останува посветена на мултилатерализмот и меѓународната стабилност.
– Големите сили и малите нации стојат на еднакви рамништа. Ниту една земја не треба да доминира со меѓународната политика. Глобалните правила мора да се почитуваат, а двојните стандарди не треба да имаат место во дипломатијата. Кинеската дипломатија ќе застане цврсто на вистинската страна на историјата и на страната на човечкиот напредок. Ќе му обезбедиме сигурност на овој неизвесен свет. Ние ќе бидеме праведна сила за светскиот мир и стабилност. Ќе продолжиме да ги прошируваме нашите глобални партнерства со еднаквост, отвореност и соработка, активно да го користиме кинескиот пристап во решавањето на горливите прашања и да пишуваме ново поглавје на глобалниот југ – истакна кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, на прес-конференција одржана во Пекинг за време на годишниот Национален народен конгрес во март.

Конфуцијанските норми ја поддржуваат кинеската ориентација кон мир

Вековната ориентација кон мир на кинескиот народ им се припишува на конфуцијанските норми на хармонија, како што наведуваат истакнати академски претставници. Филозофката Шучен Сијанг во својата книга „Кинески космополитизам“ го цитира историчарот Дејвид Канг, кој забележал дека „од основањето на династијата Минг до опиумските војни, односно од 1368 до 1841 година, на просторот на Источна Азија се случиле само две војни“. Мирот што во Источна Азија траел речиси половина милениум, професорката Сијанг им го припишува на конфуцијанските норми на хармонија. А на таканаречениот конфуцијански мир во повеќе наврати се осврна и американскиот економист и директор на Центарот за одржлив развој на Универзитетот „Колумбија“, Џефри Сакс, еден од најценетите светски говорници и аналитичари.
– Помеѓу 1368 и 1839 година речиси немаше никаква војна на овој простор. Кина никогаш не ја нападна Јапонија, ниту Јужна Кореја. Имаше само една војна со Виетнам пред 600 години и таа траеше 17 години. Кина беше доминантна, но не напаѓаше други држави. Некои од историчарите го нарекуваат ова конфуцијански мир. Потребен ни е Конфуциј во западниот свет – наведе професор Сакс при учество на панел на форумот „Боао“ за Азија, одржан минатиот месец во Хајнан, Кина.
Кина има долга листа активности во рамките на својата т.н. мировна дипломатија, особено изразена на Блискиот Исток – преку решавање на меѓусебните несогласувања помеѓу ривалските палестински фракции Хамас и Фатах, до посредување за обнова на односите помеѓу Иран и Саудиска Арабија. А Кина вложува напори и за да промовира мир и дијалог додека се залага за политичко решение преку преговори за војната во Украина. Кинеската дипломатија исто така посветува големо внимание и кон Африка, каде што е забележан напредок во меѓусебната соработка во трговијата, индустријализацијата, модернизацијата на земјоделството и во градењето инфраструктурни капацитети.
– Мирот е во ДНК-та на кинескиот народ. Пријателството со соседите, универзалниот мир и хармонијата без униформност се вредности што се негуваат во кинеската култура со милениуми – напиша своевремено „Синхуа“, објаснувајќи ја мирољубивата природа на кинеската цивилизација.

Визијата за меѓусебна соработка поттикната од конфуцијанизмот

Концептите на Конфуциј за инклузивност и соработката помагаат и за градење меѓудржавни врски додека се продлабочува процесот на глобализацијата. Залагањето за еднаков и уреден светски мултиполаризам истакнато на најголемиот политички настан на годината во Кина – „Две сесии“, се манифестира и преку кинеските иницијативи за меѓународна соработка – „Појас и пат“ и трите глобални иницијативи: за глобален развој, глобална безбедност и за глобалната цивилизација.
Во согласност со визијата предложена од кинескиот претседател Си Џинпинг во 2013 година, Кина активно ќе учествува во реформирање и изградба на системот на глобално управување, односно ќе ја поттикнува изградбата на општество со заедничка иднина за човештвото, создавајќи светла иднина на мирот и развојот во глобални рамки. Токму иницијативата „Појас и пат“ (БРИ) што досега опфаќа 150 држави и над 30 меѓународни организации, служи како платформа за спроведување на оваа визија. Истовремено, над 100 земји ги поддржуваат кинеската иницијатива за глобален развој, иницијативата за глобална безбедност и иницијативата за глобална цивилизација.
Во кинеските медиуми се посочува и дека ставовите на кинескиот претседател Си Џинпинг се длабоко вкоренети во богатите традиции на кинеската цивилизација, особено на конфуцијанизмот. Кинескиот лидер го нагласува принципот на хармонија меѓу човештвото и природата, залагајќи се за одржлив развој што ја почитува еколошката рамнотежа. Се наведува оти овој принцип е очигледен во политиките и иницијативите на Кина што целат да го усогласат развојот со зачувувањето на животната средина.
Кога ќе се земат предвид сите ефекти од учењето на прочуениот кинески мислител Конфуциј врз денешницата, извесно е дека конфуцијанизмот може да понуди решенија за надминување на многубројни глобални предизвици во турбулентни времиња, со што ќе помогне во создавање подобро утре за глобалната цивилизација.

Милко Живковиќ, наш известувач од Пекинг