Премиерот на техничката влада, Оливер Спасовски, поднесе предлог до Собранието за разрешување на министерката за труд и социјална политика од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, поради непочитување на Уставот, односно одредбите од Преспанскиот договор.
– Во согласност со членот 94 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија, предлагам Собранието на Република Северна Македонија да ја разреши Рашела Мизрахи, министерка за труд и социјална политика во влада на РСМ. Предлагам Собранието да ја разреши на првата седница – напиша Спасовски во предлогот за разрешување на Мизрахи.
Барањето за разрешување на министерката Мизрахи доаѓа како последица на нејзиното повеќекратно појавување на прес-конференција во МТСП пред пано на кое е напишано старото уставно име на државата – Република Македонија. Претходно, министерот за надворешни работи Никола Димитров му предложи на премиерот Спасовски да ја разреши Мизрахи од министерската функција.
Во меѓувреме, по најновите случувања, се зголемија и тензиите на релацијата власт – опозиција.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за предлогот за разрешување на министерката во техничката влада од неговата партија смета дека ваквите политички маневри може да ја однесат државата во тешко политичко сценарио.
– Не е добро, ниту за државата, вака по пат на насилство да се туркаат работите. Политички договор постои и тој треба да се почитува. Имаме 60 дена до денот на гласање, па колку-толку барем да имаме елементарни услови за пристоен изборен ден на 12 април – изјави Мицкоски.
Тој уште истакна и дека не ја гледа понатаму причината за учество на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието доколку тоа не се распушти на 12 февруари, во согласност со договорениот термин за избори на 12 април.