Причините за ваквиот негативен тренд треба да се бараат во индиферентниот однос на надлежните во изминатите години, кои континуирано ги намалуваат средствата за работа на лекторатите, со што тие се принудени да запрат со работа. Од друга страна, интересот меѓу странците за изучување на македонскиот јазик е огромен и тие со задоволство би го изучувале македонскиот јазик доколку имаат можност за такво нешто
Во време на засилено негирање на македонскиот јазик
Јазикот е клучот на идентитетот на еден народ и токму затоа македонскиот јазик во континуитет е на удар на соседите, кои продолжуваат со негово негирање и обиди да го прикажат како вештачка творба.
Една од алатките со кои Македонија може да се бори во одбраната на македонскиот јазик е негово пошироко афирмирање во светски рамки, а за тоа е потребно отворање катедри и лекторати за македонски јазик низ Европа и светот, за да може јазикот да се изучува и да се употребува од сѐ повеќе луѓе и на тој начин да се одбрани од негаторите.
Но наместо засилување на ваквите активности, се случува обратен процес, бројот на лекторати по македонски јазик на странските универзитети од година на година се намалува и од некогашните 25, колку што имало во време на поранешна Југославија, сега се останати само 11. Колку за споредба, Хрватска има 40 такви лекторати.
Причините за ваквиот негативен тренд треба да се бараат во индиферентниот однос на надлежните во изминатите години, кои континуирано ги намалуваат средствата за работа на лекторатите, со што тие се принудени да запрат со работа.
Од друга страна, интересот меѓу странците за изучување на македонскиот јазик е огромен и тие со задоволство би го изучувале македонскиот јазик доколку имаат можност за такво нешто.
– Летово сум на одмор во Охрид и толку сум воодушевен од дарежливоста на природата во оваа земја, што со задоволство би го изучувал македонскиот јазик бидејќи гледам дека оваа земја е преполна со историја и би сакал уште повеќе да ја проучувам комуницирајќи со обичните луѓе, кои би можеле да ми ги пренесат своите автентични приказни. Во Холандија, од каде што потекнувам, повеќе земји имаат катедри на нашите универзитети каде што може да се изучуваат нивните јазици, така што би било добро и Македонија да го следи нивниот пример и да овозможи Холанѓаните што сакаат да го изучуваат и проучуваат македонскиот јазик, да имаат можност за такво нешто – вели Јан, холандски студент што летните одмори ги минува со своето семејство на охридското крајбрежје.
Заедничка програма за негување на македонскиот јазик надвор од државата
Луѓе од фелата главната причина за ваквиот однос го лоцираат кај поранешната влада, која не покажала елементарен интерес за одржување во живот на лекторатите.
– Причините за затворање на лекторатите се повеќе од јасни, незаинтересираноста на претходната власт да ги одржува во живот. Имено, не издвојуваа доволно средства, така што луѓето што требаше да одат да држат предавања во тие лекторати едноставно не беа доволно платени, не одеа професори, туку помлади асистенти, кои со средствата што ги добиваа не можеа да си го платат ниту сместувањето, бидејќи некаде не им беше обезбеден престој, па нашите лектори што одеа таму буквално гладуваа и затоа добар дел не се нафаќаа и лекторатите згаснуваа – велат познавачите на состојбите.
Според нив, лекторатите потпаѓаат под три ресорни министерства, МОН, Министерство за култура и Министерство за надворешни работи, и сите тие треба да поработат на заедничка програма како одново да заживее процесот за афирмирање и негување на македонскиот јазик надвор од државата.
– Се надевам дека и новата претседателка на државата, преку нејзините ингеренции во надворешната политика, културната дипломатија и слично, ќе направи напор лекторатите одново да заживеат, па дури и да се зголеми нивниот број – истакнуваат добро упатени извори во оваа проблематика.
Новата министерка за образование и наука Весна Јаневска вели дека во програмата на Владата е предвидено одржување на постојните, но и отварање нови лекторати и курсеви по македонски јазик.
– Ако сите заедно, особено државните институции и академските установи, посветат заслужено внимание, како мали македонски културни центри во светските метрополи, ќе добиеме многу како држава. За сите нас е трогателно кога слушаме млади луѓе од странски земји што многу внимателно се трудат да зборуваат на македонски, пеат македонски песни и знаат да одиграат македонско оро. Ако ги оставиме на стихијата, ваквите примери ќе бидат сè поретки – објаснува Јаневска.
Најстари лекторати по македонски јазик се оние во Париз и во Букурешт, а бројот на студенти што го изучуваат македонскиот јазик на странските универзитети е повеќе од 200 лица.