Трамп 2. – Флаш Гордон камбек (1)

  • „ШОК И СТРАХОПОЧИТ“ е слоган на Трамп. Тој првиот ден направи ултраскок – 100 извршни наредби, со укинување на претходни есенцијални егзекутиви. Тоа е глас на моќта на претседателот што му ја дава американскиот устав (порано кажав дека е решение кај нас), па „Проект 2025“ (фондацијата „Херитиџ“ и „Опус Деи“) и „Агенда 47“. Ноах Фелдман вели дека е прекршок да се бајпасира Конгресот. Отпушти 18 главни инспектори и оствари примирје меѓу Израел и Хамас. Ова е тактика камаради! Како систолна динамика на Џарвик (вештачко срце) – пулс наместо континуитет на тоа што и онака ќе се случи. Потоа малку ретерира тактички („дијастола“), па нова систола. Опасно, ама има ефект
  • За Македонија, првите чекори ги направи Мицкоски на инаугурацијата, преку средби со високи безбедњаци и македонски бизнисмени. Добар почеток, но ќе биде грешка ако момциве си ги држат само за себе. Сугерирам уште повеќе да се држат за Орбан за да имаат отворени врати. Ние сега треба да ја ликвидираме мафијата, за да се пуштат правосудството, економијата, медицината, земјоделството…. ПОВЕЌЕ ЦРНИ ЛИСТИ. Или ќе го сториме тоа или – пут у ќенеф! За Македонија нема милост и никогаш немало

Историјата е машина. Политиката е проституција. Машината е буткање, кинетика, забрзување. Ќе застане? – Глупост. Трчајте или пензионирајте се. Летачот Флаш Гордон – Трамп вети фантастични финти, кои е неверојатно тој да ги исполни, но тие ја покажуваат иднината. Ние мислиме дека тоа е негово, но произлегува од заднински сили. Емануел Кант вели дека што ќе биде е априори. Ако сте „кафегледач“ – следете ги исказите на Трамп. Априорноста се шири, како сила – екстензивно (простор, географија) и интензивно (мудрост, технологија, наука). Трамп ги кажува (или му ги кажуваат) американската екстензивност и интензивност. Америка ќе постои само ако се менува. Ако стои – се распаѓа. Веќе киниса.
Има две себични причини зошто јас навивав за Трамп – Македонија и Израел. Тие се мојата душа, мојата фамилија, љубов, постоење, кај нив е мојот Бог. Искрено – госпоѓата Камала, шармантна и насмеана, ќе ги распаднеше. Насмевката во Америка е капиталистички знак дека ти си ништо. Покрај трамповци, старо и новолиберали, САД има и џихадисти… охоооо бајаги ги има. Разберете еднаш – производ се на службите, метод им се касапење, главосечење, органојадење, органопазар, садизмофилија лажно врзана за религија. Создадени се за терор (поим од Француската револуција), манипулација преку страв. Америка врие од нив, а ние – до врат. Првата офанзива на Трамп се депортациите. Ќе има и контрабранови – се самоорганизираат. Потоа САД има фашисти и комунисти. Потоа мафии. А потаму се сатанистите, ќе ги споменеме. Ќе ви се слоши ако сега ви кажам кој сѐ е сатанист. Кој управува со светот? Ќе речете убава теорија на заговор, што некогаш ја измислија Адам Смит, Карл Попер, па и Сорос. А мислите дека светот сам се врти како заклана кокошка без глава? Дали Трамп ќе биде или не, кажуваат гласачите?

За Македонија, првите чекори ги направи Мицкоски на инаугурацијата, преку средби со високи безбедњаци и македонски бизнисмени. Добар почеток, но ќе биде грешка ако момциве си ги држат само за себе. Сугерирам уште повеќе да се држат за Орбан за да имаат отворени врати. Ние сега треба да ја ликвидираме мафијата, за да се пуштат правосудството, економијата, медицината, земјоделството… ПОВЕЌЕ ЦРНИ ЛИСТИ. Или ќе го сториме тоа или – пут у ќенеф! За Македонија нема милост и никогаш немало. Израел е друга сложена немилост. Сега е примирје. Ќе прават Ривиера или „Нова Александрија“! (Зошто мислам на Шекспир сега?) Ова е палијатива, за џихадистите да земат воздух и по некое време повторно да згрмат со илјадници ракети. Палестинска држава да – само без Хамас и ракети! Може? Антисемитизмот врие. Српската ТВ Хепи вели дека Евреите го истрошиле кредитот од холокаустот, па сега заслужуваат нов. Па мајку ли му…, па има ли кредит за холокауст…, па тој потекнува од народ искасапен, зар тоа е кредит? Македоноцидот е кредит? (Даваме легионери за да постоиме). Еден кредит – бранителите го потрошивме бадијала. Срамно! Ете како медиумите систематски од мозоците ни прават тесто за црвојадење. Дури и „Гласот на Америка“, Си-ен-ен, Си-би-ес, па и весниците (да не ги редам) станаа антисемитски и џихадофилични. Полтроништа! Со Трамп се осеќа промена. Трамп ќе направи промени во медиумите со помалку пристрасност – но од лажење не се бега. Три главни лансери се – медиуми, разузнавање и пари.

