Илустрација: „Нова Македонија“

За само шест месеци Трамп го преврте светот (поредокот) наопаку, истакна поранешната државна секретарка на САД, Кондолиза Рајс, која учествуваше на Безбедносниот форум во Аспен, Колорадо, каде што и други врвни политичари се согласија со тоа. Денешното е трето продолжение од анализата на овој драматичен глобален пресврт. Целта на серијалот е да се обидеме да проникнеме во внатрешноста на пирамидата на новиот светски поредок и да откриеме кои се „фараоните“ што го градат тој поредок Каде е Македонија и какви се нејзините шанси ако се држи до курсот на суверенизмот, но и со додавање еден империјалистички амалгам во внатрешната и надворешната политика

ГЛОБАЛИЗМОТ СИ ЗАМИНУВА, ШТО НОСИ НОВИОТ СВЕТСКИ ПОРЕДОК (3)

Што ќе се случува со мултилатералните организации во новиот светски поредок што се гради сега? Што со ООН, со Светската трговска организација, што со ОБСЕ, со Советот на Европа? Со организации и агенции што се под капата на светската организација, а некои веќе не се финансиски поддржани од Америка? Станува збор за мултилатерални организации изградени на пепелиштето на Втората светска војна за да обезбедат светски мир. НАТО беше чудно избрано од ОН, полутајно, да биде гарант на светскиот мир, но не ја оправда таа улога. Формирањето, пак, коалиции за воени интервенции, во кои сакале или не сакале членките на НАТО учествуваа, на пример на Блискиот Исток или во поранешна Југославија, исто така ја урна сликата за војниците на НАТО како мировници.
Дали БРИКС е новата група што може да прерасне во мултилатерална организација што би била способна да наметне нови правила на игра, на пример на финансиските пазари, ММФ да добие конкуренција, Светската банка да биде ставена во позиција дали нејзиното постоење е потребно? Но што и со Европската Унија, за која се зборува дека ќе мора да се реформира, па и трансформира ако сака да остане релевантен играч на светската сцена. Ќе се менуваат ОН, ќе мора да се менува и ЕУ, тоа е јасно. Ќе добиеме нов свет. Дали ќе биде подобар од овој сегашниов? Хмм, вештачката интелигенција се вмешува и влегуваме во непозната сфера, човештвото не искусило таков цивилизациски пресврт и тешко е да се прогнозира. Политиката и науката се на крстопат. Нанотехнологијата или квантната физика и механика ќе овозможат и мали нации да станат големи, а тоа значи дека ќе се менува и поларноста на светот.

КАДЕ Е ЕВРОПА, А КАДЕ НИЕ ВО ТАА ЕВРОПА?

Европската Унија ќе треба да усвои нов буџет што ќе биде до 2034, што значи се знаат контурите на Унијата? Не сосема. Врз ЕУ сериозно ќе дејствуваат и надворешни сили и таа ќе мора да се менува во движење. Предвидливо е дека ЕУ ќе настојува да се милитаризира, но во заднина веќе се создаваат воени мини-пактови и блокови, како на пример меѓу Британија и Франција, па Британија и Германија, а останува француско-германскиот пакт. Ова е позната шема, како и функционирањето на еден полуфедерален систем на државите од Белгија до Скандинавија. Природно и земјите од Средна Европа го најдоа својот заеднички интерес, но и идентитет и тие се зближуваат во она што неолибералите го нарекоа „десна Коминтерна“. Во тој речиси готов блок природно се вклопи и Македонија како идеолошки партнер, но да не заборавиме и на старите интереси од времето на Австроунгарската Империја. Секој сака да се врати на своето наследство. Ова се работи на кои секоја држава мора да внимава за да на даде премногу од својот суверенитет.
Клучно е што европската безбедносна конструкција создадена пред точно педесет години со Хелсиншкиот завршен акт повеќе не е истата. Она што подоцна прерасна во КЕБС, а сега ОБСЕ се покажа дека е прегазено од времето. Со иронична забелешка – ОБСЕ можеби ќе го снема, но ќе остане во Македонија како реликвија на едно време. Замислете, таа мисија во Скопје е активна 30 години. Зошто?

