На собирот во Атина е соопштено дека 17 јуни ќе се одбележува секоја година со различни манифестации. Тој засега иницијален обид од 17 јуни да се направи некаков македонски празник, можеби утре нов Илинден, 11 Октомври или 8 Септември, е опскурен и дискутабилен. Од датум што голем дел македонски граѓани го сфаќаат како траурен ден на голем пораз да се создава историски национален мит за победа навистина спаѓа во категоријата на модерни политички апсурдности
Одбележувањето на шестгодишнината од потпишувањето на Спогодбата од Преспа
Ако зборот апсурд во своето најпросто значење значи нешто нескладно, бесмислено, нелогично, она што се противи на нормалното сфаќање и здравиот разум, во таа насока треба да се сфати и театарот што минатите два дена се одигра во Атина. Претставата се играше по повод шестгодишнината од потпишувањето на Конечната спогодба од Преспа, по која Република Македонија си ја доби додавката Северна, остана без своето дотогашно име. Продукцијата и режијата и овој пат ги потпишуваат двајцата поранешни претседатели на влади, Зоран Заев од поранешна Македонија и Алексис Ципрас од Грција, преку нивните приватни фондации „Фондација Заев“ и „Институт Алексис Ципрас“.
Иако поминаа шест години од Спогодбата потпишана во Нивици, село на брегот од Преспанско Езеро на грчка страна, тој документ, преточен и во македонскиот устав, до ден-денес е контроверзен и во политичките кругови и во јавноста. За едни е сосема на место затоа што со него Македонија реши еден децениски проблем со грчката држава, а и беа отворени вратите за влез во НАТО. За други, во поголем дел, тој е штетен за македонската страна, дека биле исполнети сите грчки барања, а запоставени македонските. Според многумина аналитичари, од денот на потпишувањето на Спогодбата почна да се доведува до прашање автентичноста на македонскиот национален идентитет, на историјата, јазикот и писмото.
Стари сведоци и нови гости на приватната журка
На сцената присутни стари сведоци и нови гости. Заев, Ципрас, Коѕијас, Метју Нимиц, Никола Димитров. И список на вредни учесници во панел-дискусиите. Шефови на меѓународни организации, премиери, еврокомесари, водечки владини претставници, поранешни претседатели, премиери и министри за надворешни работи, како и претставници на партии од целиот демократски спектар со акцентот на централнолевичарски, левичарски и прогресивни сили.
И уште: специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина Мирослав Лајчак, поранешниот француски претседател Франсоа Оланд, премиерот на Србија Милош Вучевиќ, поранешните премиери на Шведска и на Грција Стефан Лофвен и Јоргос Папандреу, поранешниот претседател на ЕП Мартин Шолц, министерот за Европа и надворешни работи на Албанија Игли Хасани, како и градоначалниците на Атина и на Истанбул и други видни политичари, аналитичари и коментатори. Меѓу многу бивши и понекој актуелен. И неизбежниот Јоханес Хан, кој на Владата на Заев ѝ препорача и ѝ одобри примена на „балкански методи“, за Спогодбата да стане уставна категорија и Македонија да го смени името.
Приватната журка на Ципрас и Заев во центарот на Атина го носеше атрибутот на меѓународна средба, но на неа ја немаше Македонија. Ја немаше официјално, во службена употреба, што би се рекло. Дали со намера или од немање чувство за дипломатска куртоазија, на средбата не биле поканети некои од македонските власти, ни поранешни ни сегашни.
Присуството само на личните пријатели на Заев, меѓу кои Владо Бучковски и Венко Филипче (од каде па тој?) повеќе го урна одошто го подигна угледот на средбата. Тие слики ни покажаа дека Заев можеби ужива некаков углед во Грција и нешто пошироко, но авторитетот во Македонија му е блиску до нула. Освен кај заблудените во СДС, никаде на друго место не може да се појави со кренато чело.
