Фото: ЕПА

Ставовите на Трамп за почнување мировни преговори со рускиот колега Владимир Путин и за предвидените отстапки од Украина се толкуваат како прекин на директната американска поддршка за Киев и згаснување на надежите на украинските власти за враќање на териториите што моментално се под руска контрола, како и за евентуален прием на земјата во НАТО

Постигната согласност помеѓу Доналд Трамп и Владимир Путин за почнување преговори за завршување на војната во Украина

Најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за постигнат договор со рускиот лидер Владимир Путин за почнување итни мировни преговори за ставање крај на војната во Украина предизвика изненадување во светската јавност, особено поради изнесените ставови од Вашингтон за отстапките што се очекуваат од официјален Киев. Ставовите на Трамп се толкуваат како прекин на директната американска поддршка за Киев и згаснување на надежите на украинските власти за враќање на териториите што моментално се под руска контрола, како и за евентуален прием на земјата во НАТО, кои првично беа изнесени како воени цели од кои Украинците не сакаат да се откажат.
Во објава на социјалните мрежи Трамп наведе дека американски преговарачки тим веднаш ќе почне да разговара со претставниците на Путин. На американскиот државен секретар Марко Рубио ќе му се придружат директорот на ЦИА, Џон Ретклиф, и советникот за национална безбедност Мајкл Волц како дел од американскиот преговарачки тим.
– Верувам дека овој напор ќе доведе до успешен заклучок, се надевам наскоро – нагласи Трамп.

Aмериканска визија за Европа

Реномираниот „Политико“ пишува дека американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет беше првиот што ја откри позицијата на Америка на состанок во седиштето на НАТО во Брисел, кажувајќи им на своите колеги оти украинскиот претседател Володимир Зеленски нема шанси да ја постигне својата цел за враќање на Украина на нејзините граници пред 2014 година.
– Бркањето на оваа илузиона цел само ќе ја продолжи војната и ќе предизвика повеќе страдања – рече Хегсет.
Тој потоа предупредил дека Америка ќе се повлече од своите заложби за европската безбедност, откажувајќи се од историската улога што ја играше од крајот на Втората светска војна и постави остра визија во која европските влади ќе преземат примарна одговорност за сопствената одбрана – како и за онаа на Украина.

Постигнувањето ефективен мир – единствена цел на претседателот Трамп

Набрзо потоа Трамп изјави дека тој и Путин се согласиле да започнат преговори за посредување за прекин на огнот во Украина, подоцна додавајќи дека е малку веројатно Киев да ја врати целата своја територија или да му се приклучи на НАТО доколку се постигне договор.
– Само што имав долг и високопродуктивен телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин. Исто така, се согласивме нашите соодветни тимови веднаш да започнат преговори и ќе започнеме со тоа што ќе го повикаме претседателот Зеленски, од Украина, за да го информираме за разговорот… Милиони луѓе загинаа во војна што немаше да се случи да бев претседател, но се случи, па мора да заврши. Повеќе не треба да се губат животи – порача американскиот претседател во објава на социјалните мрежи.
Трамп истакна дека се согласува со тоа што Украина нема да добие членство во НАТО и оти е „малку веројатно“ Украина да врати значителна територија во преговорите.
– Јас сум тука само за да се обидам да добијам мир. Не ми е гајле за ништо друго освен што сакам да ставам крај на убивањето милиони луѓе – категорично порача Трамп.
Зеленски, пак, ја прифати новонастаната состојба, што може да се забележи во неговата објава на социјалната мрежа Икс, по, како што тој посочи, „значајниот“ разговор со Трамп.
– Претседателот Трамп сподели детали од неговиот разговор со Путин. Никој не сака мир повеќе од Украина. Заедно со САД ги правиме нашите следни чекори за да ја запреме руската агресија и да обезбедиме траен, сигурен мир. Како што рече претседателот Трамп, ајде да го завршиме тоа – наведе украинскиот претседател.

Брисел инсистира на централна улога во преговорите

Европските дипломати изгледаа несигурно како да одговорат додека се обидуваа да ги прифатат изјавите на Хегсет и Трамп. Немаше непосреден коментар од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Главната дипломатка на блокот Каја Калас подоцна објави на Икс дека Европа мора да има централна улога „во какви било преговори“, додавајќи: „Независноста и територијалниот интегритет на Украина се безусловни. Наш приоритет сега мора да биде зајакнување на Украина и обезбедување цврсти безбедносни гаранции“.
Некои од сојузниците на Украина во Европа беа поискрени во отфрлањето на пристапот на Трамп, особено неговата одлука да смисли мировен план директно со Путин.
– Секогаш нагласувавме дека… нема да има одлука за Украина без Украина. Мирот може да се постигне само заедно. А тоа значи со Украина и со Европејците – рече германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок. Р.С.


Спротивни ставови на ЕУ и на САД за идната воена поддршка
за официјален Киев

Европејците бараат поголема воена поддршка за Украина, Американците го отфрлаат вклучувањето на НАТО

Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски изјави дека на Украина ѝ е потребна поголема воена поддршка пред да започне разговори со Путин.
– Полска непоколебливо ќе бара засилена воена поддршка за Украина. Зајакнувањето на капацитетите на Украина пред потенцијалните разговори со Русија е од клучно значење за нашиот континент – рече Сикорски.
Франција исто така изрази противење на американската позиција, инсистирајќи дека Украина треба да остане на патот кон приклучување кон НАТО. Претходно, Хегсет ефективно го отфрли тоа, барем како дел од каква било безбедносна гаранција што го придружува мировниот договор. Тој исто така ја отфрли можноста за учество на американски војници во каква било мировна мисија и рече дека НАТО како организација не треба да биде вклучено.
– Ние сме многу приврзани за патот на Украина кон НАТО. Ако има мир, ни требаат безбедносни гаранции за да биде фер и траен – рече Жан-Ноел Баро, францускиот министер за надворешни работи.
Британските власти, пак, соопштија дека се согласиле оти Европа треба да стори повеќе, што се забележува според изјавите на министерот за одбрана на Обединетото Кралство, Џон Хили, за „преземање одговорност и за дополнителни напори за Украина и за европската безбедност“. Р.С.