Фото: ЕПА
  • Поранешниот помошник-генерален секретар на НАТО, кој сега е истакнат политички соработник во Европскиот совет за надворешни односи, Камил Гранд, пренесе став на претседателот на САД во јавноста дека „барањето на Трамп е поделба на европските нации членки на Алијансата во три групи“!
  • „Блумберг економикс“ пресметува дека заштитата на Украина и проширувањето на сопствените војски би можело да ги чини воените сили на Стариот Континент дополнителни 3,1 трилиони долари во следните десет години

Вчерашниот состанок на министрите за одбрана на НАТО во Брисел и Минхенската безбедносна конференција викендов (на која се ќе се соберат највисоките претставници на одбраната од двете страни на Атлантикот) ќе бидат фокусирани на барањето на Трамп за зголемување на трошоците за одбрана на 5 отсто од БДП, што засега, според реакциите на повеќето членки на Алијансата, е премногу за повеќето европски земји.
За потсетување, НАТО потроши десет години обидувајќи се да ја постигне својата десетгодишна усогласена цел меѓу членките, имено да потроши најмалку 2 отсто од БДП за одбрана. Таа цел моментално ја исполнуваат 24 од 32 членки, но американскиот претседател Трамп сега обврските на членките на НАТО, за одвојување за заедничкиот буџет, сака тоа да се зголеми на 5 проценти.
– Мислам дека многу нации нема да се заложат однапред до 5 отсто, бидејќи голем дел од темпото со кое можете да одите зависи многу од тоа како функционираат вашите економии – изјави за јавноста Карен Пирс, британската амбасадорка во заминување во САД.
Исто така, повеќето европски земји (заедно со Канада) не можат драматично да ги зголемат буџетите за одбрана на краток рок – дури и ако тоа е она што Трамп го сака.
– Децениските кратења на буџетот по Студената војна ги оставија Европејците да се борат да најдат дополнителни пари за да ги обноват своите војски, а сега во услови на војна во Европа, како и предупредувањата на Вашингтон дека ќе се откаже од своите безбедносни обврски кон Европа, ги ставаат Европејците во исклучително незавидна ситуација – велат аналитичарите, додавајќи дека некои од водечките европски лидери добро претпоставиле дека ЕУ ќе дојде во ваква безбедносна ситуација и затоа со години инсистирале за т.н. автономна Европа, во која водечките европски држави ќе изградат своја европска војска за да се грижи за безбедноста и заштитата на членките на ЕУ, автономно од системот на НАТО.

Ново остро предупредување од Вашингтон до Брисел

Неделава Пит Хегсет, новиот министер за одбрана на САД, дојде во Европа со остро предупредување.
– Ние сме, исто така, денеска овде за директно и недвосмислено да изразиме дека острата стратегиска реалност ги спречува Соединетите Американски Држави да бидат првенствено фокусирани на безбедноста на Европа – рече тој во средата, говорејќи од седиштето на НАТО во Брисел, додавајќи дека Европејците ќе мора „да ја преземат сопственоста на конвенционалната безбедност“.
Тој додаде и дека САД сега имаат друг безбедносен приоритет и проекција на која Вашингтон е фокусиран за стратегиски воени операции во Тихи Океан, со кои би работеле на одвраќање на Кина при евентуален настап кон Америка.

Концептот на Трамп е да ги подели европските нации членки на НАТО во три групи

Поранешниот помошник-генерален секретар на НАТО, кој сега е истакнат политички соработник во Европскиот совет за надворешни односи, Камил Гранд, пренесе став на претседателот на САД во јавноста дека „барањето на Трамп е –поделба на европските нации членки на Алијансата во три групи“!
– Првата и релативно мала група, која ги вклучува балтичките нации и Полска, веќе троши речиси 5 отсто од БДП за одбрана и е подготвена да ја плати цената за да го задржи Трамп внатре – рече Гранд.
Според Гидримас Јеглинскас, друг поранешен помошник-генерален секретар на НАТО, кој сега го предводи Комитетот за национална безбедност и одбрана на литванскиот парламент, бројката од 5 проценти не е „толку диво висока“.
– За оној што живее на источната граница на НАТО, мислам дека има смисла – изјави Гидримас Јеглинскас.
Понатаму, втората група опфаќа земји како што се нордиските нации и Обединетото Кралство.
– Нивните одбранбени буџети се веќе над два отсто од БДП и тие се подготвени да гледаат цели од 2,5, 3 или дури 3,5 отсто, бидејќи тоа е во согласност со нивната анализа на геополитичката ситуација – рече Гранд.
Сепак, тој додаде дека „нема слепо и веднаш да се согласат со Трамп и да кажат – да, на 5 проценти“.
Третата група – „најголемата група од НАТО“, како што рече Гранд, повеќе не сака така драматично да ги зголеми трошоците од буџетски причини или, пак, причината може да биде дека тие членки, според нивната перцепција, не се во опкружување што значи закана“.

