Фото: Макфакс

Благодарност до македонскиот народ кој на секаде на македонските патишта излезе да каже гласно „не“. Не на францускиот предлог и не на асимилацијата на македонскиот народ. Тука нема партии, нема поделеност само народ кој се бори за своите правдини. Тука сме сите заедно да кажеме не и не“, истакна Владо Мисајловски од ВМРО-ДПМНЕ кој ја предводи блокадата на патот Велес-Штип кај Сарамзалино.

Тој рече дека ова што сакаат да го направат Бугарите е директно мешање на внатрешното уредување на Македонија поради тоа што сакаат да го измениме Уставот, да ги смениме историјата и учебниците.

– Ние Македонците да си го кажеме својот глас и затоа благодарност до сите граѓани кои дојдоа мирно да го искажат својот гнев затоа што тоа е демократско право. Од друга страна, гледате дека власта на еден нетранспарентен, на еден нехуман начин сака да го пренесе предлогот во парламентот кој не одлучува за тоа. Ова е една парада од Владата дека навидум има некакви консултации во Собрание и да покажат на Европа дека тоа има некаква улога. Нека престанат со лаги и манипулации и народот нека го види тој протокол што го кријат. Ниту новинарите го немаат протоколот. Ние сакаме Македонија да биде стабилна земја и развиена земја, но сакаме и никој да не нè понижува – порача Мисајловски.


Трудница во автомобил со бугарски таблички беше пуштена да помине низ блокадите

Околу 200 учесници во протестот мирно го искажаа незадоволството од францускиот предлог кој предизвика голем револт кај граѓаните.

На почетокот на протестот кога демонстрантите ги оставија автомобилите среде коловоз за да не поминува никој, пристигна возило со бугарски таблички кое сакаше да помине низ барикадите.

Некои од граѓаните негодуваа затоа што среде протест против бугарските барања и францускиот предлог им се појави токму бугарско возило.

Но, откако видоа дека во автомобилот има трудница која е пред породување, веднаш ги тргнаа возилата за да помине семејството, што беше поздравено од сите граѓани како гест со кој се покажа македонското гостопримство.