Фото: ЕПА

Меѓу ставовите на европските лидери преовладува тврдењето оти Украина и нејзините сојузници нема да поддржат никаков договор постигнат од Русија и САД без украинскиот претседател Володимир Зеленски на преговарачка маса. А Европејците инсистираат и тие да бидат вклучени во мировните преговори

Светските суперсили не ги сметаат ниту ЕУ ниту Украина за доволно релевантни за да решаваат за условите за престанок на војната во Украина

Европските лидери тешко се приспособуваат на новонастанатата состојба без американска заштита, изразувајќи негодување за мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина. Од Брисел, Берлин, Париз и од Лондон порачуваат дека прифаќањето на територијалните барања на Кремљ ќе претставува отстапка, попуштање…
Вознемиреноста на Западот од новата позиција на САД се должи на одлуката на Трамп да го отфрли евентуалното членство на Украина во НАТО, да им забрани на американските трупи да учествуваат во одржувањето на мирот и да ја отфрли целта на Киев за враќање на териториите што Русија ги зазеде од 2014 година.
Меѓу ставовите на европските лидери преовладува тврдењето оти Украина и нејзините сојузници нема да поддржат никаков договор постигнат од Русија и САД без украинскиот претседател Володимир Зеленски на преговарачка маса. А Европејците инсистираат и тие да бидат вклучени во мировните преговори.
– Јасно е дека каков било договор зад наш грб нема да функционира. Ви требаат Европејците, ви требаат Украинците. Зошто им даваме на Русите сè што сакаат, дури и пред да започнат преговорите? Тоа е попуштање. Никогаш не функционираше – им рече на новинарите највисокиот дипломат на ЕУ, Каја Калас, на маргините на состанокот на министрите на НАТО.

Европските лидери одбивно кон планот на Трамп сугерираат продолжување на воената кампања

Калас е највисокиот функционер во Европската комисија, извршната власт на ЕУ, која негативно го коментираше планот на Трамп. Поранешната естонска премиерка е позната како „руски јастреб и скептик кон Трамп“.
– Историјата постојано покажува дека попуштањето не успева. Оваа војна мора да заврши според условите на Украина – сè помалку би било предавство на храбар сојузник што бил нападнат без провокација и директна закана за безбедноста на Европа – изјави за „Политико“ британскиот пратеник Дејвид Рид, кој порано служеше во кралските маринци.
Дури и британскиот премиер Кир Стармер, кој работеше напорно за да ги поттикне добрите односи со Трамп, одби да ги поддржи деталите од американскиот план.
– Не може да има преговори околу Украина без Украина да биде во средиштето на нив – рече Стармер, инсистирајќи дека Украина треба да остане на патот кон членство во НАТО, идеја на која Путин жестоко се противи, а Трамп ја отфрли.
Калас, исто така, го поддржа членството во НАТО за Украина како „најсилна“ и „најевтина“ безбедносна гаранција на располагање. Таа сугерира дека војната ќе продолжи со европска поддршка доколку Зеленски биде исклучен од мировните преговори.
– Ако има договор склучен зад нашиот грб, тоа едноставно нема да функционира. Украинците ќе се спротивстават и ние ќе ги поддржиме – порача Калас.

Киев сепак би бил приклучен во мировните преговори

Самиот Зеленски во четвртокот повторно предупреди дека нема да прифати мировен договор склучен без Украина на маса. Говорејќи на крајот од самитот на министрите за одбрана на НАТО во Брисел, американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет се обиде да ги увери присутните, велејќи дека разговорите ќе ги вклучат и Русија и Украина. Кремљ порача дека Украина ќе биде дел од преговорите „на овој или оној начин“, но дека ќе има „билатерална руско-американска патека“. Не е јасно каква улога би можеле да имаат ЕУ или Велика Британија. Р.С.


Орбан: Позицијата на Брисел да го поддржи убивањето е морално и политички неприфатлива

Унгарскиот премиер Виктор Орбан се спротивстави на изјавата на еврокомесарката Каја Калас во која таа рече дека европските сили ќе продолжат да ја поддржуваат Украина.
– Позицијата на Брисел – да се поддржи убивањето онолку долго колку што е потребно – е морално и политички неприфатлива. Додека претседателот Доналд Трамп и претседателот Путин преговараат за мир, претставниците на ЕУ даваат безвредни изјави – рече Орбан. Р.С.


Порака од САД до Европа

Купувајте американско оружје за силно НАТО

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп им порача на сојузниците во Обединетото Кралство и во ЕУ дека сака тие да купуваат американско оружје и воена опрема за да се одржи НАТО, изјавија европски претставници запознаени со ова прашање, а пренесе „Блумберг“.
Ова барање било упатено неколку пати од американските официјални лица до нивните европски колеги во последниве недели, вклучувајќи и на состаноците меѓу сојузниците на НАТО што се одржаа на Стариот Континентот неделава, според изворите на „Блумберг“. Тимот на Трамп, исто така, сугерирал дека сака Европа да купи повеќе американски енергенти, во разговорите за безбедносните односи.
– Се посочува дека претседателот на САД може да го ублажи барањето за членките на Северноатлантскиот договор да вложат пет отсто од економското производство во одбрана, доколку Европа ја зголеми својата соработка со американската војска и инвестира повеќе во американски компании – пренесува „Блумберг“.
Од друга страна, европските производители на оружје бараат од ЕУ да ја спроведе политиката за давање предност токму на европското производство при заедничките одбранбени трошоци на Унијата, како „стратегиски императив“.
– Силната европска одбранбена индустриска база е од суштинско значење за европската одбранбена подготвеност – тоа е одбранбена способност сама по себе – изјави портпаролот на Асоцијацијата на воздушната, безбедноста и одбранбената индустрија на Европа (АСД), во изјава за „Јуроњуз“. Р.С.