Фото: „Нова Македонија“

САД, Европа, НАТО… трансатлантско сојузништво или сојузништво заради трансакции

  • Во однос на Европа, односно институционализираниот Запад претставен преку ЕУ и НАТО, Трамп доследно го турка становиштето дека „сојузништвата не се вредности сами по себе, туку договори што мора да носат конкретна корист за САД“! Неговите критики кон европските земји кулминираа со неговата изјава дека тие се „кукавички“ и дека „нема да им го заборави“ таквото однесување кон САД во врска со војната во Иран… Каде води ова становиште на претседателот на САД?

Претседателот на САД, Доналд Трамп, одамна на гледа со симпатии кон Брисел, и тоа од повеќе причини. Меѓу некои од главните причини за таквата негова перцепција се и оние дека ЕУ не инвестираат доволно во воениот сегмент, дека се дистанцираат од Вашингтон и дека не плаќаат пропорционално толкав дел од трошоците во НАТО колку САД, а европските политики се перципираат како нелојални кон американските геополитички интереси и дека Европа сè повеќе се гледа себеси како „стратегиски автономна“… Несогласувањата околу прашањето за Ормускиот Теснец дополнително го нагласува антагонизмот меѓу Вашингтон и Брисел. За Трамп, „доколку Европа има директен економски интерес (енергенси, трговија), тогаш таа треба да понесе и безбедносен товар“!

Редефинирање на односите меѓу САД и Европа, почнувајќи од НАТО

Во гореспоменатиот контекст, заканите дека „САД би можеле да го напуштат или радикално да го трансформираат НАТО“, нашите соговорници, воени експерти и поранешни воени лица високопозиционирани во воената хиерархија, велат дека таквите закани на Трамп не треба да се сфаќаат буквално.
– НАТО, и покрај сите внатрешни несогласности, сè уште е цврст систем. Изјавите на Трамп сметам дека треба да се земат како средство за притисок или инструмент за преговарање или, во крајна линија, нека биде тоа еден сигнал дека стариот модел на трансатлантска солидарност е истрошен – велат нашите соговорници. Притоа уште нагласуваат дека навистина се забележливи пукнатините во функционирање на НАТО, особено во делот од дистанцирањето на повеќе НАТО-членки од САД во војната во Иран, а голем индикатор на антагонизмите внатре во системот на Алијансата се воените бази, кои станаа камен на сопнување.

Закопување на секирите на Вашингтон со Москва: Прагматизам или стратегија?

Нашите соговорници обрнуваат повеќе внимание на нешто друго, а тоа е „затоплувањето на односите меѓу Трамп и Путин“ и рефлексиите од таквите односи на билатерален план и, секако, на глобален, во делот од актуелниот тренд на тансформација на меѓународниот поредок.
– Односот на Трамп кон Русија често изгледа помалку идеолошки и повеќе прагматичен. И покрај конфликтите како руско-украинска војна, Трамп повеќепати сигнализираше подготвеност за нормализација на односите, договори „голема сила со голема сила“ и редефинирање на безбедносната архитектура. Примерите во истиот контекст што може да ги наведеме се и поумерената реторика за Украина, толеранцијата околу испораки на енергенти (нафтен танкер) кон Куба – велат нашите соговорници.
Истовремено, тие додаваат и дека сето тоа однесување на Трамп, како лидер на една од најголемите светски сили, е дека таа се вклопува во една поширока логика.
– Да бидеме начисто. Русија од страна на САД не се третира како сојузник, туку како ривал со кој може да се преговара, а Кина е тешкиот ривал со кој може тешко да се преговара. Тука има неколку клучни елементи. Прво, геополитичка хиерархија. За Трамп, светот не е либерален поредок базиран на правила, туку систем на големи сили. Во таков систем, САД, Кина и Русија се главните актери, додека Европа е секундарен фактор. Второ, неговиот ракурс на почетокот беше класифициран како идеологија (трампизам), но сега сè поочигледно е дека тој се завртел кон американската реалполитика наместо идеологија. Наместо на вредности (демократија, човекови права), фокусот е на договори со своите големи ривали и избегнување директен конфликт меѓу нуклеарни сили, а во однос на помалите земји, каде што има интерес, тој ги игнорира и меѓународното право и внатрешните права на помалите земји. Веројатно за ваквите негови агресивни потези кон државите каде што има интерес, има отворено комуникациски канали на консултации и размена на информации и со Пекинг и со Москва, но засега нема многу информации во јавноста за ова – велат нашите соговорници. Односот на претседателот на САД со претседателот на Русија често се интерпретира низ призмата на комуникацијата „лидер кон лидер“, што е типично за Трамп.
– Украина е показател за таквиот однос на Трамп и неговата комуникација со Путин. Иако сега изгледа дека има затишје на комуникацијата меѓу двата лидера, голема е веројатноста дека тоа не е така. Во контекст на Украина, Трамп сѐ уште натежнува кон ставовите на Москва. За тоа, се разбира дека си има свои прагматични причини. А разликата станува особено видлива меѓу Трамп и Брисел по прашањето за Украина. Европските сојузници ја гледаат војната како егзистенцијална закана и прашање на граници, додека Трамп повеќе ја третира како конфликт што брзо треба да се затвори затоа што е потенцијална зона за договор меѓу големите сили! – издвојуваат нашите соговорници.

НАТО: Закана, реформа или редефинирање?

Според брифингот со повеќе експерти од областа на безбедносните прашања на поширок план, реториката на Трамп за напуштање на НАТО, која често звучи, а некои и ја толкуваат како радикална, реално повеќе укажува на три можни сценарија. Прво, финансиска реконфигурација (Европа да плаќа повеќе, САД помалку), второ т.н. стратегиска редукција (тоа би значело помал американски ангажман во Европа) и трето, политичка трансформација, што би значело Алијансата да се ретрансформира во класична функционална безбедносна коалиција.
– Иако на прв поглед изгледа дека има контрадикција, со други зборови остра критика кон Европа и помек тон кон Москва, всушност станува збор за мошне конзистентен модел. Имено, сојузниците се третираат како преговарачки партнери што треба да платат повеќе, а ривалите се третираат како актери со кои мора да се постигне баланс. Со други зборови, политиката на Доналд Трамп не е антиевропска ниту проруска во класична смисла. Таа е „трансакциска“ или повеќе „реалполитичка“. Токму оваа комбинација ги објаснува и жестоката реторика кон Брисел и отвореноста кон Москва. Во светогледот на Трамп, некои нови „вредности“ имаат поголема – вредност.

Р.С.


Америка има закон со кој му се забранува на претседателот на САД да го суспендира, распушти или да го напушти НАТО

Договорот за НАТО од 1949 година, во членот 13 предвидува дека секоја членка може да ја напушти Алијансата со известување од една година однапред, кое САД потоа го проследуваат до другите членки. Досега, ниту една земја не го повлекла своето членство од НАТО. Но, наспроти ова, значајно е да се издвои дека во 2023 година, Конгресот донесе закон со кој му се забранува на претседателот на САД да го суспендира, распушти или да го напушти НАТО, освен ако таквото повлекување не е поддржано од двотретинско мнозинство од Сенатот. Законот, исто така, забранува трошење американски средства за какво било повлекување од Алијансата. Ова законодавство беше воведено како додаток на Законот за национална одбрана (НДАА) од 2024 година, а меѓу иницијаторите беа сенаторот Тим ​​Кејн и тогашниот републиканец Марко Рубио, кој сега работи како државен секретар и советник за национална безбедност.

Р.С.