Репортажа на нашата дописничка од патувањето во Турција

  • Има што да се види во овие, пред сѐ, одморалишта, кои привлекуваат милиони туристи од целиот свет, без оглед дали се посетуваат во летен, есенски или во зимски период

Чешме, Измир, Кушадаси, археолошкиот локалитет Ефес… се шармантни места на западниот брег на Турција, кои вреди барем еднаш да се посетат. Има што да се види во овие, пред сѐ, одморалишта, кои привлекуваат милиони туристи од целиот свет, без оглед дали се посетуваат во летен, есенски или во зимски период. Таму никогаш не е ладно, а местата пленат со својата шармантност и убавина.

Чешме – познато по прекрасните плажи, тиркизната вода и топлите
извори

Поголема група Македонци се одлучивме малку да одмораме, ама и да прошетаме, да ги видиме убавите и популарни одморалишта. Патувањето со автобус за нашата компактна дружина не претставува проблем, па такa, еден убав септемвриски ден се упативме најпрво во близината на Чешме, каде што се сместивме во преубав хотел покрај Егејско Море. Денот беше планиран за да се одмориме, а следниот да прошетаме и да го разгледаме убавото одморалиште Чешме, кoe e познато по прекрасните плажи, тиркизната вода и топлите извори.
Чешме е сликовит град, кој нуди совршена мешавина на историски објекти, на хотели и ресторани со автентична турска кујна. Посетителите можат да уживаат во одмор на плажа, да спортуваат на вода и да ги истражуваат локалните атракции. Откако прошетавме покрај марината, навлеговме внатре во самиот стар дел на Чешме, каде што забележавме неколку фонтани, а од подалеку ја видовме и тврдината. Градските власти навистина се потрудиле да ја средат тврдината, па во неа да постават музејски поставки, преку кои ја отсликуваат историјата на градот и на пределот. За само шест евра влез, посетителот може да прошета низ тврдината, да има преубав поглед на градот и на марината. Фантастично доживување e од висина да гледаш како се прелева морето во разните сини бои. Потоа следуваше неизбежна прошетка на главната улица на Чешме, во која останал стариот дух, односно зачувана е калдрмата, која раскажува стара приказна. Од двете страни на улицата се наредни многубројни продавници, во некои од нив се продаваат сувенири. Поминавме неколку убави часови низ Чешме, а потоа патот нѐ одведе во соседното гратче Алачати. Прекрасно одморалиште. Шармантно место со ветерници, кои му даваат автентична атмосфера. Откако се запознавме со неколку културно-историски споменици, во слободното време прошетавме низ тесните калдрмисани улици. Воодушевувачки се камените куќи со шарените прозорци. Се чувствува миризбата на лаванда. А низ уличките имаше голем број продавници со злато, но и ресторани во автентичен стил, кои нудат извонредна гастрономија. Алачати навистина плени со својот автентичен шарм и е место што долго ќе го паметам.

Еден ден не е доволен за да се видат сите убавини на Измир

Следната дестинација за прошетка е модерниот и шарен град Измир, со речиси четири и пол милиони жители. Измир е трет по големина град во Турција со 35 окрузи. Метропола, значаен трговски центар, кој и да сакаш во еден ден не можеш да го прошеташ. Најпрво се упативме кон улицата Дарио Морено, именувана по големиот популарен гитарист. На почетокот те пречекува обележјето со гитара на кое е отсликан Морено, а внатре улицата е живописна, автентична со многу цвеќиња. Почувствував убава и пријатна атмосфера. Потоа се искачивме со лифтот Асансор од 19 век, на ридот. Оттаму го имавме најубавиот поглед на Измир, распослан покрај брегот на Егејско Море. Погледот е величествен. Измир се капе во сонцето, покрај морето, а вие се фотографирате од речиси сите страни. Прошетката ја продолживме на плоштадот „Конак“, збирното место на сите измирци, во чиј центар доминира симболот на градот, Саат-кулата од 19 век со четири фонтани. Од спротивната страна се џамијата и Гувернеровата палата, малку подалеку музејот. Изборот е ваш што ќе сакате да разгледате. Можеби само ќе се упатите кон базарот „Кемарилити“ и да поминете едно цело попладне, како мене, шетајќи низ тесните улички, низ продавниците, пазарот. Така можеби ќе го доживеете со сите сетила Измир, во кој живеат и голем број Турци што потекнуваат од нашите простори, град со богата турска култура и природна убавина.

