Се работи за лек што го намалува воспалението, слично како дексаметазонот, но дава подобри и пофокусирани резултати. Сигурно е поскап лек. Им се дава на критично болните пациенти, на оние кај кои го има феноменот цитокинска бура, претеран имунолошки одговор на организмот, вели проф. д-р Никола Пановски
Лек за ревматоиден артритис спасува и најтешко болни од ковид-19
Се чини дека лекот за ревматоиден артритис тоцилизумаб лекува пациенти заболени од ковид-19 што се во критична состојба, покажуваат наодите на едно истражување. Истражувачите од Велика Британија и од Холандија што го прават испитувањето за ефикасноста на лекот оцениле дека овој третман дава „неверојатен резултат“.
Лекот веќе не е во фаза на испитување, бидејќи истражувачите се многу сигурни во наодите, но сѐ уште се пресметува прецизниот ефект врз преживувањето на пациентот. Други експерти повикуваат на претпазливост сè додека не се објават целосните податоци во врска со овој лек.
Проф. д-р Никола Пановски од Медицинскиот факултет, кој предава медицинска микробиологија и паразитологија, за „Нова Македонија“ вели дека овој лек заслужува внимание.
– Се работи за лек што го намалува воспалението, слично како дексаметазонот, но дава подобри и поточни резултати. Сигурно е поскап лек. Им се дава на критично болните пациенти, на оние кај кои го има феноменот цитокинска бура, претеран имунолошки одговор на организмот. Значи им се дава на потешки критични случаи за да го намали воспалението, да ја намали прекумерната реакција на организмот. Лекот спасува голем број животи – вели проф. Пановски.
Тој вели дека хрватските доктори од септември го ставиле во игра овој лек.
– Хрватските здравствени експерти во април годинава направија комисија составена од 17 експерти, кои, пак, во септември дадоа предлог во согласност со кој е направена точно класификација на болните, кои лекови точно кога треба да се дадат. Кај нив овој лек е ставен уште во септември. Лекот заслужува внимание и во некои земји веќе е во протоколите за лекување – додава професорот.
Истражувањето за ефикасноста на лекот го вршат колеџот „Империјал“ во Лондон, Националниот центар за интензивна нега и универзитетот „Утрехт“. Фокусот бил ставен на најтешко болните пациенти, кои требало да се стават на респиратор.
Испитувањата за лекот запреле неодамна, бидејќи независните набљудувачи рекле дека има доволно докази за неговата ефикасност. Испитувањето на неговото влијание врз првите 303 пациенти, покажало дека тој помага. Сепак, толкувањето на резултатите е сложено.
Ќе биде потребно време за да се знае дали овој лек за ревматоиден артритис, освен што спасува животи, го забрзува и закрепнувањето на пациентите. Големи се шансите лекот да стане стандарден за лекување ковид-19, но ќе бидат потребни уште неколку недели за правилно да се проценат податоците, кои сè уште не се официјално објавени.
Како што објави Би-би-си, третманот чини помеѓу 500 и 1.000 фунти и се дава интравенски.
Стероидите, вклучувајќи го и дексаметазонот, се единствените лекови што докажано спасуваат животи од ковид-19 и имаат тенденција да го смират целиот имунолошки систем. Тоцилизумаб цели токму кон специфични делови во тој сложен систем.
Д-р Лени Дерде, консултант за интензивна нега на Универзитетскиот медицински центар во Утрехт, оценил дека ова е апсолутно неверојатен резултат.
– Да се има втора ефективна терапија за критично болни пациенти во рок од неколку месеци од почетокот на пандемијата е без преседан – смета тој.
Неговиот колега, проф. Питер Хорби, кој бил дел од тимот на универзитетот „Оксфорд“ што покажа дека дексаметазонот штити, изјави дека ова е охрабрувачки резултат, кој сугерира дека и други антиинфламаторни лекови исто така може да помогнат во битката со ковид-19.