Каде се македонските власти?
Не е чудо што таму ја немаше новата претседателка на Македонија, Гордана Силјановска, која не гледа со симпатии кон Спогодбата и што нема некој важен од составот на Мицкоски. Чудно е како македонскиот режисер од Струмица не го викнал на сцената стариот претседател Стево Пендаровски, кој искина уста фалејќи ја и поддржувајќи ја преспанската направија, како и зошто го оддели својот неразделен коалициски партнер Али Ахмети, барем како слика за мултиетничкиот Балкан. Да немаше страв, ќе го поканеше дури и Ѓорге Иванов, тогашниот претседател на државата, кој од принципиелен став не ги потпиша документите, ама го нема и Талат Џафери, кој го потпиша она што не сакаше да го потпише Иванов. Никој не може да ги избрише заслугите на Ахмети и Џафери за спогодбата од Нивици.
Пораките што се упатени оттаму за чување и почитување и целосна имплементација на Спогодбата од Преспа, без сомнение се на адреса на новите македонски власти, кои имаат поинаков пристап и толкување. Тој поинаков пристап стана официјален на денот на инаугурацијата на новоизбраната претседателка, кога го испушти зборот Северна, што предизвика лавина реакции. Тие пораки се чукање на отворена врата кон владата на Мицковски, довикување преку кулиси, преку ѕидови. Она што Заев не може да го реализира во Македонија го прави преку Атина и со сомнителна меѓународна поддршка.
Седумнаесетти јуни – чиј ден за радост и чиј за тага?
Пред одржувањето на собирот, Заев и Ципрас во заедничка колумна за „Еуроактив“ ги повикаа Европската Унија и меѓународната заедница јасно да стават до знаење оти почитувањето на Преспанскиот договор е единствениот пат на земјава до пристапниот процес во ЕУ, претпристапната поддршка и економската мобилизација. Ако се има предвид дека Грција, а и другите ја обвинуваат Македонија за непочитување на Спогодбата, тогаш произлегува дека и на самиот собир вината во поголем дел ја насочува кон македонската држава, што не е фер за напорите што ги вложува на патот кон Европската Унија.
Доколку се одржеше во времето додека на власт беа пулените на Заев, средбата секако ќе имаше некаков позитивен ефект. Сега изгледа апсурдно и комично. Сите напори да се докаже дека тоа е нешто најдобро што им се случило на Македонците паѓаат во вода пред реалната ситуација и пред уценувачките, понижувачки услови што им се наметнуваат.
На собирот во Атина е соопштено дека 17 јуни ќе се одбележува секоја година со различни манифестации. Тој засега иницијален обид од 17 јуни да се направи некаков македонски празник, можеби утре нов Илинден, 11 Октомври или 8 Септември, е опскурен и дискутабилен. Од датум што голем дел македонски граѓани го сфаќаат како траурен ден на голем пораз да се создава историски национален мит за победа навистина спаѓа во категоријата на модерни политички апсурдности.
меѓун. Германските пари – основа за фондациите?
Фондациите на Заев и на Ципрас најверојатно се основани со пари што и двајцата ги добија како награда од две германски фондации. Колку што е познато, Заев и Ципрас пред неколку години добија признанија и финансиски средства за заслугите и храброста за потпишување на Спогодбата меѓу двете земји. Едната награда го носи името „Евалд фон Клајст“, која двајцата премиери ја примија на 16 февруари 2019 година во Минхен, во рамките на Минхенската конференција за безбедност.
Другата е Меѓународната награда за мир доделена за истите заслуги од Асоцијацијата на претприемачи на Вестфалија и Липе за 2020 година. Алексис Ципрас уште тогаш изјави дека дел од парите ќе донира на неколку универзитети во својата земја, а Заев изјави дека наградата ја споделува со неговиот, како што рече, драг пријател, премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, и со сите други лидери од балканските земји, а им ја посвети на сите млади на Балканот.