
Повод: Новите воени сојузи на Балканот
- Планот на Фон дер Лајен Европа да стане економски, но и воено моќна веќе се шири како зараза на континентот и се чини дека Брисел како да не е заинтересиран дали ќе се постигне мир во Украина. За воено-одбранбени цели веќе се планирани над еден трилион евра
- ЕУ се гледа себеси и воено моќна за период од пет години. Тоа значи дека Европа сериозно ќе се милитаризира и според сегашните случувања на мапата не можеме да видиме некој пуст остров што е далеку од сегашните геополитички поместувања. Балканот е особено нервозени веќе имаме два воени пакта. Каде е Македонија? Ние имаме два безбедносни чадора со НАТО и со ЕУ (САФЕ), но значи ли тоа гарантирана безбедност?
Во Грција, кај моите роднини во Солунско, како дете слушнав една поговорка, која вели „кога сите правеа топови, Грција правеше попови, сега сите прават попови, а Грција топови“. Помина времето за правење попови во Европа – сега сите ќе прават топови. Сите, до последен. Што ќе значи тоа за Европа можеме само да претпоставуваме, но, според сегашните контури, јасно е дека „мирна Европа“ се подготвува не за војна, туку за војни. За евентуален судир со Русија (?!), но и за регионални конфликти на европска почва. Големите играчи како Велика Британија, Турција, Франција, Германија но и САД и Русија се тука, ги влечат конците.
Идеолошката пресметка меѓу Трамп-конзерватизмот ја заплиснува неолиберална Европа во заоѓање. Европа мора да се менува под притисок затоа што не го издржа воениот притисок во Украина. Не беше подготвена за големата игра. Сега, кога сме на чекор до посериозна промена на границите во Европа, Брисел реши да се фати за оружјето. Кога велиме промена на границите мислиме на исцртувањето на новите руско-украински граници, а тие се токму во Европа. Некои велат дека работите можат да отидат дотаму што и Одеса би влегла во рамките на нова Русија. Но… ќе има преговори. Се надеваме за мир.
СЕ БУДАТ ЗАМРЗНАТИТЕ КОНФЛИКТИ
Со промената на тие граници, а веќе видовме дека Крим е одамна руска територија, сакале да се признае или не, веднаш се појавија замрзнатите конфликти, нерасчистените геополитички жаришта, а Македонија, секако, директно ја засега Балканот. Над Македонија има два безбедносни чадора – едниот е од НАТО, а вториот е со Европската Унија (САФЕ). На прв поглед сме добро заштитени, а во џебот имаме да речеме и еден воен пакт со една моќна воена сила, Турција, која секако дека е силен регионален играч со амбиции да ги истовари своите стратегиски интереси особено на Балканот. Некогаш бевме блиску и до постигнување силен воен пакт за соработка со Израел и можно е тие планови да се реактивираат. На прв поглед изгледа дека воено сме добро покриени, но ние дома сме соочени со сериозни предизвици, а и регионот не спие.
Како мала нуклеарка во регионот одекна објавувањето на воениот пакт меѓу Хрватска, Албанија и Косово. Црна Гора е прескокната?! Интересно. Уште поинтересно е што оваа вест се објавува како ексклузивна, која наводно ја преспале разузнавачите во Србија, но не биле доволно информирани ниту во НАТО. Веднаш се наметнува прашањето – зошто две членки на НАТО, како што се Хрватска и Албанија, би правеле пакт со Косово. Едно Косово, кое според Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ООН и не би смеело да има војска. Ја спомнуваме таа резолуција за да потсетиме дека ООН преку Метју Нимиц со години не маваше по глава со две резолуции поврзани со спорот за името со Грција.
Како последица на ова, веднаш реагираа Унгарија и Србија, кои најавија нивен воен пакт. На Балканот веќе никој не спие! Според Белград, овој пакт би бил одговор на непринципиелниот мини-сојуз што го прават двете членки на НАТО со Косово, затоа што се нарушува безбедносната стабилност утврдена со договор од 1996 година. Се чини дека се заборава тоа што некогаш било договорено. Рековме, нови ветришта дуваат и некој едноставно ќе биде оддуван. Кој?
МАЛ СОЈУЗ ШТО МОЖЕ ДА СТАНЕ ГОЛЕМ
Загреб испрати порака дека нема ништо незаконско во договорот и тој е нужна реакција на вооружувањето на Србија. Можно е и да има трка за Косово, ако се земат предвид најавите дека Бондстил би можел во блиска иднина да се испразни од американски војници. Значи, прашањето е кој ќе влезе на територијата на една од најголемите воени бази, која се наоѓа во Косово. Ние би рекле на територија што пеш е само на неколку часа од Македонија.
