Истражувачите сакале да разберат до кој степен високите ноќни температури претставуваат ризик по здравјето. Бидејќи се покажало дека ризикот од мозочен удар поврзан со високите ноќни температури значително се зголемил во периодот од 2013 до 2020 година во споредба со периодот од 2006 до 2012 година, велат истражувачите. Од 2006 до 2012 година жешките ноќи резултирале со два дополнителни мозочни удари годишно во областа на проучување; од 2013 до 2020 година имало 33 дополнителни случаи годишно, што се толкувало како последица на тропските ноќи
Во овој период од годината сведоци сме на незапамтени горештини, кои споредено со минатите периоди бележат вистински температурни рекорди. Во тој контекст, во овој временски период слушаме за портокалов метеоролошки аларм и предупредувања од здравствените институции за поштеда од работа на трудниците и постарите од 60 години. И тоа е сосема оправдано, ако ги следиме најновите научни показатели за кои ќе стане збор во овој напис.
Иако за климатските промени постојано се зборува, многумина се скептични за оваа појава, која всушност е доказ за самоуништувањето на човекот преку новите технолошки изуми и индустрии. Цели конференции и проекти се посветени токму на анализа на варијаблите што влијаат на климатските промени. Како и да е, климатските промени резултираат со сè поекстремни временски настани. Во тој контекст, сведоци сме на невидени торнада, поплави, силни ветришта, појава на град со големина како јајце итн. Меѓу другото, тие вклучуваат екстремно топли, таканаречени тропски ноќи. Токму овие настани биле предизвик за истражување на работната група „Еколошки ризици“ во Минхен. Истражувачите сакале да разберат до кој степен високите ноќни температури претставуваат ризик по здравјето. Ова е особено важно бидејќи климатските промени предизвикуваат ноќните температури да растат многу побрзо од дневните температури. Резултатите се објавени во мај 2024 година.
Во оваа најнова студија се анализирани податоци од Универзитетската болница во Аугсбург, оддел за неврологија, кои опфаќаат 11.000 мозочни удари во период од 15 години. Анализата генерално потврдила дека екстремно топлите ноќи го зголемуваат ризикот од мозочен удар за седум отсто. Најголем ризик постои за постарите луѓе, особено за жените. Ваквите резултати појаснуваат дека е неопходно приспособување на урбаното планирање и здравствениот систем како екстремно битни во редуцирање на ризиците поради високите ноќни температури. Ова е дотолку повеќе точно бидејќи се покажало дека ризикот од мозочен удар поврзан со високите ноќни температури значително се зголемил во периодот од 2013 до 2020 година во споредба со периодот од 2006 до 2012 година, велат истражувачите. Од 2006 до 2012 година жешките ноќи резултирале со два дополнителни мозочни удари годишно во областа на проучување; од 2013 до 2020 година имало 33 дополнителни случаи годишно, што се толкувало како последица на тропските ноќи.
Што се тропски ноќи?
Тропските ноќи се дефинирани со помош на таканаречениот Индекс на вишок топла ноќ (HNE). Тој мери колку се искачуваат температурите над одреден праг во текот на ноќта. Вредноста на прагот е температурата што е надмината само за пет проценти најтопли ноќи во текот на целиот период на студирање.
Во оваа студија, оваа вредност е 14,6 °C. Ако температурите се издигнат над оваа вредност во текот на ноќта, тогаш тоа се категоризира како тропска ноќ. Индексот HNE собира колку степени температурите се над овој праг во текот на ноќните часови за да се одреди интензитетот на топлината.
Во последните децении ноќните температури се зголемуваат побрзо од дневните температури. Зголемената преваленца на изложеност на ноќна топлина може да претставува значителен ризик за кардиоваскуларното здравје. Оваа студија ја истражуваше поврзаноста помеѓу ноќната изложеност на топлина и ризикот од мозочен удар во регионот на Аугсбург, Германија, и ги испита варијациите во текот на 15-годишен период.
Метеоролошките параметри за час, вклучувајќи ги средната температура, релативната влажност и барометарскиот притисок, беа добиени од локална метеоролошка станица. Од друга страна, добиен е сет на податоци составен од 11.037 клинички случаи на мозочен удар дијагностицирани во текот на топлите месеци (од мај до октомври) помеѓу 2006 и 2020 година. Просечната возраст на случаите беше 71,3 години. Меѓу овие случаи, 642 биле идентификувани како хеморагични мозочни удари, 7.430 биле класифицирани како исхемични мозочни удари и 2.947 биле минливи исхемични напади.
За да се процени ризикот од мозочен удар поврзан со екстремната ноќна топлина беше искористена временски стратифицирана анализа на случај-вкрстен случај со дистрибуиран нелинеарен модел за доцнење, мерено со индексот на вишокот топла ноќ (HNE) по контролирањето на потенцијалните збунувачки ефекти на дневниот максимум температура и други климатски променливи варијабли. Беа извршени анализи на подгрупите по возраст, пол, поттип на мозочен удар и сериозност на мозочен удар за да се идентификуваат варијациите во подложноста на ноќните горештини.
Препораки за стратегии за адаптација и урбанистичко планирање
Истражувачите имаат цел да ги направат своите наоди применливи во практични услови. Во тој контекст, тие дале некои препораки за јавни стратегии за адаптација и урбанистичко планирање, како што е намалување на интензитетот на урбаните топлински острови.
Целта е подобро да се заштити населението од ефектите на ноќните горештини. Студијата исто така ќе послужи како основа за понатамошни истражувања за развој на насочени превентивни мерки против факторите што го поттикнуваат мозочниот удар.
Колку порано се спроведат овие превентивни мерки толку подобро, велат истражувачите.
Резултатите од студијата се исто така од големо значење за болниците. Во иднина ќе можат подобро да се приспособат на зачестеноста на мозочните удари: доколку временската прогноза предвидува топла ноќ, може да се очекува дека повеќе случаи ќе дојдат на клиниките. Тоа им овозможува на клиниките да обезбедат повеќе персонал за грижа за пациентите како мерка на претпазливост.
Како заклучок би кажале: новата студија открива значајна врска помеѓу топлите ноќи и зголемениот ризик од мозочен удар, особено кај постарите лица и жените. Анализите на 15-годишните податоци од Универзитетската болница во Аугсбург откриле 7 отсто зголемен ризик од мозочен удар по тропските ноќи. Студијата ја нагласува потребата од стратегии за адаптација и приспособувања на урбанистичкото планирање за да се ублажи влијанието на зголемувањето на ноќните температури врз јавното здравје.
Студијата треба да ги поттикне и нашите урбанисти да планираат соодветни градби што ќе ги намалат топлотните влијанија и ќе овозможат подобра циркулација на воздухот во урбаните средини.