Според мислењата на повеќе наши соговорници, универзитетски професори, аналитичари и интелектуалци, токму со името и називот на нештата се претставуваат:
1. идентитетот на субјектот 2. предметот и содржината (битието) на работењето на субјектот 3. суштествувањето и сите активности на субјектот
Во таа смисла, трите имиња на т.н. академија на Албанците претставуваат три различни лица и карактери на споменатиот субјект, со три скалести нивоа, а секое ниво сѐ повисоко и поамбициозно има тенденција за сегментација, сепарација по етнички (албански) линии
Во новиот случај на т.н. академија на Албанцитe, во јавноста се појавија многу реакции, а се отворија многу прашања и дилеми. Во секој случај, не онакви какви што на граѓаните насушно им требаат: како што се иницијативи за кохезија и севкупен национален просперитет, мисловни обликувања и практични иницијативи што би значеле национален исчекор во науката, образованието, здравството, економијата итн. Наместо тоа, се појавуваат повторно некакви анахрони сеништа од минатото што ја деградираат секоја идеја на заедништво, кохезија и конструктивност, со чие остварување би направиле исчекор и кон стратегиските цели: ЕУ, реформи за ефикасно институционално функционирање, владеење на правото, ефикасна економија, социјала итн.
Последниот случај на појавата на некаква „албанска академија“, за која во јавноста е познато дека е именувана со три различни имиња, според низа соговорници и аналитичари, открива заднина што во јавноста предизвикува загриженост. Во интерес на јавноста и јавувањето на граѓаните за дообјаснување на таа појава, повторно се консултиравме со нашите постојани соработници, универзитетски професори, искусни правници, судии и адвокати, при што повторно издвојуваме нивни поенти и ставови.
Кус осврт на значењето на трите различни имиња на „албанската академија“
и што е значењето на секој од тие називи
Имено, регистрираното име во Централниот регистар, „Академско здружение за наука и уметност на Албанците – Тетово“ нема исто значење, идентитет, делокруг на работа, мисија и визија, како името „Академија за науки и уметности на Албанците од Република Северна Македонија“, со кое се идентификува здружението, а кое е поставено како назив на просториите од седиштето во Тетово.
1. Првото име, со кое здружението е легално регистрирано во Централниот регистар, односно „Академско здружение за наука и уметност на Албанците Тетово“, го идентификува субјектот како „здружение на академски граѓани од Тетово, чии членови академски ќе расправаат во насока на поттикнување на развојот на науката и уметноста, што ќе препорачуваат примена на современи методи во научните истражувања“. Според описот на дејноста, во регистрацијата во Централниот регистар, се вели дека тоа здружение на граѓани од Тетово „критички ќе ја оценува состојбата во одредени научни дисциплини преку организирање предавања, трибини, дебати, научни собири, јавни тркалезни маси, проекти, публикации итн.“. Според соговорниците со кои се консултиравме, „се разбира дека здружението ќе биде отворено и за зачленување и на други академски граѓани – Албанци, надвор од Тетово“, затоа што здружението во основачкиот документ декларира дека ќе „развива непосредна научна и уметничка соработка со научни, културни, наставно-образовни и други институции и асоцијации“.
2. Но второто име на „албанската академија“ идентификува нешто сосема друго. Имено, името што е испечатено на канцелариите на здружението во Тетово (а тоа се гледа и од фотографиите од состаноците на членовите на легално регистрираното граѓанско здружение) осветлува едно сосема ново лице и идентитет на субјектот. Имено, тоа е второто „алтер его“ на здружението, кое, како „Академија за науки и уметности на Албанците од Република Северна Македонија“ (испечатено на вратите на седиштето), веќе имплицира феномен на паралелизам, односно, според соговорниците, „воспоставување паралелна институција на нашата државна највисока научна и академска институција – Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ)“. Паралелното егзистирање на една етничка албанска „академија“ во основа означува двојство на институциите на државата по етничка формула, уште попрецизно, тенденција кон државна биполарност, која води кон загрозување на целовитоста на државата. Тоа значи дека со такви и слични општествени феномени, како што е сега појавата на „албанската академија“, уставниот карактер и пред сѐ унитарноста на Македонија се фундаментално загрозени. Паралелната „албанска научна институција“ не попусто цели кон МАНУ. Тоа се прави, според соговорниците, со една умисла, „да биде дезавуирано, раздробено и поделено ткивото на најесенцијалниот супстрат на македонската врвна научна и академска мисла, авангардата на овој народ и држава“.
