Ги повикуваме сите институции на власта да ги преземат сите потребни мерки за заштита на македонските културни манифестации! Ги повикуваме и оние што не зазедоа став да ги осудат неодамнешните обиди за забрана на македонските културни манифестации! Ги повикуваме сите жители на регионот Лерин годинава масовно да присуствуваат на сите културни манифестации како знак на поддршка и солидарност на сите фестивали во секое село! Притоа ги задржуваме сите наши законски права, се наведува во заедничката изјава на Генералното собрание на дваесет и две македонски културни, спортски и женски здруженија во Грција
Генерално собрание на 22 македонски културни, спортски и женски здруженија од Леринско, Грција
На 15 јуни годинава, во селото Ајтос, општина Лерин, се одржа заедничко Генерално собрание на дваесет и две македонски културни, спортски и женски здруженија, по покана од културно-просветното здружение „Ајтос“ од селото Ајтос, Грција. Во официјалната заедничка изјава, потпишана од сите здруженија учесници, тие остро реагираат на бирократските пречки и институционалните обиди за забрана на традиционални настани, кои со децении се одржуваат во македонските села во Леринскиот Регион.
– Традицијата не е кривично дело, македонските обичаи нема да згаснат – порачуваат здруженијата, подвлекувајќи дека културните манифестации се единствената форма на забава и општествена кохезија во услови на невработеност, емиграција и сиромаштија.
Здруженијата посочуваат дека приходите од овие настани се користат за финансирање аматерски спортски клубови, јавни потреби во селата и локални проекти и дека нивната забрана претставува директен удар врз опстанокот на македонските заедници.
– Регионот Лерин нема потреба да се плаши од луѓето што играат рака за рака! Ги повикуваме сите институции на власта да ги преземат сите потребни мерки за заштита на македонските културни манифестации! Ги повикуваме и оние што не зазедоа став да ги осудат неодамнешните обиди за забрана на македонските културни манифестации! Ги повикуваме сите жители на регионот Лерин годинава масовно да присуствуваат на сите културни манифестации како знак на поддршка и солидарност на сите фестивали во секое село! Притоа ги задржуваме сите наши законски права – се наведува во изјавата.
Во случај властите повторно да забранат македонска културна манифестација…
Во случај на нов обид за забрана на фестивал или културна манифестација, најавуваат конкретни мирни мерки:
- Собирање петиции по селата во одбрана на здруженијата;
- Интервенции во општинските и регионалните совети;
- Музички протест пред полициската станица во Соровичево, со учество на македонски, понтиски, тракиски, влашки и арванитски музичари;Повторно свикување заедничко генерално собрание.
- Одлуката е испратена до сите релевантни институции во државата – од премиерот и министрите до регионалните гувернери, полицијата, обвинителствата, како и до локалните и националните медиуми. П.Р.
Преглед на македонските здруженија што партиципираа во Генералното собрание во Грција
На заедничкото Генерално собрание присуствуваа и заклучоците ги потпишаа следните здруженија: (1) Културното друштво од Свети Пантелејмон, (2) А.С. Александар Велики од Ајтос, (3) Културно-просветното друштво од Ајтос, (4) Женското друштво „Ирини“ од Ајтос, (5) Културното друштво „Орфеј“ од Акрита, (6) А.С. Бранител од Соровичево (Аминтао), (7) Гимнастичкото друштво „Ермис Аминтео“, (8) Женското друштво од Соровичево (Аминтео), (9) Друштвото за образование и култура „То Пименикон“ од Атрапос, (10) Културното друштво од Варикос, (11) Културното друштво од Вевис, (12) Културното друштво „Акритес“ од Келис, (13) Обединетото здружение „О Профитис Илијас“ во Леховитон, (14) Друштвото за образование и култура во Овчарани (Мелитис), (15) Културното друштво „Елпида“ од Нео Хорјо, (16) Прогресивното друштво од Ксино Неро, (17) Културно-фолклорното друштво од Пеларгос, (18) Културно-просветното друштво „Ѓуленца“ од Родона, (19) Културното друштво „Агиос Георгиос“ од Склифрос, (20) Женското здружение „И Агија Параскеви“ од Склифрос, (21) Тракиското друштво од Филота и (22) Женското здружение од Лерин, членка на Организацијата на жените на Грција. П.Р.