Фото: Маја Јаневска-Илиева

Конгресот на локалните и регионалните власти на Советот на Европа ги охрабрува европските локални власти да ги пополнат празнините во наставата по регионална историја, со констатација дека пристапот до примарни извори останува проблем во наставата по регионална историја.
Наставата и предавањето на регионалната историја, и во формалното и во неформалното образование, поттикнува чувство на припадност. Додека глобалните и националните наративи се неопходни за разбирање на главните трендови и општите движења, регионалната историја нуди почовечка перспектива, тесно поврзувајќи ги младите луѓе со нивната заедница, култура и наследство, е еден од заклучоците на Конгресот на Советот на Европа, кој расправаше на оваа тема во Стразбур.
Регионалната историја ги зајакнува вештините за критичко размислување на учениците, вклучително и нивната способност да ги деконструираат националистичките наративи што тврдат дека имаат еднострани или ексклузивни права врз регионот. Понатаму, проучувањето на регионалната историја може да им помогне на младите луѓе да ги препознаат псевдоисториските аргументи што ги користат државите со ревизионистички амбиции. Известувачот, Холанѓанецот Петер Дрент од групата на Народните партии, тука заборава да наведе декa и Бугарија во својот однос кон Македонија развива и држи ист говор и однесување кон Македонија и македонската историја, јазик и култура.
Сепак, тој признава дека регионалната историја е потценета и, во повеќето европски земји, во голема мера отсуствува од наставните програми и учебниците по историја. Наставниците честопати немаат обука, материјали и ресурси, вклучително и пристап до примарни извори. Наративите за локалната историја честопати пренесуваат предрасуди и пристрасност. Но колку се моќни наставниците во вакви случаи, како тој на Бугарија, кога официјалната доктрина започнувајќи од академијата, па сѐ до парламентот е на истата линија за негирање на сѐ што е македонско, прикажувајќи ги само нивните видувања за историјата на регионот како вистински, додека сите други ги отфрла. Штета е што Конгресот на Советот на Европа не се осврна на овој проблем поврзан со толкувањето на историјата кога се зборува за регионалната историја, кој ја кочи Македонија на патот кон Европската Унија и ја блокира нејзината иднина. Да не пишуваме и за односот на Грција кон Македонија и наметнувањето на нејзината визија за античката историја на регионот, во кој сите биле Грци. Еден наш соговорник во Стразбур, зборувајќи на оваа тема, само констатира – па зошто тогаш ако Александар Македонски бил Грк, не го нарекле Александар Грчки!

Истиот наш соговорник, инаку со потекло од поранешните југословенски простори, беше изненаден и многу малку запознаен, да не речеме дека ништо не знае со голготата на Македонците од Грција, за децата бегалци, за Граѓанската војна, за присилната асимилација на Македонците, за менувањето на топонимите, за бришењето на трагите на македонската култура и споменици во Грција. Всушност, историски факти што Европа не сака да ги види и ги става под тепихот на заборавот. А притоа продолжувајќи ја неправдата кон Македонците и кон македонската држава. Еден угледен француски историчар, кој важи за голем специјалист за Балканот, во една пригода кога бев млад предавач за геополитиката на Македонија на Катедрата по македонски јазик и цивилизација на ИНАЛКО, преку заедничките студенти што ги имавме ми порача дека јас како Македонец не можам да предавам за историјата на Македонија, како одговор на неговата провокација преку истите студенти му одговорив дека во тој случај, Французите не можат да предаваат за својата историја и со аргумент дека историјата на регионот на Балканот и Македонија, и особено лингвистиката, ја стекнав кај истакнати француски професори – следбеници на основоположниците на славистиката во Франција, Андре Мазон и Андре Вајан, на Универзитетот во Франција во Нанси кај професорите Виктор Балалаеф и Драган Недељковиќ.
Но да се вратиме повторно на Конгресот на локални и регионални власти, кој преку дебата се обиде да го зацрта тоа што можат да го направат регионалните власти за да го промовираат и да го зајакнат инклузивното и плуралистичкото учење за регионалната историја во корист на наставниците, учениците и регионалните заедници низ целиот континент.
Како може да се подобри наставата по регионална историја?
Во усвоената препорака, Конгресот ги повикува локалните и регионалните власти да ги препознаат важноста и комплементарноста на регионалната историја заедно со националната, европската и, пошироко, меѓународната историја и да соработуваат со националните власти за да се обезбедат доволно време, простор и ресурси за настава по регионална историја во училишните наставни програми. Потоа дека треба да се гарантира соодветна обука на наставниците и достапност на квалитетни наставни материјали, особено за чувствителни, контроверзни и трауматски теми во регионалната историја, а наедно да се избегнуваат еднострани регионални наративи или пристрасности.

