Одек од посетата на претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа на македонското собрание
- Ниту пофалбите за значителниот и извонреден напредок на Македонија и вообичаеното изразување поддршка за евроинтеграциите на земјава не можеа да го прикријат директниот и не баш дипломатски пристап на грчкиот дипломат, кој порача дека „ќе бидеме морално зрели тогаш кога ќе пројавиме капацитет да слушаме и да прифаќаме“, веројатно европски диктати и ултиматуми! По Урсула фон дер Лајен, Марта Кос, Каја Калас и Антонио Кошта, тој е уште еден висок европски функционер што дојде во Македонија во улога на „бугарски адвокат“, изнесувајќи ги голите интереси на официјална Софија за промена на македонскиот устав и вршејќи дополнителен притисок врз македонските политичари и јавноста
- Теодорос Русопулос, поранешен новинар, грчки политичар, сегашен универзитетски професор, но веќе и претседател на Парламентарното собрание на Советот на Европа, веќе имал директни и индиректни контакти со Македонија и Македонците, уште од 90-тите години на минатиот век, а особено во изминативе 17 години. Судејќи по неговите досегашни изјави и активности, може да се каже дека неговата долгогодишна дипломатска и политичка кариера е во функција на политички притисок врз Македонија
Европската единственост не е подарок од географијата, туку избор на волја, нагласи завчера претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Теодорос Русопулос, обраќајќи се пред пратениците во македонското собрание, за време на неговата посета на земјава. Тој притоа додаде дека во изминатите 30 години членство во Советот на Европа, „С. Македонија покажала дека моралната зрелост не се мери по големина, туку според капацитетот да се слуша, да се почитува и да се прифаќа“.
Ниту пофалбите за значителниот и извонреден напредок на Македонија и вообичаеното изразување на поддршка за евроинтеграциите на земјава не можеа да го прикријат директниот и не баш дипломатски пристап на грчкиот дипломат, кој дури и дрско порача дека „ќе бидеме морално зрели тогаш кога ќе пројавиме капацитет да слушаме и да прифаќаме“, веројатно европски диктати и ултиматуми! По Урсула фон дер Лајен, Марта Кос, Каја Калас и Антонио Кошта, тој е уште еден висок европски функционер што дојде во Македонија во улога на „бугарски адвокат“, за да лобира за интересите на официјална Софија за промена на македонскиот устав и да врши дополнителен притисок врз македонските политичари и јавноста.
Русопулос – одамна (пре)познат на овие простори
Теодорос Русопулос, поранешен новинар, грчки политичар, сегашен универзитетски професор, но веќе и претседател на Парламентарното собрание на Советот на Европа, веќе имал директни и индиректни контакти со Македонија и Македонците, уште од 90-тите години на минатиот век, а особено во изминативе 17 години. А судејќи по неговите досегашни изјави и активности, може да се каже дека неговата долгогодишна дипломатска и политичка кариера е во функција на политички притисок врз Македонија.
– Сум ја посетил вашата држава многупати во различни улоги – како новинар, особено кога бев дописник во 1990-тите, а потоа бев во посета на државата како министер на Грција. Во тие рани години имав привилегија неколкупати да се сретнам со еден од вашите први претседатели, Киро Глигоров. Тој еднаш кажа: „Нашата иднина е во Европа, но нашата одговорност е тука, треба да докажеме дека малите нации можат да живеат во мир и демократија“. И успеавте во тоа. Вашиот напредок е значителен и извонреден. Како претседател на Парламентарното собрание на Советот на Европа и како политичар од соседната држава Грција, исклучително ми е драго и сум почестен што денес сведочам дека сте жив доказ за неговите зборови – посочи Русопулос во Собранието.
Тој претходно ги обвинуваше македонските власти за попречување на разговорите во Обединетите нации за спорот за името со Грција, слично како што сега се става на страна на бугарските интереси, одново вршејќи притисок.
Уште во 2008 година Теодорос Русопулос како портпарол на грчката влада, во името на официјална Атина, изрази ан блок отфрлање на ставовите на тогашниот македонски премиер и Владата, односно дека официјално Скопје „ги повторува познатите и неприфатливи тврдења за непостојно малцинство“, додавајќи дека највисоките владини претставници „ги попречуваат разговорите во ОН за спорот за името со отворање на прашањето за македонското малцинство во Грција“. Имено, оваа изјава на Русопулос како портпарол на грчката влада беше реакција на писмото што тогашниот македонски премиер го испрати до својот грчки колега Костас Караманлис претходно (имено истиот ден). Во писмото официјално Скопје побара „признавање на македонското малцинство во Грција и враќање на имотот на македонските бегалци, кои беа принудени да бегаат за време на Грчката граѓанска војна од 1946 до 1949 година“.
Оттогаш е забележана рапидната и радикалната реакција на Русопулос, кој образложи дека „Грција не сака да учествува во никаков обид на македонската страна да се оддалечи од суштинското прашање на тековните разговори за спорот за името“. (?!)
По 17 години, макар „индиректно“, Русопулос ќе се наврати на Македонците како малцинство, ама во друга балканска земја – во Бугарија. На 14 јуни 2025 година во Софија тој ќе се сретне со актуелниот бугарски премиер Росен Жељазков, овој пат како претседател на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ). Жељазков очекувано изразил „убедување дека постмониторинг-дијалогот со ПССЕ веќе ги исполнил своите цели и треба да се заврши“. А Русопулос, исто така очекувано, ѝ „честитал на Бугарија за напорите за завршување на постмониторинг-дијалогот со ПССЕ“.
