Меѓународен ден на сеќавањето на холокаустот
Денеска, во рамките на Меѓународниот ден на сеќавањето на холокаустот, светот им оддава почит на милионите луѓе што ги изгубија своите животи во логорите на смртта. Обединетите нации го одбраа 27 јануари како ден кога им се оддава почит на жртвите на холокаустот, затоа што токму на овој ден беше ослободен концентрациониот логор во Аушвиц. Во меморијата на човештвото, зборот холокауст се поврзува со најмрачниот момент во историјата кога милиони луѓе поради своето потекло и убедување беа плански и методски уништувани од страна на нацистичкиот режим на Адолф Хитлер, но и од страна на германските сојузници, како што е Царска Бугарија предводена од Борис Трети и Богдан Филов. Трагичната судбина на македонските Евреи е поврзана со политиките на бугарската фашистичка влада, која ги депортирала во логорот Треблинка во Полска, каде што биле убиени во гасни комори. Според постојните документите и податоците, од територијата на денешната македонска држава биле депортирани повеќе од 7.000 Евреи, а статистичките податоци исто така покажуваат дека во октомври 1945 година преостанале само 419 припадници на еврејската заедница. Затоа денес им се оддава почит и спомен на сите жртви на холокаустот со различни активности, сѐ со цел никогаш да не се повторат ваквите настани од историјата.
Најмрачните моменти на холокаустот
Секој детаљ од уништувачкиот процес бил методски испланиран. Евреите што пристигале со возови од Белзец, Собибор и Треблинка, биле лажно информирани од СС дека тоа е само транзитно запирање и дека ќе продолжат кон нивното вистинско одредиште (фабрики каде што требало да работат) по извесно време. Им било кажувано дека нивните алишта ќе бидат дезинфицирани и дека треба најпрвин да се истушираат. Мажите биле одделувани од жените и децата. Сите биле водени во бараките за соблекување. На жените и девојките им била сечена косата. Најпрвин мажите, а потоа и жените, биле водени во простории со тушеви, каде што откако ќе влезеле им ги затворале вратите и ги вклучувале машините на бензин. Смртоносниот јаглерод моноксид за кратко им ја труел крвта.
Во Аушвиц-Биркенау, на новодојденците им ја одземале облеката, ја ставале во посебни фиоки со броеви и им наредувале секој да го запомни бројот на својата фиока. Наместо јаглерод моноксид, за нив бил користен пестицидот циклон-Б. На жртвите им биле вадени златните заби, а телата биле уништувани на различни начини, вклучувајќи масовни палења, кремирање на отворен оган или во специјално дизајнирани печки, како оние од Аушвиц. Сета облека, пари, злато, накит, очила и други вредности биле сортирани и вратени назад во Германија за „повторна употреба“. Косата од жените била праќана во фирма во Баварија, за производство на перници, перики и фломастери.
Возовите што пристигнувале во Аушвиц биле подложни на селекционен процес од страна на СС-докторите, како Јозеф Менгеле. Тој го искористил Аушвиц како можност за продолжување со своите истражувања во областа на генетиката и расните разлики, користејќи ги затворениците од логорот како предмет за експериментирање. Особено бил заинтересиран за близнаците, кои биле селектирани и сместувани во посебни бараки. Ја изучувал и болеста наречена нома, која особено ги погодувале ромските деца, со намера да докаже дека одредени болести се јавуваат поради расната инфериорност. Менгеле се интересирал и за психичките абнормални однесувања, како и за генетските нарушувања. Се интересирал и за џуџињата, како што е примерот со романската фамилија Овиц, која имала десет члена, од кои седум биле џуџиња.
Менгеле никогаш не се однесувал кон нив како со човечки суштества, туку како кон обични предмети за истражување. Во повеќе наврати, тој убивал субјекти само за да може да ги истражува внатрешните органи. Многубројни се сведочењата како на деца од пет-шестгодишна возраст им давал инјекција, за по неколку минути тие да умрат. Правел и експерименти со вештачко осеменување девојки, со намера во подоцнежниот стадиум на бременоста да им предизвика абортус.