НЕКОГАШ СВЕТОТ ИМАШЕ ЛИДЕРИ

Ако се навратиме на тој 1 август 1975 година во Хелсинки ќе видиме многу државници што ставиле потпис на завршниот акт: Хелмут Шмид и Ерик Хонекер – лидери на Западна и на Источна Германија, Џералд Форд – претседател на САД, Леонид Брежњев – на СССР, Ј.Б. Тито – на Југославија и еве нешто интересно, Алдо Моро – лидерот на Италија подоцна ликвидиран во атентат, шведскиот лидер Улоф Палме, убиен во атентат, лидерот на Романија, Николае Чаушеску, стрелан заедно со неговата сопруга. Куриозитет – потпис не ставил Енвер Хоџа, лидерот на Народна Република Албанија, што денес се покажува дека имал визионерство. Основата на тој акт е мир во Европа, неменување на границите, активна коегзистенција меѓу двата блока, практично зацементирана Јалта. ОБСЕ доби мандат да го набљудува балансот на воените сили, но токму таму потфрли не само во Југославија туку особено во Украина. По тоа украинско фијаско ОБСЕ веќе нема никаков кредибилитет, особено што пред негови очи се трансферираат тони и тони оружје низ Европа, а таму се молчи. На Европа веројатно ѝ е јасно дека ОБСЕ е мртво, прашање е дали е жив духот од Хелсинки за мир. Дали е жива во Европа идејата за хуманизам? Некогаш имаше лидери и лидерство, а сега?
Ова се големи прашалници за нашиот континент, кој маршира во неизвесност. Изгубени Наполеонови војници во маглата на новото време. Во таа војска и за македонските војници имаат подготвено шинели. Наша суверена волја е дали ќе ги наметнеме.
Освен ОБСЕ, на стаклени нозе се и институциите во Стразбур, куќата на човековите права, барем таква беше позната, и тоа не се тресе само финансиски туку и суштински. Советот на Европа губи на значење, нагризан е од двојните стандарди, неговиот покрив веќе нема паневропска димензија. А држави како Обединетото Кралство (од таму порачуваат – па, ние ве научивме што е право, што се судови, што се закони, нема вие нас да нѐ учите), Бугарија, Грција… дури им се потсмеваат на пресудите на Европскиот суд за човекови права. Тогаш, која е смислата на неговото постоење, освен ако тој не е наменет да застрашува само одредени држави?! Пак да го споменеме случајот со Македонија – токму Стразбур го зацементира името „поранешна југословенска Република Македонија“, така нѐ примија во членство, со што и формално ја погреба идејата на татковците и основачите на новата Европа. Амин!
Унијата се менува, значи нема што да прашуваме дали ќе се менува. Тоа е решена дилема. Не знаеме колку внатрешно ќе се трансформира, но многу е веројатно да се формираат внатрешни зони, налик на она што се вика Европа во прва, втора и во трета брзина. Големиот тест ќе биде со Украина и прашањето дали членките ќе сакаат да ја примат на брза линија со што би го поткопале нејзиниот дефиниран процес на проширување, но и подготовката да се прими еден нов голем пазар во нејзиниот единствен. Процес што нема да оди мазно, плус неизвесно е дали ќе се расчистат воените дилеми со таа земја, а ги има многу. ЕУ ризикува во себе да ги вшмука замрзнатите конфликти од Истокот. Европа ќе троши на воени чизми и оружје, а тоа ќе значи помалку за социјални програми, образование. Дали Европа ќе стане, освен воен, и бастион непробоен за надворешниот свет, останува да видиме. Сега гледаме дека се вежба враќање на граничните премини и тоа ги фрустрира граѓаните. И веројатно и поголем предизвик од Украина ќе биде прашањето со имиграцијата, која ќе притиска на надворешните европски граници, а не помалку ќе биде справување со изменетата слика на составот на популацијата во повеќето европски земји. Палестинското прашање како индикатор кажува дека Европа е ранлива. Можеби е и на чекор до цивилизациски судир меѓу христијанството и исламот?