Во врска со оваа средба, Бугарската новинска агенција (БТА) на 14 јуни годинава објави: „Жељазков ја истакна важната улога што треба да ја игра Советот на Европа во заштитата на правата на бугарската заедница во С. Македонија. Жељазков изрази уверување дека нема да се дозволи висок форум како Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) да се користи за противбугарска кампања. Бугарскиот премиер додаде дека Бугарија очекува поддршка од ПССЕ за заштита на бугарската заедница во С. Македонија“.
Во првата декада на минатиот месец Бугарија успева да добие, или да издејствува, резолуција на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), кое одлучува да го затвори постмониторинг-дијалогот со Бугарија по цели 26 години. А токму ова европско набљудување на многугодишните кршења на малцинските и човекови права на Македонците во Бугарија беше важна „политичко-дипломатска алатка“, која, колку-толку, пред очите на Европа ги разоткриваше ситуацијата со Македонците во Бугарија и нивната постојана изложеност на асимилација и бришење на македонската етничка самосвест, активности што официјална Софија ги спроведува без прекин.
Сепак, Теодорос Русопулос наоѓа причина да ѝ упати „честитки“ на Бугарија, оти толку „вредно работела“ на „напорите за завршување на постмониторинг-дијалогот со ПССЕ“. Појасно кажано, неговата честитка е поддршка за Софија, која едвај дочека да се куртули од европското постмониторинг-јаже врз својот врат, а всушност и од „премногу гласната набљудувачко-извештајна врева“ во врска со Македонците и газењето на нивните права во оваа балканска држава.
Дали Русопулос не може или не сака да види дека во Бугарија постои засебен
македонски идентитет?
Теодорос Русопулос е доктор по историски науки и експерт токму за прашања на етничкиот идентитет, со одбранета докторска дисертација за етничкиот идентитет на Грците во Венеција. Имајќи предвид дека тој е високоспецијализиран токму за идентитетски прашања, дилемата е: дали тој не можел или не сакал да види од своето високо ниво како претседател на ПССЕ дека во Бугарија постои и засебен македонски идентитет? Исто така, дали не можел да го види ниту фактот дека во 26 години Софија досега не спровела ниту една од вкупно 16-те пресуди од Стразбур, со кои е утврдено кршење на правото на слободно здружување на Македонците? Или, можеби, за Теодорос Русопулос македонските малцинства низ Балканот се „непостојни малцинства“, како што кажа за Македонците во Грција во 2008 година, а сега така „дипломатски одмолчи“ и за Македонците во Бугарија?!
За време на својата дводневна посета на Бугарија, Русопулос претходно, на 13 јуни, се сретнал со Бојко Борисов, лидерот на бугарската партија ГЕРБ. Како што објави бугарскиот информативен портал „Епицентар“, Борисов по средбата на Фејсбук напишал дека „го уверил Русопулос оти Бугарија ќе продолжи да игра стабилизирачка улога во регионот“.
– Борисов му посочи на Русопулос дека Бугарија е цел на агресивна кампања во Советот на Европа од страна на С. Македонија. Според лидерот на ГЕРБ, Бугарија не сака ПССЕ да стане платформа за антибугарска кампања и неправедни обвинувања. Борисов искажа надеж дека Бугарија ќе добие поддршка во Советот на Европа за заштита на правата на бугарската заедница во С. Македонија – напиша „Епицентар“ за јунската средба Борисов-Русопулос.
Имајќи го предвид овој временски поглед на ангажманите на Русопулос, особено јунската средба со Бојко Борисов, сама по себе се наметнува дилемата: дали Русопулос веќе „засукал ракави“, па почнал со сопствени активности за „Бугарија да добие поддршка во Советот на Европа за заштита на правата на бугарската заедница во С. Македонија“, како што изнел јавно Борисов по средбата со него во Софија?
Грчкиот дипломат прогласен за непожелна личност од владата во Баку
Азербејџан жестоко се спротивстави и ги отфрли притисоците на Русопулос
Пренесуваме интересни наводи на азербејџанскиот информативен портал „Аз“ од 12 април 2025 година, кој во опширната статија „Диктаторот Русопулос го закопува Советот на Европа“ се осврнува на остриот судир на Русопулос со Владата на Азербејџан, известувајќи дека „на Русопулос му е забрането да влегува во Азербејџан бидејќи е прогласен од азербејџанската влада за непожелна личност – т.н. персона нон грата“.
„Аз“ првин во својата статија пишува: „Претседателот на ПССЕ, Теодорос Русопулос, поднесе оставка во 2008 година од функцијата државен министер на Грција и официјален портпарол на владата по скандалот со недвижности. Тогаш медиумите го обвинија министерот Русопулос дека е вмешан во нетранспарентни, непроѕирни зделки меѓу државата и големиот манастир Ватопед, што довело до губење милиони евра од владата (државата). И тука оваа осрамотена личност користи важни термини како ‘владеење на правото’, ‘демократски процедури’ и ‘човекови права’ во своите изјави во врска со Азербејџан“.
Исто така, во својата спомената статија азербејџанскиот медиум посочува: „Овој исти Русопулос само два дена по неговиот избор за шеф на ПССЕ во 2024 одлучи да не ги потврди акредитациите на азербејџанската делегација. Членовите на оваа делегација, во знак на протест, го суспендираа своето учество во ПССЕ. Следуваше и срамна резолуција на ПССЕ за Азербејџан, откако тој го врати својот територијален интегритет и целосен суверенитет во однос на Ерменија, врз основа на почитување на сите норми и принципи на меѓународното право. Но Теодорос Русопулос продолжи со своите пристрасни напади врз праведната позиција на официјално Баку во врска со клучните политички прашања. Тој отворено се изјасни против азербејџанската страна за ‘нејзините напади врз Нагорно Карабах’“.
Свето Тоевски

































