За само шест месеци Трамп го преврте светот (поредокот) наопаку, истакна поранешната државна секретарка на САД, Кондолиза Рајс, која учествуваше на безбедносниот форум во Аспен, Колорадо, каде што и други врвни политичари се согласија со тоа. Во неколку продолженија ќе го анализираме овој драматичен глобален пресврт, ќе се обидеме да проникнеме во внатрешноста на пирамидата на новиот светски поредок и кои се „фараоните“ што ја градат. И, секако, каде е Македонија и какви се нејзините шанси ако се држи до курсот на суверенизмот, но и со додавање еден империјалистички амалгам во внатрешната и надворешната политика
ГЛОБАЛИЗМОТ СИ ЗАМИНУВА, ШТО НОСИ НОВИОТ СВЕТСКИ ПОРЕДОК (1)
Два женски гласа од високата политика одекнаа и надалеку се слушнаа. Првин нововостоличената шефица на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, преземајќи го новиот мандат, кажа кратко и јасно: Светот што досега го познававме веќе не постои. Мислеше на стариот светски поредок изграден на урнатините на Втората светска војна. Поредок во кој западната алијанса го лапна најголемиот колач и го исцрта портретот на светскиот бауч олицетворен во лицето и системот на СССР, оставајќи ја Кина во еден вид изолација. Дали ќе биде потребна трета светска војна за да се изгради новиот светски поредок веќе не е прашање на место, зашто новата светска пирамида веќе се гради. Тоа го кажува и Фон дер Лајен. Не се само Кина, Русија или земјите од БРИКС виновни за тоа, кои пораснаа и надраснаа многу земји од Г7, таа пред сѐ мислеше на потезите од преку Атлантикот, на политиката на Белата куќа, која дејствува како акцелератор на промените.
А, само пред неколку дена поранешната американска државна секретарка, Кондолиза Рајс, пред да го фати микрофонот како панелистка на форумот за безбедност во Аспен, на новинарите им рече: Светот е превртен наопаку. Тој поредок што го знаевме го нема. Претседателот Трамп за само шест месеци го преврте светот наопаку, рече таа. Добро, не е само Трамп тој што се фатил за лопатата на промените, но Америка е таа што паѓа од престолот и се обидува да создаде конструкција за нејзините интереси.
ТРАМП 2.0 ГО НОКАУТИРА СВЕТСКИОТ КОНСЕНЗУС
Во Аспен, Колорадо, неодамна се собра националната безбедносна и политичка елита на безбедносниот форум за да констатира дека Доналд Трамп во вториот мандат недвосмислено го превртел наопаку светскиот поредок. Поранешни политичари од врвот истакнаа дека токму сегашната администрација на Трамп му го задала последниот удар на консензусот по Втората светска војна постигнат за слободна трговија и долготрајна соработка.
Но, има тука уште многу што да се каже, затоа што ова, сепак, не се револуционерни промени, туку е резултат на нешто што се случува со децении. Едни нации растат, особено економски, други паѓаат, лагите на либерализмот се откриени и демистифицирани, приоритетите на Западот никако не можеа да станат приоритети и на Истокот, особено не на Глобалниот Југ. Точка.
Затоа сега и изгледа чудно што за некои важни прашања на светската сцена владее чудна неусогласеност, па и какофонија. Како да се разбере тоа што францускиот претседател Емануел Макрон најавува дека во септември ќе ја признае Палестина како држава, и тоа само за да го казни Израел или да го натера да преговара за мир и палестинска држава? А, по Макрон тоа ќе го сторела и Велика Британија, па и Канада. Дотука можеби и има некоја логика, но како да се разбере тоа што истото тоа го најавува и Владимир Путин. Најголемиот противник во моментов на Русија е Франција, да го наречеме ефект на реинкарниран реваншизам на мртвиот Наполеон, а Москва и Париз на исти позиции за Палестина?! Да не зборуваме за тоа што повеќе од 10 проценти во Израел зборуваат руски јазик, затоа што станува збор за руски Евреи вратени во матицата. Токму тие Евреи имаат големо влијание во израелската политика, но како тоа не допира до Путин? Ќе бидеме сведоци на вакви чудни нешта во меѓународната политика.
МАКЕДОНИЈА ДА ЈА СНЕМА ОД ЕВРОПСКОТО СЕМЕЈНО СТЕБЛО
Да одиме и на наш терен. Што мислите, дали тоа што Европа повеќе сака да измисли нова современа македонска нација со современа историја и со современ македонски јазик е некоја случајност? Не фаќајте се во такви прости стапици за глувци, станува збор за една европска ерозија на морал, на непочитување на суверенизмот, на замижување пред фактите, на еден процес на комплетно ретуширање на историските факти и стремеж да избрише една славна нација од нејзиното семејно стебло. Европа се подготвува за новата иднина, а, како што сега стојат работите, ние ќе бидеме во неа, но во полузатворено одделение. Со право на чист воздух само половина час дневно.
