Фото: ЕПА

Став на американскиот претседател што ги фрапира останатите членки на Северноатлантската алијанса

  • Минатата недела американскиот претседател предложи „НАТО да размисли за исклучување на Шпанија од своите редови бидејќи оваа земја заостанува во трошоците што државата треба да ги издвојува за воениот комплекс“, усвоени како заеднички став на последниот самит на НАТО…

Американскиот претседател Доналд Трамп деновиве излезе во јавноста со едно досега незамисливо размислување, пласирано како предлог кон другите членки на Северноатлантската воена алијанса (НАТО): Исклучување на една своја членка.
Имено, минатата недела американскиот претседател предложи „НАТО да размисли за исклучување на Шпанија од своите редови бидејќи оваа земја заостанува во трошоците што државата треба да ги издвојува за воениот комплекс“, усвоени како заеднички став на последниот самит на НАТО. На состанокот во Овалната соба со финскиот претседател Александар Стуб, Трамп изјавил дека европските лидери мора да ја убедат Шпанија да ги засили своите обврски кон Алијансата, при што директно му се обратил на финскиот претседател.
– Ќе мора да почнете да разговарате со Шпанија. Мора да им се јавите и да откриете зошто заостануваат – рече Трамп, додавајќи „тие немаат изговор да не го сторат тоа, но тоа е во ред. Искрено, можеби треба да ги исфрлите од НАТО“.
За потсетување, членките на НАТО се согласија во јуни значително да ги зголемат своите воени трошоци на пет проценти од бруто-домашниот производ. Тој услов беше и главниот приоритет на Трамп – Европејците да трошат повеќе за сопствените вооружени сили. Но шпанскиот премиер Педро Санчез, за време, како и по самитот на НАТО беше резервиран по тоа прашање (рече дека Мадрид ќе ги зголеми своите трошоци само на 2,1 отсто), при што излезе со познатата изјава дека „нема да се обврзе на целта од пет проценти“, опишувајќи ја како „некомпатибилна со нашата држава на благосостојба и нашата визија за светот“.
Брза реакција е забележана во јавноста од официјален Мадрид, во која Шпанија ја потврди својата посветеност кон Алијансата и повика на смиреност, додавајќи дека „земјата е полноправна членка на НАТО и ги исполнува своите цели за капацитети исто како и САД“. Шпанија е во НАТО од 1982 година.
– Трамп треба да знае дека Шпанија е еден од најсериозните и најсигурни сојузници на НАТО – изјави министерката за одбрана Маргарита Роблес во петокот.
Таа потоа наведе неколку од моментните распоредувања на Шпанија во рамките на НАТО: околу 3.000 војници за одбрана на источниот крило на Алијансата, распоредувања на воздухопловните сили во Литванија, како и поморски распоредувања. Р.С.