Во своето експозе на вчерашното годишно собрание на МАНУ, претседателот Љупчо Коцарев експлицитно ги искажа трите предизвици со кои денес се соочува Македонија, а кои сериозно загрижувачки ја детерминираат и нејзината иднина. Кои се тие клучни предизвици за државата
Годишното собрание на Македонската академија на науките и уметностите, покрај значењето на законската обврска поднесување извештај за работењето во изминатата година, во македонската јавност добива на значење како настан на кој интелектуалната и научна елита на државата ги антиципира предизвиците, но и насоките, за развојот на Македонија во претстојната година, секако и во подолгорочна иднина. Во своето експозе, претставено на вчерашното годишно собрание, актуелниот претседател на МАНУ, Љупчо Коцарев, експлицитно ги искажа трите предизвици со кои денес се соочува Македонија, а кои сериозно загрижувачки ја детерминираат и нејзината иднина. Првиот предизвик, според Коцарев, претставува самиот македонски опстој.
– Македонизмот подразбира две работи. Прво, автохтоност на македонскиот народ и на неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет, нагласувајќи, за што пишував и говорев често минатата година, дека македонскиот јазик, како, впрочем, и сите други јазици, не само словенските – има свој просторен и свој временски континуитет. Второ, македонскиот национален супстрат го претставуваат Македонците што живеат во државата Македонија, но и оние во соседството (како државјани на соседните земји, вклучувајќи ги тука и Грција и Бугарија), како и низ целиот свет. Оттука, сите документи што не се конзистентни со основните премиси на македонизмот, а такви се и Договорот за добрососедство со Бугарија и Преспанската спогодба, претставуваат извор на сите наши витални проблеми и значат разнебитување на Македонија. Во врска со македонскиот опстој, би сакал да нагласам дека, според мое мислење, Бугарскиот договор, Преспанската спогодба и промената на Уставот, заедно претставуваат извор на нестабилност во регионот од едноставна причина: секоја држава што својата иднина ја гради врз нелегални или недостоинствени документи, а такви се трите документи наметнати од геополитичките игри на големите сили, е осудена на пропаст – укажа претседателот на МАНУ во своето излагање на Годишното собрание.
Вториот предизвик за Македонија, според Коцарев, произлегува од евроинтегративните процеси, односно од непринципиелноста на ЕУ и немањето желба за понатамошно проширување. Како една од последиците на непринципиелноста на ЕУ во однос на проширувањето, во експозето се наведува „маргинализацијата на значењето и на последиците од фашизмот како идеологија, движење и политика, што предизвикува оправдан сомнеж за потребите Македонија да стане членка на ЕУ“.
– Веќе подолго време ЕУ демонстрира непринципиелност и немање желба за проширување, праќајќи јасни сигнали за Македонија (но и за другите балкански држави) дека полноправното членство во ЕУ ќе остане, според многу аналитичари, неостварен сон. Постојат примери што покажуваат дека сериозни нерешени проблеми, од типот на замрзнати воени конфликти, официјални територијални претензии и негирања на националниот суверенитет, постоеле и постојат, а ЕУ не им поставувала никаков услов за нивно претходно решавање на државите што ги внеле овие проблеми во ЕУ… Има уште една причина, поврзана со маргинализацијата на значењето и на последиците од фашизмот како идеологија, движење и политика, што предизвикува оправдан сомнеж за потребите Македонија да стане членка на ЕУ. Ако ЕУ, преку ветото на една своја членка, како услов за почнување на преговорите, бара од Македонија не само да избрише дел од својата историја поврзана со борбата за ослободување од бугарскиот фашистички окупатор туку и да ја ревидира синтагмата „фашистички окупатор“, што, за жал, е поддржано од дел од македонските политичари, но и од македонските квазиисторичари, зарем тоа не придонесува за разнебитувањето на македонската држава? Поради тоа, се поставува прашањето која е пораката што ЕУ ѝ ја праќа на Македонија. Дали, всушност, вратата на ЕУ-семејството за Македонија ќе биде затворена многу долг период или засекогаш – прашува претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев.
Третиот предизвик, поставен во експозето на Годишното собрание на МАНУ, е целокупната иднина на Македонија.
– Дури и ако се согласиме со неаргументираниот и ненаучен став дека македонскиот народ и македонскиот јазик не се автохтони категории и немаат милениумски опстој во границите на денешна суверена Македонија, но и во сите наши соседни држави, и потоа, поради нашата согласност, добиеме датум за почеток на пристапните преговори, тоа ќе значи Пирова победа – ќе загубиме сѐ што е за нас свето и најмило, нашиот идентитет, култура и јазик, а, согледувајќи ја реално политиката на ЕУ спрема балканските држави во однос на проширувањето, многу е поверојатно дека никогаш нема да станеме членка на ЕУ, отколку дека тоа ќе се случи во далечна иднина. Така, клучното прашање е каква иднина треба да градиме – се наведуваат предизвиците за Македонија на Годишното собрание на МАНУ во експозето на претседателот, во кое понатаму се претставуваат и насоки за достоинствен и принципиелен пристап во соочувањето со нив.
Покрај сето ова, на Годишното собрание беше кажано дека, ако се прифати претходно најавената иницијатива – историјата на МАНУ да започне со 28 октомври 1902 година, денот кога е формирано Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург, во постапка усогласена со актите на МАНУ, во оваа 2022 година ќе се одбележи 120-годишнината од зародокот на МАНУ.
– Главниот извор на денешниве предизвици, што, парадоксално, започнаа со десловенизација на Македонија и завршија со демакедонизација на Македонија. Со ваквиот потег – чествувањето на 120-годишнината на МАНУ, која е должна да ги чува и да ги негува стожерите на македонскиот народ – македонскиот идентитет, јазик и култура, институционално ќе пратиме, ако ништо друго, барем симболична порака дека не сме народ без корен, што, според мое мислење, особено во овие услови, не само што е свето право туку е и света должност на МАНУ да им се спротивстави на сите обиди за демакедонизација на Македонија – потенцира во своето излагање претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев.