Фото: Маја Јаневска-Илиева/илустрација: „Нова Македонија“

Мисирков, роден во 1874 година, остави длабока трага во македонската историја и култура како автор на делото „За македонцките работи“, кое е клучно за афирмацијата на македонскиот јазик и писмо. Тој се смета за визионер што јасно го согледал значењето на јазикот за националниот идентитет и културната автономија на македонскиот народ. Идеите на Мисирков за создавање единствен литературен македонски јазик и неговата борба за признавање на јазикот претставуваат темели на сегашната македонска јазична норма

Одбележување 150 години од раѓањето на македонскиот филолог Крсте Петков Мисирков и 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик

 

Основните постулати на стандардниот македонски јазик се смета дека се поставени од Крсте Петков Мисирков, во неговото дело „За македонцките работи“, издадено во 1903 година. Мисирков, роден во 1874 година, остави длабока трага во македонската историја и култура како автор на делото „За македонцките работи“, кое е клучно за афирмацијата на македонскиот јазик и писмо. Тој во македонската историја останува запаметен како бележит филолог, лингвист, фолклорист, публицист, политички деец и еден од најзначајните заштитници на македонските национални особености – јазик, историја и култура.
Мисирков се смета за визионер што јасно го согледал значењето на јазикот за националниот идентитет и културната автономија на македонскиот народ. Идеите на Мисирков за создавање единствен литературен македонски јазик и неговата борба за признавање на јазикот претставуваат темели на сегашната македонска јазична норма.
Тој со идејата за стандардизација и кодификација на македонскиот јазик го постави патот за случувањата на Првото заседание на АСНОМ, одржано на 2 август 1944 година, кога македонскиот јазик беше кодифициран, речиси 40 години по смртта на Мисирков. Н.М.


Кодификацијата на јазикот овозможи уште посилна кохезија на македонскиот народ

На Првото заседание на АСНОМ беше донесена одлука за признавање и кодификација на македонскиот како официјален јазик на новата македонска држава, со што беше означен почетокот на официјалната употреба на македонскиот јазик во државните институции, образованието и во културата.
Ваквата одлука претставува крунисување на вековната борба за јазично признавање, почната уште од времето на Крсте Мисирков, бидејќи кодификацијата послужи за обединување на македонскиот народ околу јазикот, како симбол на македонскиот национален и културен идентитет.
– Македонскиот јазик е темелот на македонскиот идентитет. Круната на неговата кодификација е 5 мај 1945 година. Иако првпат е прогласен за службен јазик во нашата држава на 2 август 1944, на Првото заседание на АСНОМ, континуитетот во развојот на македонскиот јазик го следиме уште од 10-11 век, кога во црковнословенските ракописи се појавуваат првите типично македонски зборови. Тој развој продолжува низ вековите, со засилено навлегување на македонскиот народен јазик во ракописите од крајот на 16 век. Во 19 век веќе се појавува и јасна свест за посебноста на македонскиот јазик и за неговото место во јазичното семејство на светот, свест што кулминира во делото „За македонските работи“ од Крсте Петков Мисирков, објавено во 1903 година – посочува Катедрата за македонски јазик.
Македонскиот јазик, неговата примена и меѓународно признавање, и денес е исклучително важен елемент за сувереноста на македонската држава, националниот идентитет на македонскиот народ и белег на неговата државотворност.
Весникот „Нова Македонија“ е историски поврзан со кодификацијата на македонскиот јазик, со фактот дека директно учествувал во неговото официјализирање како службен јазик во Република Македонија. Имено, на 5 мај 1945 година со објавата во „Нова Македонија“ е официјализирана азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо. Н.М.


Македонскиот јазик има над три милиони говорители

Македонскиот јазик – јужнословенски јазик, е дел од групата на словенските јазици од јазичното семејство на индоевропските јазици. Македонскиот е службен и национален јазик во Македонија, а наедно е и официјално признаен како регионален службен јазик секаде каде што живеат Македонци во Албанија, како и во Србија, како официјален во општините Јабука и Пландиште, Романија и во Косово. Македонски се зборува и во Австралија, Бугарија, Грција, Канада, САД, Црна Гора, Турција, во некои земји членки на Европската Унија и преостанатата македонска дијаспора. Вкупниот број на македонски говорници е тешко да се утврди поради несоодветни пописи, но бројката се движи од околу 2,5 до три милиони луѓе.
Според ценетиот извор „Етнолоџи“, македонски се зборува и во југозападниот дел на Бугарија и во северна Грција, но нема податоци за бројот на говорители, се наведува на Википедија.
Македонската дијалектологија е посебна развиена гранка на македонистиката, која се занимава со проучување, истражување, документирање и зачувување на македонските дијалекти. Како стабилна научна дисциплина во македонистиката, дијалектологијата се развила по кодификацијата на македонскиот јазик, но нејзиното присуство се забележува и пред 1940-тите години. Дијалектологијата на македонскиот јазик е постара дисциплина и датира уште од првите научни трудови што се занимавале со македонскиот јазик или од втората половина на 19 век. Како позначајни македонски дијалектолози се забележуваат Ватрослав Јагиќ, Ватрослав Облак, Виктор Григорович, Мјечислав Малецки, Зузана Тополињска, Божидар Видоески и други.
Според енциклопедијата на професорот и македонист Виктор Фридман, македонскиот јазик има од два до 3,5 милиони говорители. Според пописот од 2002 година, вкупното население на Македонија изнесувало 2.022.547, од кои 1.344.815 граѓани го декларирале македонскиот за свој мајчин јазик. Македонскиот јазик исто така се изучува и зборува како втор јазик од сите етнички малцинства во земјата. Надвор од Македонија има мали етнички македонски малцинства што зборуваат македонски јазик во соседните земји, вклучувајќи 4.697 во Албанија (попис 1989), 1.609 во Бугарија (попис 2011 година) и 12.706 во Србија (попис 2011 година). Н.М.


Одбележување на значајните јубилеи со манифестацијата „Отворени денови на Институтот“

Со низа настани во рамките на повеќедневна манифестација, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ неделава ќе ги одбележи двата значајни јубилеја во македонската историја и култура – 150 години од раѓањето на Крсте Петков Мисирков и 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик.
По тој повод се организира манифестацијата „Отворени денови на Институтот“, што ќе биде можност да се одбележат овие важни настани, како и за потсетување на делото и визијата на Крсте Мисирков и на важноста за негување на македонскиот јазик.
Манифестацијата вклучува научни предавања, дискусии, работилници и културни настани. Во текот на „Отворените денови на Институтот“ ќе се организираат активности за промовирање на значењето на македонскиот јазик, неговото развивање и зачувување, како и чествување на наследството оставено од Крсте Мисирков. Н.М.