„ШОК И СТРАХОПОЧИТ“ е слоган на Трамп. Тој првиот ден направи ултраскок – 100 извршни наредби, со укинување на претходни есенцијални егзекутиви. Тоа е глас на моќта на претседателот што му ја дава американскиот устав (порано кажав дека е решение кај нас), па „Проект 2025“ (фондацијата „Херитиџ“ и „Опус Деи“) и „Агенда 47“. Ноах Фелдман вели дека е прекршок да се бајпасира Конгресот. Отпушти 18 главни инспектори и оствари примирје меѓу Израел и Хамас. Ова е тактика камаради! Како систолна динамика на Џарвик (вештачко срце) – пулс наместо континуитет на тоа што и онака ќе се случи. Потоа малку ретерира тактички („дијастола“), па нова систола. Опасно, ама има ефект.

ИЗРАЕЛ. Израел е убава идеја во обланда на пеколот. Не само еврејска држава, тој има значење за светот – религиозно, ментално, историско, економско и е блискоисточна база на западниот и источниот свет. Накратко, Израел е императив, но не е империја. Империјата е Америка. Затоа Израел му вели на Андерсон „Шеста флото седи си мадро овде“. Флаш Гордон одговара „не плачи либе, јас пак ќе дојдам… само некој мора да плати!“. А што ако некој друг почне да плаќа? Најубава мома е таа со најголем мираз. Затоа Меланија игра со биткоини. Израел и Меланија се слични. Но Израел има една подобра финта – Евреите, а тоа значи компјутери, Федс, разузнавачки служби…, а што ако полуги станат Русија и Кина? (беа, па ги испуштија)? Шпионажата во Израел се качува до небото. Америка нема дијаспора и библиска историја, а Евреите немаат империја. Трамп и Нетанјаху се „браќа“. Кој командува? Блискиот Исток ќе конгломерира или ќе експлодира!

ПАНАМА е помлад брат на Суецкиот, со гигантска важност. Кина полека ја зазема и ако сосема успее – тоа е крај за Америка и за „демократскиот свет“. Паника! Ако се остави на самоуправа на Република Панама, таа ќе „се лигави“ меѓу Исток и Запад (дежа ви) за убави парички. Опасно е. Трамп алармира. Рубио е таму, но работата ќе ја среди ЦИА. Напомена: во тек се радикални реформи на службите (ЦИА, ДИА, ФБИ, кодови). Ќе одат вертикално нагоре, а не укинување како што се кажува. Кралицата Елизабета Прва направила империја со служби и пирати.

ИМПЕРИЈА. Империите се реалност. Малите нации се мала реалност или нереалност. САД не може да седат и да спијат настрана како што би сакале многу Американци. Не може да биде „Монриово“ на светот. Или ќе расте или ќе се распадне. Трамп го најавува првото – „хипер Монро“. Формула на Хитлер: шпионажа-индустрија-амбиција. ГРЕНЛАНД е првата станица (со Панама). Гренланѓани веќе присакуваат и кокетираат, како жена што сака развод од заспаниот маж, па се спрема да рипне во прегратка на мускулниот љубовник. Како Кармен. Мислам дека Трамповите проводаџии (службите) ја спакуваат работата. Дали таму ќе градат нови „ривиери“ или бази? Втора Кармен е Канада. Тука е малку потешко, бидејќи Канаѓаните си уживкаат во својот полусоцијализам. Се опира, прети, уфффф… Нивната Кармен потешко се вљубува во милијардерските мамачи. И комунизмот тешко се вљубуваше во капитализмот… „неќемо-никад“… ама еднаш кога се вљуби се испроституира до анусот на светска картел-канализација. Што се сега бившите „комунистички“ земји? Измеќарџилници! Ете, ѓаволот е добар удварач. Така, Трамповиот инкубус пушта ензими во Канада. Нема откажување, бидејќи империјата рековме мора да расте (Рим кога престана да расте – почна распаѓањето). Прва фаза е пуштање сејмени (служби, џихадисти, наркоси, декаденти), за Трамп да биде сердарот (арматопулос) – спасител. Канада има околу 40 милиони жители, што е ништо. Не е безбедна. Канада додека спие е добро инфилтрирана од џихадисти (велат најмногу на југот). Ама и САД е убаво инфилтрирана од џихадисти. Камала многу си ги сакаше како кошничка на Црвенкапа за гласачки печурки. Трамп вети „дезинфекција“ на САД од џихадисти и емигро-наркодилеристи со жестоки депортациски кампањи. Да видиме.