Враќање низ историјата преку посетата на Ефес

Да појдеш во овој предел и да не ги посетиш археолошкиот локалитет Ефес и куќата на Богородица ќе биде голем пропуст. Па така, следниот ден се упативме најпрво кон куќата на Богородица, која се наоѓа на планината Булбул. Се искачивме на ридот и влеговме во убаво уреден простор, во кој се наоѓа малата камена куќа во која Пресвета Богородица ги поминала последните години од животот. Илјадници туристи доаѓаат во посета. Имавме среќа што немаше многу народ, па на раат ја разгледавме, се поклонивме, оставивме пораки за здравје на ѕидот, на кој се ставени милиони желби. Купивме сувенири од продавницата и потоа мала група влеговме во Ефес, еден од најзначајните археолошки локалитети не само во Турција туку и во целиот свет. Древен град, кој годишно го посетуваат милиони туристи. Посетата на Ефес е незаборавно доживување. Не поради тоа што дознав какви материјални докази се откриени на локалитетот уште од бронзено време туку поради фактот што се враќаш назад во историјата и сфаќаш колку луѓето што живееле тука размислувале за секој аспект и се грижеле за просторот. Историјата за Ефес, дека бил основан од воинките Амазонки, а подоцна со него управувале Јонците, Персијците, дека бил во состав на кралството на Лидија, подоцна го освоил Александар Македонски, а во 129 пр. н.е го завладеле Римјаните, можеш да ја прочиташ на интернет или на информативните табли што се поставени во локалитетот. Но да го доживееш Ефес, кој бил главен град на римската провинција Мала Азија и едно од најголемите пристаништа во античкиот период, во чиј процут живееле над 250 илјади жители, е вистинско задоволство, кое не може да се раскаже. Сѐ во Ефес воодушевува, од остатоците од градби по улиците поплочени со мермер, до римската бања, јавните тоалети, римските столбови, Адријановиот храм со четири коринтски столбови украсени со митски обележја, Домицијаниовиот храм, Сенатот, гимназиумот. Буквално стапнав на секој дел од градот, но сепак најголемото внимание кај мене и кај секој посетител предизвикуваат остатоците од Целзиусовата библиотека, кој бил величествен објект, во кој имало над 12.000 книги, кои, за жал, не се зачувани. Едноставно остануваш без здив гледајќи ги монументалните столбови, обновени во 70-тите години од минатиот век, во кои се вградени четирите статуи, кои претставуваат персонификација на најголемите вредности – мудрост, знаење, интелигенција и храброст. Тука туристите најмногу се фотографираат, за да им останат спомените од посетата во Ефес. Потоа продолжуваш кон Агората, а десно е големиот ефески амфитеатар, во кој, за жал, не можеше да се стапне бидејќи се реконструира. И така, разгледувањето на Ефес завршува. Посета на музејот во кој можат да се купат сувенири, во кој, пак, имав можност да поразговарам со девојка, чија мајка потекнувала од Радовишко. Колку е мал светот?

Кушадаси нуди богатство на активности за сите возрасти

Се упативме кон Кушадаси, едно од најпознатите одморалишта во Турција, познато по своите прекрасни плажи, живописни марини и богата историја. Кушадаси е динамичен град што нуди богатство на активности за сите возрасти – од одмор на сончеви плажи и возбудливи спортови на вода, до истражување на блиските историски локалитети како што е Островот на Гулабите. Високо на врвот на ридот те пречекува натписот Кушадаси. Слегуваш од автобус и те пречекуваат љубезните продавачи. Едноставно се препушташ на атмосферата во овој град, кој нуди богат ноќен живот и луксузни хотели, што го прави идеална дестинација за незаборавен одмор на егејскиот брег. Ѝ се препушаш на живописната чаршија, влегувајќи од дуќан во дуќан. Има најмногу продавници за кожа и кожени производи, ама и за текстил. За секого има избор, ама како што посочив домаќините се кој од кој пољубезен, сакајќи да ти продадат што било. Едноставно се препуштив на убавата атмосфера и шетав низ Кушадаси, сакајќи да ги впијам сите убавини од овој град. Со посетата на Кушадаси заврши престојот во сите шармантни места на егејскиот брег на Турција. Сувенирите ќе останат да сведочат за убаво поминатите денови и реализираната прошетка, преку која се запознав со турската култура, традиција, гастрономија. И потврда дека Турција е идеална земја за прошетка со цел запознавање со нејзините убавини.

Каролина Мицевска