Тоа е едната можна линија на анализа, а втората што се наметнува од Приштина е дека овој сојуз ги зацврстува позициите на Албин Курти откако тој не доби некоја силна карта од новата администрација на Доналд Трамп. Рамадан Илази, раководител на истражување во Косовскиот центар за безбедносни студии, смета дека значењето на оваа декларација лежи во фактот што таа дојде во време кога е зголемена непредвидливоста на постојните безбедносни сојузи во светот.
– Не сум оптимист дека оваа алијанса го означува почетокот на создавањето формален одбранбен блок, туку, напротив, нова група држави во Европа, кои ги делат истите грижи или исто толкување на безбедносната ситуација во Југоисточна Европа – изјави Илази за Радио Слободна Европа.
Она што дава сигнали дека оваа тројка е на чекор кон вистински сојуз е тивката најава дека таа е отворена за нови членки. Кои ќе бидат тие?
ОРБАН И ВУЧИЌ СО СВОЈ ОДГОВОР
Српски медиуми објавија дека веднаш по објавувањето на декларацијата од Тирана, од под маса е изваден и воениот пакт веќе подготвен меѓу Србија и Унгарија.
„Како што дознаваме, Виктор Орбан и Александар Вучиќ веќе влегле во сериозно спроведување на воениот сојуз меѓу двете земји. Ова е одговорот на Србија на договорот што во Тирана го потпишаа Хрватска, Албанија и т.н. Косово, а бидејќи Хрватска и Албанија се членки на НАТО, Унгарија како членка на Алијансата може да потпише сличен договор со земја што не е во Северноатлантската алијанса, а тоа е Србија“, пишува „Курир“.
Оваа вест нема официјална потврда, но секако дека не е извадена од арсеналот на некој неизбрифиран уредник. Згора на тоа, во регионот веќе толку многу е крената политичката температура, што на Балканот веќе ништо не е случајно. Република Српска, која е во уставни рамки на Босна и Херцеговина, бара „или-или решение“ за федерацијата. Тоа значи или ќе се редефинира или тие ќе излезат од заедничката држава. Уставот на Република Српска е подготвен, како што сега се подготвуваат и војските. Во Србија подолго време врие, таму последните пипала на „шарената револуција“ се обидуваат да направат преврат, Косово е без јасен политички идентитет во смисла на нова влада, а Македонија ги доживува најтешките моменти од осамостојувањето погодена од големата катастрофа во Кочани, за што троши огромни ресурси и капацитети.
Во заднината на овие потреси е и последниот на Босфорот, каде што претседателот Реџеп Таип Ердоган сега е пред нов предизвик по апсењето на градоначалникот на Истанбул и десетици негови соработници. А кога се тресе Босфорот, секако дека помали цунамија има и на Балканот.
Резимето би било дека кога е јасно дека Европа ќе се милитаризира, кога имаме една сосема јасна воена реторика, никој нема да може да биде на некаков пуст остров. Таков во моментов на мапата како да нема.
Европско НАТО или „нешто повеќе“?
ЕУ очајнички бара реформи. И според предлозите на обемниот план за ЕУ-застанување на свои нозе, на Марио Драги, доби предлози и сугестии за тоа. Но, либералниот Брисел под лидерството на Урсула фон дер Лајен бара брз и голем развој на воено-индустрискиот комплекс, и „треба ЕУ до 2030 година да формира моќен воен блок што би бил способен да ја преземе улогата на Америка во НАТО“. На маса се ставени над 800 милијарди евра за тие потреби. Можеби нема да бидат доволни и сумата ќе надмине и еден трилион. Тоа се вртоглави суми.
Сепак, планот за создавање некакви единствени воени сили што би можеле безбедносно да одговорат на предизвиците, пред сѐ како што тврдат либералните елити од Брисел – „за заканите од Русија“, нема да оди мазно, затоа што нема силен консензус од членките на ЕУ. Една од кочниците е и прашањето со Украина.
Покрај формирањето одбранбен сојуз на Европа, на маса веќе е механизмот САФЕ, односно соработка на воен план и во вселената. Покрај членките на ЕУ, во таа алијанса е и Македонија, која како земја кандидат веќе го потпиша договорот. Во касата на САФЕ на располагање ќе бидат ставени 150 милијарди евра, средства стриктно наменети за одбраната. Во САФЕ досега влегоа и Норвешка, Молдавија, Јужна Кореја, Јапонија, Албанија, а отворена врата стои за Турција и за Србија. И приближно вака изгледа тој нов европски воен бастион креиран пред сѐ и над сѐ како одговор на Русија. Но и на Кина.
Дали по потпишувањето мировен договор за Украина тој ќе биде потребен? Од она што сега е на маса, Европа под раководство на Брисел како да не ја интересира што ќе се потпише за Украина. На ЕУ ќе ѝ требаат ресурси, а каде да ги најде во доволни количества, ако не најблиску, а тоа е Украина.