А АРКТИКОТ? Алјаска е 30 отсто од Арктикот. Русите имаат седум мразокршачи, а САД само еден. Се мотаат руски подморници под ледот (најмалку 12, Бореи и Јасен-М Архангелск со стотици нуклеарни проектили), а САД има 14 ССБН. Велат тие се приоритетна програма. Подморнични дронови се во игра. Ескадрилите – доаѓаат. Кинески подморници се мотаат кај Алјаска. И што сега? Маск ќе треба да дизајнира, да фура, ако сака империја. Понатаму за империјализмот. Славниот физичар Нилс Бор измисли модел (атом) каде што се комбинираат енергетско поле со материја, простор, динамика и периодичен систем – во орбити. Ако димензиите се микроскопски, тоа се вика атом, а ако се големи, се вика стеларно-планетарен систем. Со малку фантазија, во светот сега „енергетско“ јадро се Евроазија со Африка, а орбитата е низот – Арктик-Гренланд-двете Америки-Антарктик, а се приклучуваат (нивоа) Австралија, Јапонија и други. Трамп мора да мисли на орбитата, ама да чачка и во јадрото. Две „спони“ со јадрото се Европа и Блискиот Исток. Со Европа е како со жена пред развод, ама не се разведува, бидејќи ќе ја лапне друг, а и мираз треба да се собере. Од мираз на Трамп му мекнее душата. Понатаму за „орбитата“ – Јужна Америка. Тешка е и преубава, да пукне! Како би шеткал, ама може да ме испокрадат, па и да ме убијат за ништо оти животот таму не вреди многу. Може да станеш богат (нафта, дијаманти, дрога), но веројатно ќе бидеш ќутук сиромашен. Меланжи од сешто – фашисти, нацисти, остатоци од Хитлер, наркомафии, картели, лешинари, комунисти (троцкисти, ленинисти, маоисти), тупамароси, богаташи, фукари, банди, гангстери, магична музика, ѕвезди, карневали (во Сумер „карни вал“ е месојаден ритуал), кујни, лапачки, мириси… мммм… кариоки, проститутки, коцкари, лесни жени, лесни мажи, полумажи, миксирани, ѓубре, болести, отпадници, Индијанци, џунгли, крокодили, анаконди, змии, пирани, живо блато, нафта, злато, метали, нитрогени, богатства… Сите сакаат да си одат во САД. Некои ги сакаат Американците, а повеќето ги мразат. Дали е Јужна Америка капитализам? Маскирана Медуза. Миграциите се бегање од ултравалкан, во помалку валкан капитализам. Прави нешто Трамп? Сигурно дека прави. Пушта ензими (служби). Рубио шетка долу, ама тоа е формализам. Работата ќе ја вршат службите – „невидливи конквистадори“. Ќе ескалираат. Инаку јужњаците ќе „се прегрнат“ со Кина или БРИКС. Потребни се реформи на службите за пожестоко дробење. Ќе испоубијат сѐ што ќе зине против. Фашистите се галеничиња – кучиња (теориите на Фридман не се мртви), тројански коњи, црквата ќе стане „пазарна“, евангелистите се многу, језуитите не се како што беа, педофилијата ги растура (како и Северна Америка и Европа). Шуми, нафта, богатства – ќе ги исцицаат. Југоамерот ќе си клекне. БРИКС – богами влезен е во Јужна Америка поради вродено слепило на американски политичари. Тој е ноќна мора за доларот. Но „витамини“ има – ќе видите. Еве: најефикасен ензим досега е доларот. Кина е најголем легален печатач на долари, а велат и Северна Кореја (разузнавачи). А други? Тоа е „буст“ за овие земји, а Америка ги врзува да купат од неа. Ако Флаш Гордон е паметен, ќе ги стимулира ензимите. Мора да си биолошки внатре во спротивноста (одамна кажуваа Рерик, Рудолф Штајнер, кинеската филозофија, „антидиверзитетот“ на Трамп и други). Но Трамп ја шири и биткоин-империјата, што е антидоларски (Чарлс Гаспарино). Во време на Реган, Америка разви програма „Стар ворс“, што всушност беше економска победа врз СССР, кој немаше пари за да се трка и се појави феноменот Горбачов-Елцин. А сега – од каде Путин има финансии за грамадна воена индустрија и покрај блокадите? – Олигарска мафија, но има корупции во производството. Аналитичари велат дека е тоа во организацијата (motivation driven continuous а не business driven како DARPA). Сѐ е игра. Идеи крадат едни од други. Кинескиот Дипсик е евтин генеративен АИ, дизајн на Лианг Венфенг. Маск е на потег.

А МАКЕДОНИЈА? Офффф… Одлични се контактите во САД на Мицкоски и другите. Но да не остане само на тоа. Македонија има три чуми – партии, етношовинизам и мафија. Освен тоа, еден израелски бизнисмен на телевизија вели – за некој да инвестира во Македонија треба прво да обезбеди десет печати – невозможно. Смета дека бизнис-факторите намерно го кочат процесот на развој и инвестиции. Имавме и појаки лобирања, но некои политичари го закочија. Е па, што ќе правиме?

Професор д-р Самуел Колономос Садикарио

(ПРОДОЛЖУВА)