Една од причините за ваквиот однос, но само една, и тоа сосема мала, е нашето повторно доцнење за да ги фатиме силните ветришта на промените. Одамна сме во 21 век и така треба да се однесуваме, без разлика што Грција и Бугарија нѐ туркаат во јамата на 20 век. Да ги оставиме нив во нивната идентитетска јама, зашто факт е дека посегајќи по македонските знаци и белези, тие влегоа во идентитетски вител. Ние имаме наш корен, а треба да ја развиеме нашата македонска суверенистичка дипломатска политика и стратегија до совршенство без страв. Во таа стратегија мораме да внесеме елементи на македонскиот империјализам. Сега е моментот. Слушаме што се зборува и што се порачува од најголемите центри на моќта. Суверенизмот царува, оружјето се заканува на европска почва.
ЧЕТИРИТЕ ЈАВАЧИ НА АПОКАЛИПСАТА
Поранешната американска државна секретарка Рајс, која во Вашингтон на 7 мај 2008 година со нејзиниот македонски колега Антонио Милошоски потпиша Декларација за стратегиско партнерство, дефинира четири опасности за Америка во постглобалистичиот период: популизам, изолационизам, протекционизам и нативизам (еден вид позитивна дискриминација за домородците, што може да се подразбере и како колективна вина за сторените злосторства во минатото).
Таа конкретизираше дека мнозинството Американци не биле задоволни од глобализмот, не се пронашле во тие вредности и односи. Америка е влезена во преодна фаза, ќе има реформи, а Рајс смета дека „е неопходно да се зачува апаратусот на надворешната политика, да се врати чувството кај Американците дека тие го креираат меѓународниот систем и да се создаваат сојузништва“.
Создавањето сојузништва е еден од рецептите за успех и за Македонија и токму така треба да се гледа на новите стратегиски договори што ги постигна.
– Стејт департментот мора да се реформира – истакна Кондолиза Рајс, додавајќи дека има премногу оддели и притоа ја истакна улогата на сега укината УСАИД, агенцијата за надворешна помош.
Според неа, а таа е од тој систем и добро го познава, има податоци што говорат дека се давала помош далеку од американските национални интереси.
– Има држави што 40 години добивале американска помош. Зошто? Зошто тие не застанале на свои нозе – праша Рајс.
Одговорот сега е јасен, ставен е катанецот на таа агенција, некогаш симбол на американската странска поддршка, која одеше под паролата „од американскиот народ“. Но, таква агенција повторно ќе се формира, а дилемата што ќе треба да се реши е дали таа ќе биде независна или, пак, ќе работи под капата на Стејт департментот. И што ќе финансира?
(продолжува)
Каналите низ кои течат американски долари изгледа дека не се затворија во Македонија
Дали секаде се затворија каналите низ кои одеа американските долари преку УСАИД? Дали во Македонија се затворија тие канали? Дали некој од Македонија ја пренел пораката до Вашингтон како овде се трошеле американските даночни долари и каков ефект имала таа помош? Слушнавме многу примери, и тоа и лично до Трамп, како во некои земји низ светот практично се злоупотребувале американската помош и поддршка. Ние што сме следеле дел од таквите настани и проекти знаеме дека со американските долари не се менувале само прозорци и врати на училишта, туку дека се менувале и влади и премиери, а можеби и името??? Има доста наводи што заслужуваат посериозно внимание и анализа. Подобро да се копа по вистината отколку да си го копаме самите гробот. Затоа што е јасно дека овој идеолошки глобален пресврт ќе оди паралелно, или барабар, и со една силна медиумска војна, по која може да се случи да останат живи само лебарките или бубашвабите, како сакате наречете ги. Но, кога е јасно дека медиумите се во војна, да не се чудиме ако некој, а ги има такви што се многу моќни и се дел од воениот комплекс, извади некоја нуклеарна боева глава.
Македонија не е поштедена и од оваа медиумска состојба, а на свој грб тоа го чувствува и нашата редакција, која цврсто држи национален и суверенистички курс. Некому овде му пречи тоа! Неолибералите нема да се предадат, ниту да исчезнат прекуноќ, особено не овде и особено не во реакционерна Европа. Пари ќе се најдат за исполнување на агендите. Секако, оваа борба не е од вчера, но сега моментот е пресвртен и многу важен. Сега се црта новиот свет, се ставаат знаменцата на суверенизмот на светската мапа, секој гледа да заграби за себе. Затоа, да не се преспие векот!
Х.И.