Фото: Маја Јаневска-Илиева

Освен за одговорите на клучните прашања преку кои актуелната владејачка гарнитура пред неколку години го наметна своето владеење, јавноста остана во исчекување на одговорите и за ефектите на владините проекти што во меѓувреме беа промовирани. За еден од нив, дел од јавноста се заинтересира откако некои поединци од дијаспората, деновиве на социјалните мрежи, се пофалија оти се добитници на таканаречените МКарти, со кои македонското министерство за надворешни работи им обезбедило одредени привилегии на „истакнати претставници на дијаспората“, како знак на благодарност за тоа што ја промовирале земјава во странство

ЈАВНОСТА ВО ИСЧЕКУВАЊЕ НА ВЕТЕНАТА ЦЕЛОСНА ВИДЛИВОСТ И ОТЧЕТНОСТ НА ДРЖАВНИТЕ ПРОЕКТИ

Додека на преминот од 2021 во 2022 година преку многубројните прегледи и пресеци се сумираат резултатите од постигнатото, во рамките на кои можат да се најдат и егзактно изразените постигнувања на светските влади, во Македонија таквата практика и годинава изостана. Дали поради ситуацијата наметната од пандемијата, од потребата за престројувања во владините редови или од потврдената нефункционалност на тие што ги опслужуваат владините функционери, администрацијата, граѓаните, освен за конкретно изразените проценти на поскапувањето на струјата и на парното, не беа информирани за состојбата на ниту еден друг релевантен параметар, што повеќе или помалку длабоко допира во нивното секојдневно егзистирање.
Па така, освен за одговорите на клучните прашања преку кои актуелната владејачка гарнитура пред неколку години го наметна своето владеење, јавноста остана во исчекување на одговорите и за ефектите на владините проекти што во меѓувреме беа промовирани. За еден од нив, дел од јавноста се заинтересира откако некои поединци од дијаспора, деновиве на социјални мрежи, се испофалија оти се добитници на таканаречените МКарти, со кои македонското министерство за надворешни работи им обезбедило одредени привилегии на „истакнати претставници на дијаспората“, како знак на благодарност за тоа што ја промовирале земјава во странство.
За потсетување, министерот за надворешни работи Бујар Османи, во мај минатата година, на конференција за новинари го претстави проектот „МКарта“, како симболично признание за „несебичниот ангажман во насока на промоција на државата надвор од нејзините граници од страна на поединци со потекло од Северна Македонија“.
– Во еден подолг минат период, голем број луѓе не само што ја имаат напуштено земјата туку и имаат остварен посебно истакнат професионален и општествен успех таму каде што се наоѓаат. Тоа се успешни доктори, научници, бизнисмени, културни работници итн., кои сакаме да ги привлечеме кон земјава, да им ја зајакнеме врската и да создадеме потенцијал за нивно поблиско вклучување во нашите општествени текови – истакна притоа Османи.

И како што објасни тогаш Османи, идејата била таквите поединци да бидат дел од една поширока мрежа, која подлабоко би била вклучена во општествените текови во државата. Со картата, како што беше наведено, се добиваат одредени бенефиции, како слободен влез на културни настани, музеи и галерии, предност при аплицирање за проекти во рамките на програмите за соработка на Министерството за надворешни работи со поединци и здруженија надвор од Македонија, олеснето регулирање на престој во државата и поддршка во случај на нови бизниси што се создаваат и слично. Беше најавено и дека, во соработка со други владини ресори, ќе се работи на проширување на листата на погодности.
Набрзо потоа на јавноста ѝ беа понудени и материјали од остварената видеосредба со истакнати претставници на дијаспората, кои по предлог на дипломатско-конзуларните претставништва беа избрани да бидат носители на првите МКарти.
Вкупно 68 истакнати членови на дијаспората првично беа избрани да ја добијат картата, а меѓу нив имаше научници, универзитетски професори, лекари, уметници, спортисти, бизнисмени, менаџери и сопственици на компании…
– Со проектот „МКарта“ се создава мост за соработка меѓу дијаспората и Северна Македонија, но и успешна и вредна мрежа на личности што се најдобри во своите професии и кои со својата посебност оставиле белег во новите средини каде што се успешно интегрирани. Целта е да се зацврсти врската со нив, преку дополнителен поттик за заемно изнаоѓање начини за зголемување на можностите за соработка, за поголемо вклучување на дијаспората во општествениот живот на земјава и нивна натамошна активна улога во промоција на нашата држава во странство – беше соопштено при објавата на имињата на добитниците и најавата дека листата ќе се проширува зависно од предлозите што ќе пристигнат од страна на дипломатско-конзуларните претставништва.

Но освен што беа објавени десетици, во јавноста повеќе или помалку познати имиња, во меѓувреме немаше информации за тоа според кои критериуми тие се избрани, дали бенефициите за нив важат само во земјава или и во странство и од кои точно извори тие се финансираат и, што е најважно, кои се ефектите од овој проект.
Од Министерството за надворешни работи велат дека немало никакви финансиски импликации, освен незначителните трошоци за печатењето на картичките.
– МКартата претставува симболична награда и признание, нема посебни привилегии и тие генерално се однесуваат на сферата на културата (симболичен бесплатен влез во одредени музеи, во соработка со Министерството за култура) – додаваат оттаму.
Што се однесува до ефектите, за нив сѐ уште се зборува повеќе како за очекување отколку како за постигнување.
– Целта е да се воспостави мрежа на наши истакнати поединци во светот, интегрирани во новата средина во која живеат и успешни во своите професии. Меѓу нив има научници, уметници, лекари, спортисти и други професии. Со оваа мрежа се очекува позитивно влијание врз интензитетот на односите на Македонија со дијаспората и обратно, градење суштински партнерски однос и доверба, пренесување на знаењето и искуството на дијаспората во нашата држава, како и искористување на нивното специфично знаење и контакти за пренесување на нашите пораки во светот – информираа од МНР.
Во меѓувреме, „Нова Македонија“ побара експертско мислење за целисходноста на овој проект.
– Не сум запознаен со конкретниот владин проект, ниту со ефектите што евентуално произлегуваат од него, но во принцип, сметам дека би можело да има одредени придобивки од таквите проекти. Македонија на повеќе полиња може да се промовира во странство. Прашање е само дали тоа ќе биде добро осмислено и делотворно – објаснува пензионираниот професор по меѓународно јавно право и дипломатијата.
И додека претставниците на Владата се фалат со, според нив, прво место по отвореност и транспарентност во регионот, малку понезависните истражувања велат дека состојбата е поинаква, што впрочем најдобро го илустрира начинот на кој, меѓу другите, се реализира и посочениот проект.

– Активната транспарентност на министерствата, на Владата и на општините за 2021 година изнесува 63 проценти и според градацијата на нивоата на транспарентност, спаѓа во „добра“ активна транспарентност. Во однос на 2020 година, активната транспарентност е подобрена за 5 процентни поени (од 58 на 63 отсто). Министерствата и Владата просечно објавуваат 79 проценти од потребните информации, што е минимално подобрување од лани, кога активната транспарентност на министерствата изнесуваше 77 отсто – се вели во неодамна објавеното истражување што Центарот за граѓански комуникации го спроведе со поддршка на Американската агенцијата за меѓународен развој (УСАИД). Д.М.М.