Според првиот човек на ДИК, Александар Даштевски, проблемите сo апаратите за отпечатоци од прсти се предизвикани бидејќи една четвртина од отпечатоците од прсти добиени од новите апарати не биле со добар квалитет
Екипа на „Нова Македонија“ во обиколка на гласачките места
Забавено гласање, редици пред гласачките места, непрепознавање на отпечатокот на прстот се клучните забелешки на кои реагираа граѓаните за време на гласањето, а кои ги регистрира и нашата екипа за време на вчерашната обиколка на повеќе избирачки места во првиот круг од локалните избори. За тешкотии со апаратите за препознавање отпечатоци на прсти, кои првпат се користат на избори кај нас, подоцна извести и ДИК, поради што имаше најави дека во тие избирачки места каде што имало вакви проблеми гласањето ќе биде продолжено.
– Гласав во ОУ „Војдан Чернодрински“. Мене лично отпечатокот на ми беше препознаен во три обиди, а истото тоа им се случи и на други луѓе што гласаа таму. Надвор има голем метеж и гласањето оди бавно – вели скопјанка што ја затекнавме на ова гласачко место.
Граѓаните алармираа и на неисправен скенер за отпечатоци на гласачко место кај Дом на градежници, во Центар.
– Ова со прстот ме изнервира, не покажа еднаш, двапати, трипати. Гласав со лична карта. Со десниот палец не можев да гласам, разочарана сум – изјави Павлина Богева, жителка на Центар. Неколкукратно повторување на процедурата за проверка на идентитетот со отпечаток од прст имаше и во основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ во Кисела Вода.
– Пред мене беше една жена и таа ја погреши просторијата за гласање. Изборната комисија два-три пати ја повторуваше процедурата на апаратите за отпечатоци од прсти, за на крајот да констатираат дека таа треба да гласа на друго избирачко место. Исто и на постарите лица им треба да се снајдат со долгите списоци на кандидатите за совети и за градоначалници. Тоа одзема време во чекање – ни изјави жител на скопската населба 11 Октомври.
И жител од Пржино вели дека поради апаратите за идентификација со отпечаток целата постапка на гласање многу е забавена.
– Учествувам на гласање уште од самостојноста на државата. Јас не паметам во Пржино толку да сум чекал за да гласам. Малку недостигаше и да се откажам. Крајно време е да почне да се овозможува гласање преку интернет – вели пржинецот.
Од Државната изборна комисија ги потврдија проблемите со новите уреди за отчитување и најавија дека на сите места каде што има забавен интензитет на гласањето, тоа ќе биде продолжено додека не гласаат сите граѓани што се затекнале во дворот на гласачкото место. Од ДИК уште најавија и продолжување на траењето на изборниот молк додека не се затвори и последното гласачко место.
Според првиот човек на ДИК, Александар Даштевски, проблемите со апаратите за отпечатоци од прсти се предизвикани бидејќи една четвртина од отпечатоците од прсти добиени од новите апарати не биле со добар квалитет. Тој уште додаде дека за бавното гласање придонеле и огромните избирачки списоци.