Доналд Трамп / Фото: ЕПА
  • Угледниот политички аналитичар Николас Винокур преку својата најнова анализа го реактуализира прашањето што е постојано присутно во политичка Европа: Кој е вистинскиот лидер на ЕУ? Во својата политичка опсервација со наслов „Како стана Доналд Трамп претседател на Европа“, објавена неодамна, Винокур пишува дека „коментарот на Трамп дека тој самиот се гледа како претседател на Европа предизвикал потсмев во Брисел“. Но, сепак, „несолената американска шега ја доловува реалноста за отсуство на лидер во ЕУ“, односно безлидерство и конфузија меѓу либералните бриселски елити

Реакции во врска со (само)прогласувањето на претседателот на САД и за – „претседател на Европа“ (1)

„Европски федералисти, радувајте се! Европската Унија конечно има вистински претседател. Ама, има еден проблем: тој живее во Вашингтон, во Белата куќа. Претседателот на САД, Доналд Трамп, ја доби титулата за време на една од неговите неодамнешни неформални сесии за шеги во Овалната соба во Белата куќа, тврдејќи дека лидерите на ЕУ го нарекуваат претседател на Европа!“
Воведот во текстов е цитат од анализата на Николас Винокур, угледниот политички аналитичар и уредник-главен надворешнополитички дописник на „Политико“ од Брисел. Винокур го реактуализира прашањето што е постојано присутно во политичка Европа, не само во нејзиното олицетворение, Европската Унија – кој е лидер на ЕУ? Во својата анализа со наслов „Како стана Доналд Трамп претседател на Европа“, објавена на 10 септември, Винокур истакнува дека коментарот на Трамп предизвикал потсмев во Брисел.
– Официјалните претставници на ЕУ го уверуваа „Политико“ дека никој што го познаваат никогаш не му се обраќал на Трамп на тој начин. Но, тој коментар ја доловува и срамната реалност: лидерите на ЕУ ефикасно му понудија на американскиот претседател место на чело на нивната маса. Се чини дека Трамп има право, откако на самитот на НАТО во јуни Трамп откри СМС-порака во која генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, го нарече „тато“, а при трговскиот договор меѓу ЕУ и САД, потпишан во Шкотска, лидерите на ЕУ се согласија на договор толку искривен во корист на Вашингтон, што личеше на негово предавање за лидерите на ЕУ – посочува Винокур во својата анализа.

Ниеден американски претседател досега немал толку директно влијание врз Европа

Според овој аналитичар, од создавањето на ЕУ, никогаш досега еден американски претседател немал толку директно влијание врз европските работи.
– И никогаш лидерите на 27-те земји членки на ЕУ не изгледале толку подготвени – дури и очајни – да го прикажат американскиот претседател како авторитетна личност, која треба да се пофали, кај која треба да се лобира, да се додворува, но на која никогаш не треба отворено да ѝ се спротивстави. Лидерите на ЕУ сега се чини дека му нудат на Трамп улога во нивните работи дури и кога тој не го побарал тоа. Пример за тоа: кога група европски лидери отпатуваа во Вашингтон летоска, за да го повикаат Трамп да изврши притисок врз рускиот претседател Владимир Путин (тој ги игнорираше), тие го замолија и да го наговори својот „пријател“, унгарскиот премиер Виктор Орбан, да ја укине блокадата за можното членство на Украина во ЕУ, според извештајот на „Блумберг“ – укажува Винокур.
Во анализата тој напомнува дека Трамп навреме му се јавил на Орбан на телефон, иако нема индикации дека тој го сменил ставот за Украина.
– Фактот што лидерите на ЕУ се чувствувале принудено да го замолат американскиот претседател да реши еден од нивните внатрешни конфликти само дополнително го зацврсти неговиот статус на, де факто, европски моќник. „Тој можеби никогаш нема да биде претседател на Европа, но може да биде нејзин кум“, рече еден дипломат на ЕУ, кој доби анонимност за да зборува отворено. Сегашните европски лидери (со неколку исклучоци, како што е Мете Фредериксен од Данска) можеби се обединети во нивното прифаќање на Трамп како кум на Европа – заклучува Николас Винокур.