МАКЕДОНИЈА ОДИ ПО РИЗИЧНА ИДЕНТИТЕТСКА САЈЛА

За Македонија членството во Унијата останува како еден од најголемите предизвици, затоа што за членство, од неа се бара драматична смена на Уставот и идентитетско предавство. Доколку решиме да одиме по таа ризична линија, ќе мора да се соочиме дека во ЕУ ќе влеземе како нова нација, а тоа значи дека Македонија каква што ја знаеме ќе ја снема. Многу брзо, за две-три генерации ништо нема да се знае за нејзиното историско минато и наследство. Ќе се изгради нова северномакедонска нација со сестрана поддршка на нашите први комшии и фондовите на ЕУ.
Вториот предизвик е историски. Државата е соочена со постојани агресии од соседството, кое ги минира нејзиниот напредок и економски раст, практично е дестабилизирачки фактор. Некои потези што се прават како гестови на добра волја се минорни и не ја менуваат само сликата туку и нивната стратегија. Да погледнеме само како сме инфраструктурно бајпасирани, ќе ни стане јасно што ни се случува. Без елиминирање на Преспанската „конечна“ спогодба и Договорот со Бугарија ние ќе бидеме на лизгав терен и како држава и како нација. И онака Грција веќе длабоко пенетрирала во македонското општество, и со капитал и со политичко влијание и практично сме им вазали. Бугарија на наш терен влезе задоцнето, но нашата историска блискост ја злоупотреби за пропаганда против сѐ што е наше и турка фашизоидна политика на етнички мелтинг пот – една нација во две држави и дели пасоши.
За поздравување се суверенистичката идеологија и програма на Владата на Христијан Мицкоски, но таа не смее да биде на нивото на неостварена идеја. Суверенизмот подразбира враќање на Републиката, а тоа значи силни национални институции. Не партизирани, туку национални, значи пополнети со стручен кадар. Она што се случува сега со државниот јавен обвинител и со неговите колеги потврдува дека тој систем е корумпиран. Точка. Некој со години таму градел цитадела на семејни врски. Довербата во судството е едвај два процента. Катастрофа…


Македонската Ахилова петица

Нашата Ахилова петица се партиите, кои во суштина се моноетнички и се катастрофа за развојот на македонското општество во кое како рак-рана се шири етноцентризмот. Ако немаме сила и волја да го смениме тоа, а може да се смени со нов закон за партии и за избори, практично со растурање на сите сега регистрирани партии и пререгистрација, ние, наместо да се развиваме како суверена нација и држава, ќе се движиме низ просторот и времето по некоја инерција

Потегот на гувернерот на Народната банка, Трајко Славевски, да ги заузди банките е показател дека суверенизмот фаќа корени во Македонија. Но како ќе оди понатаму е нејасно. Ние имаме Народна банка, но немаме македонски банки. Народот би рекол „имаме чат-пат“, а тоа значи немаме и тоа е фактор на нагризан или ослабен суверенитет. Ете каде треба да се работи. Енергетски уште сме зависни, сликовито да се изразам, сега се создава потенцијал, и институционален и експертски и во јавноста, за да излеземе од доскорешниот „енергетски Алкатраз“. Нема сувереност без енергетска самостојност.
Да не набројувам натаму, на домашен терен сме слаби. Нашата Ахилова петица се партиите, кои во суштина се моноетнички и се катастрофа за развојот на македонското општество во кое како рак-рана се шири етноцентризмот. Ако немаме сила и волја да го смениме тоа, а може да се смени со нов закон за партии и за избори, практично со растурање на сите сега регистрирани партии и пререгистрација, ние, наместо да се развиваме како суверена нација и држава, ќе се движиме низ просторот и времето по некоја инерција. Како некој трупец од падната топола што плута низ Вардар. Па, да завршам со зборовите на министерот Тимчо Муцунски дека ние не градиме никаков српски свет, или некаков друг, туку градиме и живееме во македонски свет. Подобро кажано, здравје! Затоа треба да се следат пораките на силните – треба да градиме сојузништва. Сојузништва во кои влегуваме како суверена нација. Доколку така се води политика и дома и надвор, Владата на Мицкоски ќе треба да добие и втор мандат за да ја заврши започната работа, а таа не е обична работа, овој пат не е „business as usual“. Х.И.

(крај)