Советот за македонски јазик достави барање до Министерството за образование и наука и до Владата за промена на наставниот план по предметот Македонски јазик за учениците од другите заедници, според кој, досега тој се изучуваше од четврто одделение со фонд од два часа неделно, што е недоволно. Се бара да се започне со учење на државниот македонски јазик од прво одделение со фонд од три часа неделно
Македонскиот јазик – првото и основно средство за комуникација меѓу сите што живеат во државата:
Јазикот е основното средство за комуникација во едно општество и главно кохезивно ткиво околу кое се врзуваат сите граѓани и ги остваруваат сопствените цели, амбиции, права, обврски…
Официјален јазик во Македонија отсекогаш бил македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, што придонесуваше со децении јазичната бариера меѓу граѓаните да не постои, комуникацијата на секое ниво да се одвива непречено, а проблемите најчесто да се сведуваат на граматички недоследности.
Но по 2001 година и потпишувањето на рамковниот договор, настапи процес на воведување двојазичност во деловите од земјата во кои има над 20 отсто од некоја малцинска заедница, па наместо општествена кохезија, всушност се случи општествена сегрегација, која продолжува да се развива и неминовно води кон сѐ помало разбирање и одвојување едни од други.
А за да се создаде јазична бариера не е потребна некаква голема филозофија, туку едноставно исклучување на македонскиот јазик од наставната програма на малцинските заедници уште од најмала возраст, со што тие генерации подоцна го доживуваат македонскиот јазик како туѓ и одбиваат да го употребуваат. Со други зборови, кога на децата ќе им се всади поинаква перцепција за македонскиот јазик, тогаш тие се упатени едноставно да не се разбираат со Македонците и наместо да живеат заедно и сплотено, живеат едни покрај други без да се разберат. Тоа станува видливо на секој чекор. Посебни училишта, посебни празници, посебна историја, посебни симболи, па и посебен јазик, сето тоа е одлика и обележје на бинационална, а најмалку на унитарна држава каква што треба да биде Македонија според Уставот. А токму тој македонски устав ги гарантира сите малцински права, вклучувајќи го и она на образование на мајчин јазик, но круцијално е да се познава и да се говори јазикот што го говори мнозинското население и кој е официјален, како средство што се употребува на секое ниво на комуникацијата, било во обраќањето кон институциите било во секојдневното општење меѓу сограѓаните.
Сега станува сѐ повидливо дека јазичната бариера го турка општеството кон дополнителни поделби, затворање во етнички енклави и кон разбивање на унитарниот карактер на државата. Никако поинаку не може да се сфати барањето за втор официјален јазик на територијата на целата држава, што реално не соодветствува со состојбите на терен, ниту, пак, може да функционира во пракса.
Во меѓувреме, младите во земјава наместо на официјалниот македонски јазик, меѓу себе комуницираат и се разбираат на англиски јазик. Тоа е резултатот од јазични бариери поставени уште од мали нозе, кои подоцна креираат отпор кон официјалниот јазик на државата, што на крајот резултира со неупотреба на македонскиот јазик, негово јавно омаловажување и навредување, за што македонската јавност беше сведок во изминатиот период.
За да се стави крај на ваквите сегрегативни политики, крајно време е државата исто онака како што сега се труди да го одбрани јазикот од надворешните напади, така одново да го вгради во образовниот систем од најмала возраст, па македонскиот јазик да стане задолжително четиво во образовните програми на сите малцински заедници.
За таа цел, Советот за македонски јазик достави барање до Министерството за образование и наука и до Владата за промена на наставниот план по предметот Македонски јазик за учениците од другите заедници, според кој, досега тој се изучуваше од четврто одделение со фонд од два часа неделно, што е недоволно. Се бара да се започне со учење на државниот македонски јазик од прво одделение со фонд од три часа неделно.
– На тој начин, ќе се подигне нивото на знаење на македонскиот јазик како државен, ќе има подобра комуникација, ќе се почитува Уставот и ќе се зајакнуваат унитарноста на државата и кохезијата во општеството, но и ќе се гради сплотена нација – образложи професорката Симона Груевска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје.
Кратка и концизна во своето мислење околу позицијата на македонскиот јазик во општеството беше професорката Елка Јачева-Улчар од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје.
– Во Македонија македонскиот јазик, а не албанскиот или англискиот – е првото и основно средство за комуникација меѓу сите што живеат во државата. Толку од мене по ова прашање – напиша професорката Улчар.
И по една година Законот за употреба на македонскиот јазик не се применува
Институционална сопирачка за македонскиот јазик
Законот за употреба на македонскиот јазик, цела година по неговото донесување, сè уште не се применува. Во декември минатата година беше формиран нов состав на Советот за македонски јазик, стручно советодавно тело на Владата, на чие чело застана професорката Симона Груевска. Според неа, формирање на инспекторатот за македонски јазик е појдовната и клучна точка за да може да се каже дали употребата на македонскиот јазик е според Уставот и според законот.
– Но во тој период всушност се распишаа изборите и поради тоа не можеше да се заврши, во смисла да се избере директор и да се објави конкурс, тоа беше стопирано. Се надевам дека во скоро време ќе се формира инспекторатот, бидејќи и од Советот за македонски јазик чекаме тоа, затоа што и ние имаме некои барања што ќе ги спроведеме до инспекторатот – изјави проф. д-р Симона Груевска, претседателка на Советот за македонски јазик.
Дополнително и измената на називот на надлежното министерство го пролонгираше формирањето на инспекторатот за спроведување на Законот за употреба на македонскиот јазик.
– Тие закони во кои е споменато Министерството за култура се менуваат во делот на насловот на министерството, кое сега е Министерство за култура и туризам. И тука е малку блокирана работата во смисла што Министерството за култура, ми се чини, дека три месеци не издава лекторски лиценци во очекување на поминување на измените на законите што се однесуваат на Министерството за култура и туризам, по ново. Така што, тука веројатно е настаната некоја блокада.
Се надевам дека тоа наскоро ќе се разреши и ќе може да се формира тој инспекторат – додава Груевска.
И професорката Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“, смета дека е исклучително важно законот да почне да се применува за да се постигне и институционална заштита на македонскиот јазик.
– Знаете како тоа ќе ни помогне на сите за поголем интерес за студирање на македонскиот јазик. Од друга страна нашите колеги што повеќе од деценија работат на несоодветни работни места, а имаат положено лекторски испит ќе можат конечно да работат на струката. Ние имаме квалитетни кадри што можат да се вклучат да работат како лектори – изјави проф. д-р Елена Јованова Грујовска.
Надеж дека законот во скоро време ќе почне да функционира изрази и професорот Људмил Спасов.
– Тоа што не профункционира законот, мене, како еден од авторите и тогаш бев претседател на Советот за македонски јазик најслободно, можам да кажам дека ме нервира и мислам дека е една многу непријатна ситуација. Се надеваме дека ќе профункционира во најскоро време – изјави проф. д-р Људмил Спасов.
Во Законот за употреба на македонскиот јазик се предвидени стипендирање студенти по македонистика во сите три циклуси, вработување и ангажирање лектори во сите државни и јавни установи и институции, Владата, Собранието и министерствата, во медиумите, па сè до локалната власт, во универзитетите и научните институции, во основните и средните училишта. С.Т.