Понатаму, Конгресот смета дека треба да се поддржи и да се поттикне создавањето дигитални збирки на историски извори (пишани, усни, материјални и визуелни) и составувањето листи и мапи на споменици, археолошки и историски локалитети, музеи и архиви во регионот. Треба да се имплементираат образовни иницијативи што вклучуваат локални и регионални музеи, архиви и други партнери за локално наследство. Важно е, според Конгресот, да се обезбеди дека наставата по регионална историја ја вреднува регионалната разновидност, вклучувајќи ги малцинствата и маргинализираните заедници.
Размислувањето за учењето на регионалната историја може да биде од голем интерес, но се разбира ако се прави тоа на рамноправна основа со покажување на сите аспекти, без никакво наметнување на сопствената визија на другиот. Но поучени од искуството на Македонија со Бугарија и Грција, тешко е да се поверува дека овие две земји би прифатиле да го променат нивниот начин на предавање на историјата, врз кој е изграден нивниот национален мит, не признавајќи го тој на својот сосед.


Нова локална опсерваторија за спроведување на реформските агенди во Западен Балкан

Општините стануваат клучни играчи во европскиот план за раст

Нов проект на Советот на Европа и ЕУ, Локална опсерваторија за спроведување реформски програми (ЛОРАИ), е промовиран во Стразбур. ЛОРАИ ќе ги поддржи реформите на локалната самоуправа во Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија). При промоцијата на маргините од Конгресот за локални и регионални власти беа вклучени и Мрежата на здруженија на локални власти од Југоисточна Европа (НАЛАС), Советот на европски општини и региони (СЕОР) и здруженијата на локални власти од регионот како партнери на проектот.
Локалната опсерваторија за спроведување на реформските агенди (ЛОРАИ) е заедничка програма на Европската Унија и Советот на Европа, која има цел да ги зајакне улогата и капацитетите на локалните власти во Западен Балкан во спроведувањето и следењето на реформските агенди во рамките на инструментот за реформи и раст на ЕУ, клучен елемент на патот на регионот кон пристапување во ЕУ.
Целта на проектот е зајакнување на процесот за следење на спроведувањето на реформската агенда, преку овозможување значајно и ефикасно учество на локалните власти во процесот на реформи.
Потоа, зголемување на капацитетот за ангажирање и застапување на локалните власти преку нивно овластување активно да влијаат врз дизајнирањето, спроведувањето и следењето на реформите и да предлагаат приоритети за политики и инвестиции за следната повеќегодишна финансиска рамка (ПФР) на ЕУ.
Успехот на реформските агенди, според промоторите на проектот, бара институциите на секое ниво ефикасно да ги спроведуваат и следат.
Сепак, неодамнешните процени покажуваат дека локалните власти се само ограничено вклучени во овие процеси. За да се надмине овој јаз и да се зајакне ефикасноста на реформите, потребно е да се поттикнат јавната доверба и одговорност.
Програмата ЛОРАИ ќе треба да воспостави контролна табла со отворен пристап што го претставува влијанието од спроведувањето на реформите на локално ниво, потоа да ги зајакне принципите на инклузивно повеќестепено управување и градење дијалог меѓу сите нивоа на власт и да ги унапреди регионалното учење меѓу врсници и споделувањето знаење.
Заедничката програма на ЕУ и Советот на Европа, ЛОРАИ, ќе ја спроведува Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа во партнерство со Мрежата на здруженија на локални власти на Југоисточна Европа (НАЛАС), Советот на европски општини и региони (СЕОР) и Здруженијата на локални самоуправи во секоја земја корисник.
Програмата ЛОРАИ е заснована на планот за раст на Западен Балкан и е усогласена со Регулативата (ЕУ) 2024/1449, која нагласува инклузивно спроведување на реформите и значајно учество на локалната самоуправа.
Валентина Суперти, директорка за Западен Балкан во Генералниот директорат за проширување и источно соседство на Европската комисија, во однос на програмата изјави: „Структурата за реформи и раст на Западен Балкан поддржува реформи што го забрзуваат приближувањето на регионот кон ЕУ. За граѓаните, напредокот мора да биде видлив и опиплив. Локалната опсерваторија за спроведување на реформските програми (ЛОРАИ) игра клучна улога во овластувањето на локалните власти да ги преточат реформските обврски во конкретни резултати за заедниците и граѓаните, за да можат активно да влијаат врз следењето на реформите. Денес се означува почетокот на плодна соработка“.
Размислувајќи за централната улога на локалните власти во постигнувањето на европските цели, потпретседателката на СЕОР, Мелани Лепултие, забележа: „Нашата мисија во СЕОР е да ги трансформираме општинските искуства во конкретни политики и да ги преведеме рамките на ЕУ во финансирани, секвенционирани и мерливи локални приоритети. Во однос на спроведувањето на ЛОРАИ, ќе им помогнеме на локалните лидери да ги претворат реформите во инвестициски мапи што можат да се интегрираат во следната повеќегодишна финансиска рамка. Понатаму, имаме цел да поттикнеме конструктивна размена меѓу партнерите“.
Програмата е финансирана со 2.222.222 евра за првите две години. Времетраењето на проектот е од март 2026 година до февруари 2028 година, со потенцијално продолжување од уште една година.

Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Париз