Вашингтон уште повеќе ја заострува реториката кон Брисел поради тоа што ЕУ не се вклучи во воените акции во Ормускиот Теснец
- САД испорачаа нова форма на притисок кон европските сојузници, а Европа сѐ уште се двоуми околу директно воено ангажирање во Иран и Ормускиот Теснец
Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе ја прекине испораката на оружје за Украина како средство за притисок врз европските сојузници да ги поддржат напорите на САД за повторно отворање на Ормускиот Теснец, кој е клучен стратешки поморски премин за глобалната трговија со нафта. Според информации од „Фајненшл тајмс“, Трамп инсистирал „земјите членки на НАТО да распоредат поморски сили со цел да се обезбеди слободна навигација низ теснецот“, кој Иран ефективно го затворил по американските и израелските напади кон крајот на февруари. Вашингтон го гледа обезбедувањето на оваа рута како приоритет, но европските престолнини се внимателни. Некои од нив оценуваат дека операцијата е премногу ризична во услови на тековните конфликти и дека тоа „не е нивна војна“.
Европа под притисок: НЕ за американско оружје за Украина, како ултиматум на САД
Како одговор на воздржаноста на сојузниците, Трамп предупредил дека САД би можеле да се повлечат од иницијативата ПУРЛ, што е механизам за набавка на оружје за Украина финансиран главно од европските земји. Иако САД веќе го намалија директното финансирање, значаен дел од оружјето што стигнува до Украина и понатаму се произведува во Америка. Потенцијалниот прекин би имал сериозни последици за украинската одбрана. Во таа смисла, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, интервенирал во обид да ја намали тензијата, повикувајќи на нов став и заедничка изјава на европските сојузниците, а потоа земјите како Франција и Обединетото Кралство сигнализирале повисок степен на подготвеност да придонесат кон обезбедување безбеден премин низ теснецот. Сепак, и покрај сѐ, нивните позиции досега остануваат резервирани, дека тие сѐ уште не се подготвени за директно воено учество додека конфликтите се активни. Во обид да ја ублажи кризата меѓу сојузниците, британскиот премиер Кир Стармер најави дека има волја да биде домаќин на разговори меѓу 35 држави. Целта е формирање коалиција што би го обезбедила Ормускиот Теснец. Но сето тоа, според медиумски извори блиски на британската влада, би било дури по завршувањето на тековните конфликти.
Геополитичка пресвртница?!
Заканата на Трамп отвора нова фаза во односите меѓу САД и Европа, каде што воената помош за Украина станува средство за пошироки геостратешки цели. Додека Вашингтон бара поголема ангажираност, Европа се обидува да балансира со голем страв од директна ескалација. Следните денови ќе покажат дали оваа стратегија на притисок од Вашингтон и Трамп ќе доведе до заедничка акција или, пак, до продлабочување на разликите во рамките на НАТО.
Р.С.
