Соговорниците за „Нова Македонија“ потенцираат дека третиот употребен назив на т.н. албанска академија, односно „Албанска академија на науките и
уметностите“, значи „класичен политички иредентизам под капата на еден еднонационален квазиакадемски-научен ентитет (здружение)“ во чија основа е еден „паналбански (сеалбански) концепт на националистичко движење и идеологии што се заложуваат за спојување на албанските ентитети од сите држави во
регионот и нивно лоцирање и омеѓување во еден друг државен ентитет што во таа држава би бил окрупнет“! Или со поедноставен описен наратив кажано, ова би требало да претстави една „академија на науки и уметности на Албанците од сите држави во регионот на Балканот“!
МАНУ е еден од последните бедеми на македонизмот, градбен елемент на кохезија на македонскиот народ и држава. Затоа, не случајно некој одбира да цели во срцето на Македонија, токму во таа институција.
3. Третото и највисоко скалило на појавата на т.н. албанска академија се идентификува со третото по ред лансирано име за овој субјект. Всушност, тоа име/назив беше лиферувано во јавноста од лидерите на политичката коалиција Вреди. Имено, називот „Албанска академија на науките и уметностите“, според аналитичарите, има многу поширок и подлабок политички габарит. Вклучувајќи ги и последиците од употреба на тоа име се поместувања што се далеку потектонски!
Соговорниците потенцираат дека ова име значи „класичен политички иредентизам“ под капата на еден еднонационален „академско-научен ентитет“ во чија основа е еден „паналбански (сеалбански) концепт на националистичко движење и идеологии што се заложуваат за спојување на албанските ентитети од сите држави во регионот и нивно лоцирање и омеѓување во еден друг државен ентитет што во таа држава би бил окрупнет“!
Или со поедноставен описен наратив, ова е „академија на науки и уметности на Албанците од сите држави во регионот на Балканот“!
Не случајно повторно ова сценарио се совпаѓа апсолутно со анахроното сценарио на недосонуваната албанска „Призренска лига“, односно со концептот на голема Албанија, кој, сакале да признаеме или не, сѐ уште во голема мера е жив, а е толериран од меѓународната заедница.
Континуитет на сегментација и гетоизација од страна на Албанците! Зошто?
Светскиот македонски конгрес (СМК) ја смета за неодржлива и неприфатлива иницијативата на коалицијата Вреди за „албанска академија на науките и уметностите“, онака како што се замислува и прикажува, при што смета дека таа иницијатива претставува анемичен обид за натамошна сегментација и гетоизација на Албанците.
– Наместо нивна интеграција во општеството и државата, со единствена цел – бинационална држава и етничко разграничување по сите основи и на сите нивоа, што е во спротивност со основите на Охридскиот договор од 13 август 2001 година: унитарност и почитување на етничкиот и верскиот баланс во државата, затоа што не постојат територијални решенија за етничките прашања!
СМК смета дека токму формирањето „албанска академија на науките и уметностите“ на етничка основа во Македонија претставува девалвација на науките и уметностите!
СМК потенцира дека македонските даночни обврзници не можат да финансираат академии на сите национални малцинства во државата, доволна е една државна Академија на науките и уметностите за сите!
СМК потсетува дека големината на една цивилизација е во универзалноста на нејзините вредности. А основни вредности на македонската цивилизација на која сите ние заедно припаѓаме се: мирот и љубовта наспроти војната и омразата; толеранцијата и коегзистенцијата наспроти дискредитацијата и сегрегацијата; и културната глобализација што подразбира интеграција со афирмација на помесните етноси, јазици, религии и култури, наспроти корпоративната глобализација, која врз профитните интереси на мултинационалните корпорации врши интеграција со асимилација на помесните етноси, јазици, религии и култури, сѐ до нивна физичка ликвидација од Земјината топка.
За издвојување е и ставот на актуелниот потпретседател на МАНУ, академик Алајдин Абази, по најавата на коалицијата Вреди за формирање „албанска академија на науки и уметности“. Тој инстантно и принципиелно реагираше во насока на тоа дека „не може да има две национални академии на науки и уметности“!
– Според принципите, не може да има две национални академии на науките и уметностите. Имаме една Академија за сите! – изјави академик Алајдин Абази. Н.М.