Кога одам во големите продавници што нудат изобилство прехранбени артикли, често купувам специјализирани производи од домашно производство, со што ги задоволувам пораките „купувајте македонско“. Фирмата или компанијата што ги произведува тие артикли го носи името „Македонија“, нешто што ми причинува дополнително задоволство. Производите на таа компанија, според скудната понуда што ја нуди, претпоставувам дека е мала фирма и нејзините продукти се правени според некои традиционални македонски рецепти.
На пример, производителот „Македонија“ ни нуди црвени пиперки во тегла, ајвар лут или благ исто така во тегла, потоа феферони лути, цвекло, лутеница и, што е важно, произведува и пинџур во тегла. Ова не е реклама за фирмата „Македонија“, туку е давање почит на тие компании што и во време на жестока глобализација сѐ уште се борат да не ја загубат ваквата специфична македонската традиција во производство на храна. Тоа што би ѝ замерил на скромната фирма е тоа што името Македонија, кое стои на етикетите, е напишано на латиница, а другиот текст на кирилица.
Последниот пат кога бев во еден голем магацин си купив тегла црвени пиперки, кисели краставички и пинџур, нормално сите производи сместени во тегли.
Кога се вратив во ателјето си реков, прво ќе си направам јадење од производите што ги купив, потоа ќе решам како и од каде ќе почнам со расчистување на фиоките од дебелата маса, која е сместена во агол од сликарската просторија.
Размислував од каде да почнам со изборот на производите од Македонија и решив прво да го пробам пинџурот. Со парче сирење од Осогово, едно варено јајце, неколку маслинки каламата, кои се растени во Егејска Македонија – Грција, полеани со маслиново масло и еден домат исечкан на ситни парчиња. Така оброкот личеше на богато јадење, особено пинџурот дејствуваше маестрално. По таквиот ручек си дозволив и едно капучино од апарат за ваква работа со име „Крупс“, земјата во која е произведен апаратот е Франција.
По капучиното ми требаа неколку минути седенка, да слегне јадењето, потоа средување на фиоките од дебелата маса. Масата има четири фиоки, три помали и една поголема, во која чувам поголеми формати хартија за цртање. Во првата мала фиока чувам минијатурни цртежи, гвашеви и колорирани кроки. Втората е место за чување ситен алат што ми е потребен за оптегнување платно на блинд-рам, нешто што е дел од професијата што ја вршам.
Само што ја отворив третата фиока, во која чувам фотографии од сите временски периоди до денес, се изненадив кога видов фотографија што ја имав заборавено, која пред дваесетина години ми беше дадена од Нуме Богданов, наш соселанец и претставник на прогонетите деца. Нуме неколку години е помал од мене, десетина години ги поминавме по домовите во Романија.
Не знам по кој пат добро ја разгледав фотографијата на која на српски јазик пишува: Транспорт за Австралија, ги водат (се мисли на децата) г. Дедиер и г. Макдоналд.
Но фотографијата, го препознав Нуме и, за потребите на колумната, го заокружив со бел молив. Во групата што треба да замине за Австралија има и други деца и возрасни личности од нашето село Бапчор, но не успеав да ги идентификувам на кои фамилии припаѓаат. Настанот од фотографијата сигурно се случил на југословенски простор, од каде што и полетал авионот за Австралија, во временскиот период меѓу 1955 до 1957 година.
Господин Дедиер беше југословенски политичар и висок интелектуалец, преку интернет барав да пронајдам за кој господин Макдоналд станува збор, но во купот од личности што носат такво име не успеав да откријам за која личност станува збор. Веројатно Мекдоналд од фотографијата е некој што доаѓа од Велика Британија или од САД. Исто така од присутните на фотографијата не можев да пронајдам кој е Дедиер и кој е Макдоналд!
Познато е дека за време Граѓанската војна во Грција десетици илјади деца беа однесени во поранешните социјалистички земји и, по десетина години поминати во различни домови, Меѓународниот црвен крст во консултација со некои политички партии дојде до решение, ако родителите на одредена група деца се наоѓаат во Австралија, децата треба да одат таму. Ако на други деца родителите им се наоѓаат во Канада, децата мора да одат во Канада. Така, во период од неколку години, децата се распрскаа низ целиот свет.
Настани или личности со кои сте делеле дел од вашиот живот, кога по десетина години ќе ги видите на фотографија или на друг информативен начин, тие возбудуваат и по малку вознемируваат. Фотографијата со децата што одат за Австралија испратени од господин Дедиер и господин Макдоналд ме растревожи, иако сум ја гледал и порано.
Махинално отидов до кујната, зедов уште едно парче леб, теглата пинџур и една црвена пиперка исто така од тегла. И овој пат пинџурот ги задоволуваше кулинарските вредности на Македонија. Од тие причини парчето леб црвената пиперка ги суредив по кратка постапка, а пинџурот од теглата го сведов на половина.
Со годините, Нуме Богданов во Австралија отвори своја продавница за прехранбени производи и бизнисот добро му одеше. Често доаѓаше во Македонија, посебно одеше во Бапчор, каде што на своја сметка правеше некои градежни и реставраторски работи околу црквата од селото.
Во два наврата бев во Австралија, покрај средбата со мои блиски роднини, дел од моето време поминував во домот на Нуме Богданов. Навечер на терасата од неговата куќа пиевме виски придружено со кисели краставички и пинџур од нивно, домашно производство. „Овој пинџур одовде е одличен, но тој од стари крај е многу подобар“, велеше Нуме.
Фотографијата со децата што заминуваат за Австралија не ја испуштав од раце. Ми се пристори дека фотографијата или луѓето од неа сакаа да ми кажат уште нешто. Можеби господата Дедиер или Макдоналд сакат да ги прашаме уште колку други пратки со деца испратиле на разни дестинации во светот. Или, пак, тие сакат да ни кажат одете каде сакате, но треба да знаете дека еден ден ќе дојдат ваши политичари, кои во дослух со вашите соседи прво ќе ве разделат, потоа ќе ве сместат во простории различни по големина и боја, каде што ќе заличувате на пинџур сместен во стаклена тегла.
Не верувам дека господинот Дедиер и господинот Макдоналд беа кадарни да споменат такво нешто. Но сепак се случи нешто слично.
Нуме Богданов пред неколку години почина во градот Перт, Австралија. Во сите негови животни несреќи, еднаш имаше среќа што не слушне и не види кога наши политичари го менуваа името на Република Македонија, чин со кој политички се откажавме од Македонците што живеат во Грција, како и од Македонците во Бугарија, со што им го одзедовме правото да се нарекуваат Македонци.
Коле Манев