Трагичната судбина на македонските Евреи
Во јули 1940 година, царска Бугарија започнува со донесување антисемитски закони, а во овој правец е и Законот за заштита на нацијата од јануари 1941 година, одобрен од царот Борис Трети. Споменатиот законот е крајно расистички и во согласност од идеологијата на нацизмот. При спроведување на овој закон посебно се водело сметка за четвртата глава, која се однесувала „за имотот на лица со еврејско потекло“, како и на петтата глава „за професионалната и економската активност на лицата со еврејско потекло“. Во овој закон биле наведени сите можни занимања со кои не смееле да се занимаваат Евреите, со што им била намалена можноста да се заработи за пристоен живот. Со одземање на основните граѓански права, всушност се создале услови за систематска ликвидација на Евреите во границата на тогашното Бугарско Царство.
По бугарската окупација на територијата на денешната македонска држава, се започнало со спроведување на Законот за заштита на нацијата. На 9 април 1941 година, забележано е дека во Битола биле обележани сите еврејски куќи, трговски и занаетчиски дуќани. Според Законот за заштита на нацијата, секој Евреин бил должен да пополни специјална декларација. Во 1942 година притисокот врз Евреите уште повеќе пораснал кога во Битола допатувале тројца специјални инспектори за „еврејското прашање“. Нивното доаѓање било поврзано со започнување на потполниот геноцид со меѓусебен договор на бугарските и германските влади.
Ликвидирањето на Евреите од Македонија било резултат на договор меѓу нацистичка Германија и царството Бугарија. Од името на двете држави на 2 февруари 1943 година договорот го потпишале Адолф Бекерле, (германски полномошен министер во Бугарија) и Петар Габровски, бугарски министер за внатрешни работи. Конкретните планови за депортацијата се документирани во извештај од 12 ноември 1942 година на Министерството за надворешни работи од Германија до Германската легација во Софија, во кој се вели дека „бугарската влада со особено задоволство известува дека конечно ќе се реши еврејското прашање“. Покрај ова бугарската влада бара од Германија да ѝ ги достави деталните планови за иселување на Евреите од Романија за и таа да преземе неопходни мерки за иселување на Евреите.
На Комесарството за еврејски прашања бугарската влада му дава налог да направи списоци на целокупното еврејско население во Македонија, со имотите на сите членови на семејството, возраст, пол, професијата и улицата, бројот и местото на живеење. Рокот за доставување на главните списоци бил само неколку дена.
Во телеграмата од 4 април 1943 година од Ото фон Рибентроп, министер за надворешни работи на нацистичка Германија, испратена до Германската легација во Софија за разговорите во Берлин со царот Борис за еврејскиот проблем во точка 4 се вели: „Царот изјави дека досега дал согласност за иселување во Источна Европа само за Евреите од Македонија и Тракија. За Евреите од самата Бугарија тој сака да се иселат само еден мал број болшевичко-комунистички елементи. Другите 25.000 Евреи ќе ги собере во концентрациони логори во земјата, зашто има потреба за градење патишта. Не се задржав на изјавата на царот и се задоволив со тоа што му истакнав дека според наше мислење само радикалното решение е единствено вистинско решение на еврејското прашање“.
По потпишувањето на договорот, следува Протоколот бр. 32 на Министерскиот совет од 2 март 1943 година, со кој се предвидуваат организационите мерки за депортирањето на 20.000 Евреи од „новите“ и „старите“ предели на Бугарија и за одземање на имотите.
Во ноќта помеѓу 10 и 11 март 1943 година, градовите Битола, Штип и Скопје биле блокирани, а еврејските населби опколени со бугарска војска и полиција. Во раните утрински часови на 11 март започнало собирањето на Евреите. Жените, децата и болните ги товареле во камиони или во шпедитерски коли. Полицајците на луѓето им велеле со себе да ги земат сите скапоцености и пари, зашто ќе им требаат и дека ќе бидат префрлени во Бугарија. Пљачкосувањето на имотот настанало уште на самото место, во куќите, при собирањето на Евреите. Продолжило на железничките станици во Битола и Штип, но и во Државниот монопол во Скопје.
Сите Евреи од Македонија биле депортирани во логорот Треблинка во Полска, каде што биле задушени во гасни комори. Д.Ст.