Темата Северна Македонија се користи за да се одвлече вниманието, изјави бугарскиот премиер Кирил Петков по денешната владина седница.
– Борбата против мафијата продолжува. Не паѓајте во стапицата да се обидувате да го одвлечете вниманието на јавноста – рече тој, јави Бгнес.
Според него денешната вест е извештајот на меѓуресорската комисија меѓу министерствата за финансии и регионален развој, која констатирала прекршоци од околу 2,5 милијарди лева во областа на градежништвото.
Кирил Петков потврди дека Владата ја усвоила одлуката со која се предвидува сите предлози од француското претседателство со Советот на Европската унија или од некоја земја членка на тема Македонија и преговорите за нејзино членство во ЕУ да бидат разгледани во собраниска Комисија за надворешна политика.
– Ниту еден политичар отсега не може да каже дека владата може да дејствува еднострано. Одлуката е на парламентот – нагласи Кирил Петков.