Европејците тврдат дека постои уште еден проблем: И да се издвојат пет отсто, за издвоените пари не може да се произведе оружје, бидејќи индустријата не може да го постигне тоа

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, рече дека новата цел за трошење одлучена на самитот во Хаг во јуни ќе биде „северно од 3 проценти“. Но, исполнувањето на барањето на Трамп од 5 отсто ќе предизвика огромни проблеми за одбранбените сили, кои не можат да направат/произведат соодветен број тенкови, борбени авиони и артилериски гранати или слично во висина на издвоените средства, бидејќи наменската индустрија нема ниту кондиција ниту капацитет да го направи тоа.
– Доколку потрошевме 5 проценти за одбрана, денес европската индустрија немаше да може да ги апсорбира тие пари – изјави италијанскиот министер за одбрана Гидо Крозето за новинарите во Варшава минатиот месец.
Тој додаде и дека мора да се размислува за тоа.
– Многу зборуваме за 2 проценти, но јас сум многу повеќе загрижен за индустрискиот капацитет да го апсорбира типот на инвестиции што треба да се направи – изјави за медиумот „Политико“ канадскиот министер за иновации, наука и индустрија Франсоа-Филип Шампањ за време на посетата на Вашингтон.
Со тоа, уште еднаш на површина донесе уште еден крупен проблем од наменската индустрија, која во моментов не е способна да прави оружје со толкав интензитет и динамика, иако, хипотетички, пари и порачки би постоеле.
За време на посетата во Вашингтон, САД, Франсоа-Филип Шампањ и канадскиот министер за одбрана Бил Блер ги повикаа Соединетите Американски Држави да се обидат да ги стават повисоките трошоци за одбрана во поограничен контекст на она што сојузниците можат да го направат во моментов.
– Да го погледнеме нашиот индустриски капацитет денес. Колку подморници можеме да произведеме? Колку уништувачи можеме да произведеме? Колку авиони можеме да произведеме? Колку гориво можеме да произведеме? Тоа е навистина работата – рече Шампањ.

И САД се соочуваат со проблемот на мал капацитет за производство во наменската воена индустрија

Иако Трамп не го спомнува тоа, САД се соочуваат со слични проблеми. Тие за одбрана трошат околу 3,4 отсто од БДП или околу 850 милијарди долари. Нивните производители на оружје веќе се соочуваат со ограничувања на капацитетот за исполнување на барањата од Пентагон, како и од сојузниците на САД.
Според Центарот за стратегиски и буџетски проценки, за да се достигне 5 отсто би биле потребни годишни буџети од 1,5 трилион долари.
Многу земји од НАТО се соочуваат со буџетски ограничувања. Дури и Естонија и Литванија рекоа дека нема да можат да ги зголемат трошоците до 5 отсто од БДП без средства од ЕУ, додека Полска, Италија и други сакаат промена на правилата на ЕУ за да можат да ги зголемат буџетите за одбрана без да ги прекршат границите на дефицитот и долгот на блокот.
Дури и целта од 3 проценти би барала многу дополнителни пари.
За Франција – која моментално има одбранбен буџет од 50,5 милијарди евра, малку над 2 отсто од БДП – додавањето на 1 процентен поен од БДП би изнесувало дополнителни 30 милијарди евра годишно за војската. А владата на земјата веќе е на работ на колапс со дефицит до 6,6 отсто од БДП во 2025 година, што е повеќе од двојно над стандардот на ЕУ.
На пример, Белгија, која моментално изнесува 1,3 отсто од БДП, вети дека ќе достигне 2,5 отсто до 2034 година. Италијанската премиерка Џорџа Мелони – блиска сојузничка на Трамп, чија земја троши само 1,57 од БДП за одбрана – ги исполни плановите да ја достигне целта на НАТО во 2027 година наместо во 2028 година.

Намалување на социјалните трансфери за сметка на воените трошоци?!

Зголемувањето на трошоците за одбрана на 4 отсто од БДП, што е сè уште помалку од прагот на Трамп, би значело до 6 отсто прераспределба на јавната потрошувачка, пресмета кредитната агенција „Мудис“ во прегледот на големите шест европски земји минатата пролет.
– Бидејќи даночните стапки се веќе високи во Европа, најверојатно ќе треба да се направат одржливи буџетски приспособувања на трошоците. Сепак, електоратите веројатно нема да ги поддржат овие видови на приспособувања – напиша во својата анализа споменатата агенција.
Според аналитичарите, намалувањето на социјалните трошоци се очекува да биде тешка алокација.
– Јас сум за трошење 2 отсто, но не смеете да ме принудите да го намалам здравството. Прво доаѓаме до 2, а потоа зборуваме за 3 – изјави италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани.
Според Руте, генералниот секретар на НАТО, кој сака да ги релативизира работите, „европските социјални држави треба да пренасочат мал дел од трошоците за пензиите, здравството и социјалното осигурување кон војската“. Неговиот аргумент е дека „војната би чинела многу повеќе и би го нарушила животниот стил на Европа многу подраматично отколку малото намалување на социјалните трошоци сега“.
Според литванскиот министер за одбрана Довиле Шакалиена, „преземањето одредени мерки за штедење за намалување на нашето образование, здравство и социјални работи за финансирање на одбраната не е одржливо решение“.
Бидејќи целта на Трамп е недостапна за повеќето сојузници, европските војски тивко му испраќаат пораки на Пентагон да се фокусира на чекорите на патеката во насока кон повисоки трошоци за одбраната, а не на дестинацијата од 5 проценти.
– Дали бројот е 2 или 2,5 или 3 или 3,5, на некој начин, тоа не е поентата. Поентата е дека насоката е точна. Никој не ја менува таа насока – рече европски воен претставник. Р.С.