Фото: ЕПА

Фокус кон еден друг, уште постравотен аспект на војната во Иран

(или војна со која се загадуваат воздухот и водата за десет милиони жители во главниот град)

  • Ракетирањето и разнесувањето големи нафтени резервоари во Техеран како град со висока екосистемска ранливост има директни и предвидливи последици. Имено, огромни количества чад, токсични гасови и ПМ-честички се ослободуваат во атмосферата, создавајќи облак што ги погодува не само индустриските капацитети туку и милиони цивили. Особено загрижува фактот што нападите се случиле во период кога, според метеоролошките служби, над Техеран практично нема ветер. Тоа значи дека предизвиканото загадување нема каде да се елиминира или природно оддува. Аерозагадувањето останува и го заробува градот, како токсичен капак над десет милиони луѓе

Техеран и пред војната беше еден од најзагадените градови во светот. Како што е познато, тоа е еден мегаполис со повеќе од десет милиони жители, сместен во природна котлина во која воздухот тешко циркулира, кој со години живее со хроничен проблем на смог, индустриско загадување и токсични честички во атмосферата.
Крајот на минатата година потврди колку е всушност ранлив овој град. Само во една недела, според локални извештаи, повеќе од 350 луѓе починале како директна последица од екстремното загадување на воздухот. Техеран со својата географска конфигурација и густина на население е град во кој секое дополнително загадување се претвора во закана за јавното здравје. Но она што се случува деновиве ја надминува рамката на класична урбана еколошка криза.

Чадот од ракетираните и запалени нафтени складишта ги задуши Иранците

Целта на воените напади врз нафтените складишта околу Техеран го отвори прашањето дали станува збор за легитимна воена операција или за нешто многу подлабоко и поопасно.
Разнесувањето големи нафтени резервоари во град со ваква екосистемска ранливост има директни и предвидливи последици. Во атмосферата се ослободуваат огромни количества чад, токсични гасови и ПМ-честички, создавајќи облак што ги погодува не само индустриските капацитети туку и милиони цивили.
Особено загрижува фактот што нападите се случиле во период кога, според метеоролошките служби, над Техеран практично нема ветер. Тоа значи дека загадувањето нема каде да се елиминира или оддува. Тоа останува и го заробува градот, како токсичен капак над десет милиони луѓе.
Во такви услови, уништувањето нафтени складишта не може да се анализира само како чисто воена акција против инфраструктура. Тука мора да се земат предвид и други последици што се многу пошироки, па дури и од оние што ја започнаа воената кампања – дека тие директно ги напаѓаат цивилните жители, нивниот живот и здравје.

Жителите на Техеран (сега) се во токсична стапица

Географијата на Техеран ја прави ситуацијата уште поопасна. Градот лежи во котлина, опкружен со планински масиви, што често создава феномен на температурна инверзија. Таа појава нам ни е добро позната, бидејќи идентичен метеоролошки и климатски феномен имаме во Скопје. Имено, тоа е состојба во која загадениот воздух останува заробен над урбаната зона, како „чеп“ над градот.
А кога на тоа ќе се додадат пожари од нафта, токсични испарувања и густ чад, резултатот е потенцијално катастрофален. Последиците не се само краткорочни.
Загадувањето на воздухот неизбежно се прелева и во водата и почвата. Хемиските честички паѓаат на земја, навлегуваат во подземните води и ја контаминираат урбаната средина со месеци, па дури и со години.
Токму поради тоа, ударот врз нафтените складишта не е само моментален воен акт туку сега и одовде алармираме дека тоа може да се претвори во долгорочна еколошка катастрофа.

Военото право и сивата зона на екоцидот

Во меѓународното право постојат правила што го ограничуваат уништувањето инфраструктура доколку тоа предизвикува непропорционални последици врз цивилното население.
Според основните принципи на военото право – пропорционалност и заштита на цивилите – секоја операција што свесно предизвикува масовно страдање на населението може да се третира како сериозно кршење на тие правила.
Кога се напаѓаат објекти за кои е однапред јасно дека ќе произведат огромно загадување во густо населен град, се наметнува прашање да се преиспита целта. Дали таа е навистина воена или се користи еколошката слабост на градот како тактика за предност на боиштето?!
Во сè почестите анализи на современите конфликти се појавува поимот екоцид, односно намерно уништување на природната средина со последици за цивилното население. И ова ни е познато нам во Македонија, и тоа во најсвежиот случај со загадување на пивката вода во изворите во селото Шум, од каде што Струга и стружани се снабдуваат со вода. Таму постапката е во тек, а случајот со Техеран се вклопува токму во оваа приказна, само со значително поголеми, дури и колосални размери.

Зошто сиот свет сега молчи за ова?

Еден од најзагрижувачките аспекти на овој феномен е глобалната тишина. Дали во наредните денови овој потег, чиј резултат е разорување на цивилниот живот преку загадување на воздухот и водата, ќе биде сериозно спомнат на меѓународната сцена?
Ќе реагираат ли меѓународните институции, Обединетите нации, еколошките организации или државите што во други случаи гласно зборуваат за заштита на животната средина?
Засега, вниманието на светската јавност главно е насочено кон воените движења, политичките соопштенија и геополитичките пресметки. Еколошката димензија на конфликтот речиси и не се споменува.

Повеќе од политика: прашање на морал

Она што се случува во Техеран не е само политичко или правно прашање. Тоа е и прашање на индивидуална и колективна етика.
Кога војната директно ги напаѓа воздухот што луѓето го дишат и водата што ја пијат, таа ја преминува границата на класичниот конфликт и влегува во сферата на цивилизациска одговорност.
Доколку уништувањето нафтени складишта во град со десет милиони жители, без ветер и со веќе критично загадување, не предизвика глобална дебата, тогаш прашањето не е само што се случува со Техеран. Прашањето е што се случува со светот!? Р.Н.М.