Ситуација без политички компас во ЕУ

Ситуацијата може да предизвика забуна: од каде тоа во ЕУ да се отвора темата на лидерство, кога тоа го има Урсула фон дер Лајен како шефица на Европската комисија, кога има и цела сурија европски комесари, меѓу кои и високата претставничка за надворешна и безбедносна политика Каја Калас, комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, тука се и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и Јержи Бузек е новиот претседател на Европскиот парламент? Зошто тоа ја нарекуваат Урсула – Снежана фон дер Лајен? Колку е Каја Калас „висока или можеби ниска претставничка“ во очите на мнозина граѓани на Европа, а посебно кај Македонците? Колку му „кошта“ или баш не му „кошта“ многу зборот на Антонио Кошта меѓу Европејците? Општопознато е низ Португалија дека неговиот збор, ама и морален профил не „котираат високо“, колку што му е висока и позицијата во ЕУ… Од Португалија практично го набркаа Кошта на „наградно патување“ во ЕУ, бидејќи на Португалците поприлично многу им „засмрдеа“неговата „осомниченост“ и сѐ уште тековните истраги за сторените корупциски скандали, што беше и причина да го принудат да се повлече од премиерската позиција во Португалија…
На почетокот на месецов, според анкетата на социолошката компанија „Кластер 17“, дури 60 проценти од жителите на Европската Унија сакаат претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, да поднесе оставка, објави „Ле гранд континент“. Поддршката за нејзиното заминување е особено висока во Франција (70 проценти од анкетираните), додека 49 проценти од Полјаците, 54 проценти од Германците и 60 проценти од Италијанците и Шпанците веруваат дека Фон дер Лајен треба да се повлече. Затоа и не изненадуваат мајтапењата низ Европа, ама и во САД, на нејзина сметка.
Во анализата со наслов „Суровата сатира ја отсликува реалната политичка немоќ на Европа“ на 26 август „Нова Македонија“ веќе објави дека не стивнуваат потсмевањата и иронизирањата на сметка на европските лидери што во текот на август беа на средба во Белата куќа со американскиот претседател Доналд Трамп заедно со украинскиот претседател Володимир Зеленски, во обид да извршат притисок врз Трамп да даде безбедносни гаранции за Украина и да спречи територијални отстапки на нејзина сметка во полза на Русија. „Политико“ го оцени настапот на европските челници како „стратегија на хумор“. Предводена од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, тогаш на „поклонението“ во Белата куќа отиде и поширока европска екипа на лидери“, сочинета од францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, британскиот премиер Кир Стармер, финскиот претседател Александер Стуб и италијанската премиерка Џорџа Мелони. Нив ги придружуваше генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој „галовно“ си го нарече подоцна американскиот лидер „тато“.
Во својот уреднички коментар со наслов „Снежана и седумте џуџиња“, објавен на 20 август во италијанскиот весник „Ил Фато квотидијано“, главниот уредник Ди Марко Бертолио ќе најде асоцијации меѓу бајката за Снежана и седумте џуџиња, па за Урсула фон дер Лајен и европските лидери без пардон ќе напише дека на Трамп му отишле во посета „Снежана и седумте европски џуџиња“!
– Нема зборови, има само пцости, со кои би можел да се опише бедниот крај на оваа „Европа“ – празен збор, кој ја опишува школата на какофонични (какофонија, разногласие – н.з.), непромислени, но за жал не и неми мекотели. Бидејќи 27-те членки на ЕУ-клубот не можат да се договорат ниту околу своите имиња, настапуваат во екстравагантни „формати“ како Коалиција на подготвени, како помалку-повеќе „волни“ – реагираше Бертолио жестоко и со исмевање на „волните Европејци – мекотели“, како што ги означи во својот коментар.
Во својата обемна анализа со индикативен наслов „Безглава Европа: Како што се зголемуваат кризите, лидерите на континентот се отсутни без отсуство“, објавена на 7 јануари годинава, вишиот дописник-политички аналитичар на „Еуроактив“, Николас Валас, поправо ги прогласува челниците на ЕУ, но и премиерите на нејзините членки, како „отсутни без отсуство“ или, во поблизок превод на македонски јазик, „ниту живи, ниту мртви“! Тука се, ама „ги нема“ европските лидери, вели низ тешка иронија Валас, исто така нималку случајно нарекувајќи ги и ЕУ и целата денешна политичка Европа како „безглава Европа“!
– Заборавете на Европа. Да беше Хенри Кисинџер сè уште жив, тој ќе прашаше кого да повика, за да стигне до Германија, Белгија или дури и до Бугарија. Донесувањето одлуки во ЕУ е полно со предизвици и во најдобри времиња. Во услови на вакуум во лидерството, тоа ќе биде практично неможно. Изобилството на отсутни и кревки влади на европските држави, ако продолжи вака, би можело многу да ѝ отежни на Европа да одговори на ваквите предизвици, дополнително поткопувајќи го нејзиниот углед во светот – поентира Вала во својата анализа, објавена во „Еуроактив“.
продолжува

Свето Тоевски