Леон Панета: Поранешниот директор на разузнавачката служба на САД – ЦИА / Фото: ЕПА

Поранешниот шеф на ЦИА со жестока критика кон претседателот на САД

  • Поранешниот директор на ЦИА и бивш секретар за одбрана на САД, Леон Панета, испрати сериозна и директна критика кон актуелниот американски претседател Доналд Трамп, оценувајќи дека токму неговите непромислени одлуки ја довеле Америка, но и светот, во длабока геополитичка и енергетска криза

Во интервју за „Гардијан“, поранешниот директор на ЦИА и бивш секретар за одбрана на САД, Леон Панета предупредува дека претседателот на САД, Доналд Трамп, е „заглавен помеѓу чеканот и наковалната“, три недели по почетокот на војната со Иран, испраќајќи „порака на слабост“ до меѓународната заедница.
– Тој има тенденција да биде наивен за тоа како може да се одвиваат работите. Ако тој постојано повторува нешто, си мисли дека тоа ќе се оствари. Тоа го прават децата, не претседателите“, – изјави Панета.

Војна без стратегија: Почеток што требаше да биде „нокаут“

Панета потсетува дека конфликтот започна на 28 февруари, со амбиција за брз и одлучувачки удар. Израелски изненадувачки напад го ликвидира врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, по што САД и Израел воспоставија воздушна доминација. Но, наместо брз крај, ситуацијата се искомплицира.
– Колку подолго трае конфликтот, толку повеќе се губи иницијативата – вели Панета.
Според него, наместо слабеење, Иран добил поцврсто раководство, со нов, помлад и порадикален лидер, Моџтаба Хамнеи.
– Тоа не излезе баш најдобро – им се потсмева поранешниот директор на ЦИА и бивш секретар за одбрана на САД, Леон Панета, на сегашниот претседател на САД и неговите безбедносни советници.

Ормускиот Теснец беше предвидлива катастрофа што Трамп ја игнорираше

Една од најсилните критики на Панета се однесува на затворањето на Ормускиот Теснец, што е клучна точка низ која минува една петтина од светската нафта. Според Панета, тоа било сценарио што американските безбедносни структури одамна го анализирале, а не му е јасно зошто сега го игнорирале тоа.
– Не е потребна голема мудрост за да се разбере дека ако водите војна со Иран, Ормускиот Теснец е критична ранливост. Тоа секогаш се дискутирало на состаноците за национална безбедност – нагласува Панета.
Тој додава дека администрацијата на Трамп или не ја сфатила опасноста или наивно верувала дека војната ќе заврши брзо, при што додава дека „сега тие ја плаќаат цената“.

Состојба без излез за Вашингтон, а победа само на хартија

Панета смета дека претседателот Трамп нема реална излезна стратегија.
– Може да прогласува победа колку сака, но без прекин на огнот, нема ништо. А прекин нема да има додека Иран го држи „пиштолот“ вперен преку Ормускиот Теснец – рече Панета, алудирајќи дека сега Техеран е тој што одлучува кога ќе заврши војната, а не Вашингтон.
Во меѓувреме, цените на нафтата растат, во тренд е пад на рејтингот на Трамп, а има и внатрешни поделби во неговата политичка база…

Американските сојузници се на дистанца, што е цена на претходно нарушените односи од страна на Трамп

Панета остро го критикува и односот на Трамп кон сојузниците.
– Ако планирате војна, не е лоша идеја да разговарате со сојузниците – потсмешливо и со длабока доза на иронија коментира во „Гардијан“ поранешниот директор на ЦИА и бивш секретар за одбрана на САД, Леон Панета.
Во врска со ова, Панета вели дека за потсетување се неколкуте карактеристични изјави на Трамп за сојузниците, при што НАТО е навредуван како „тигар од хартија“, сојузниците се нарекувани „кукавици“, а воените планови или се игнорирани или се држат во некаква тајност.
Резултатот е, според Панета, очекуван: „Сега мора да им се обрати на истите тие сојузници за помош. Кокошките се враќаат дома на спиење“. (Оваа изрека е слична на нашата: ќе жнееш она што си посеал, н.з.)

Единствен избор: Ескалација или пораз

Панета гледа само две можности за Трамп. Првата е „да ја прошири војната и со сила да го отвори Ормускиот Теснец“, а втората е „да се повлече и фактички да признае неуспех“!
– Нема голем избор. Ако сака преговарачка позиција, мора да го отвори теснецот, а тоа ќе чини животи и дополнителна ескалација – тврди поранешниот директор на ЦИА и бивш секретар за одбрана на САД, Леон Панета.
Панета не штеди критики ниту за комуникацијата со јавноста од страна на Белата куќа, која наместо сериозни аналитики, се служи со провидни пиар-стратегии и аматерско лиферување видеосодржини, користење фотографии од загинати војници за собирање средства и недозволив политички маркетинг во време на војна.
– Тоа не е сила, тоа е слабост – и светот го гледа тоа – вели Панета.

Непризнавање грешки: Опасен преседан

Особено остро реагира Панета на одбивањето на Трамп да преземе одговорност за трагичниот напад врз училиште во Иран, каде што загинале над 175 лица, најголем број деца.
– Секој друг претседател би се извинил. Тој не го прави тоа – вели Панета.
Според Панета, ваквиот пристап создава опасна слика за Америка, поради што, како што нагласува тој, „се враќа перцепцијата за грдиот Американец“.
За Панета, ситуацијата е јасна – кризата не е случајна, туку резултат на погрешни одлуки. Тој предупредува дека последиците веќе се чувствуваат: како што се енергетска нестабилност, ризик од глобална рецесија и продлабочување на конфликтот на Блискиот Исток. Поранешниот шеф на ЦИА испраќа можеби најостра критика досега, дека „непромислените потези на американскиот претседател не само што ја загрозуваат националната безбедност на САД туку и светската стабилност ја туркаат кон опасен раб“.