Имам податок дека и во Македонија, но и во светот, по Пресвета Богородица, на второ место според бројот на оние што го празнуваат е Свети Никола. Исто така, во Македонија, од изградените храмови, најмногу ѝ се посветени на Пресвета Богородица, а потоа на Свети Никола, изјави еминентниот проф. д-р Ратомир Грозданоски во неговото гостување во емисијата „Ноќна смена“, емитувана на Македонската телевизија на 19 декември 2003 година
СЕ ОДБЕЛЕЖУВА ЕДЕН ОД НАЈГОЛЕМИТЕ ВЕРСКИ ПРАЗНИЦИ ВО ХРИСТИЈАНСКИОТ СВЕТ
Денес се одбележува Свети Николај Чудотворец, еден од најголемите верски празници во христијанскиот свет, вклучувајќи и во Македонија. Празникот е посветен на споменот на големиот светилник на Црквата Христова, отецот Николај Чудотворец, кој во четвртиот век бил архиепископ на градот Мир во областа Ликија, Мала Азија.
Овој славен светител, кого и денес го слават во сиот свет, им бил син единец на своите богати и угледни родители Теофан и Нона, жители на градот Патара во Ликија. Бидејќи Бог им го дарувал Николај, родителите го насочиле синот да го посвети својот живот на Бога, принесувајќи му така дар на Севишниот. Знаењето за духовниот живот Свети Николај го стекнал преку својот чичко Николај, епископот патарски, и се замонашил во манастирот „Новиот Сион“, основан од чичко му. По смртта на родителите, Николај им го раздал наследениот имот на сиромасите и ништо не задржал за себе.
Додека бил свештеник во Патара, Свети Николај многу се прочул со делата на својата милостивост, иако грижливо ги криел делата, за да го исполни зборот Господов: „да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3).
Свети Николај Чудотворец бил милостив, мудар, не се плашел, вистински добар пастир на своето стадо. За време на гонењето на христијаните под Диоклецијан и Максимилијан, го фрлиле во затвор, но тој и во затворот ги поучувал луѓето на законот божји. Бил на Првиот вселенски собор во Никеја и од голема ревност за вистината го удрил еретикот Ариј. За тоа дело Николај бил отстранет од Соборот и од архијерејската служба, сѐ додека на неколкумина од првите архијереи на Соборот не им се јавиле Господ Исус Христос и Пресвета Богородица, кои го објавиле своето благоволение кон Николај, по што Николај повторно активно се вклучил во работата на Соборот.
Чувар на божествената вистина, овој чудесен божји светител бил и смел заштитник на правдата меѓу луѓето. Во градот Мир, тој се покажал како вистински свештенодеец: откако го исполнил Христовото евангелие, преподобен, ја положил душата за луѓето негови и од смрт ги спасил невините. На двапати спасил по тројца луѓе од незаслужена смртна казна. Вистинољубив и праведен, Николај одел меѓу луѓето небаре ангел божји.
Уште додека живеел, луѓето го сметале Николај за светител и го повикувале на помош во маки и неволји, при што тој им се јавувал во сон и на јаве на сите што го повикувале и им помагал. Од неговото лице блескала светлина како од лицето Мојсеево, неговата појава им носела на луѓето утеха, мир и добра волја. Многустрадален и многуплоден, на старост малку се разболел и се упокоил во Господа. Од Небесното Царство, тој за навек чудотвори на Земјата, помагајќи им на верните и прославувајќи го својот Бог.
На веб-страницата на плодниот македонски творец, научник, современ теолог, библист и филолог проф. д-р Ратомир Грозданоски, протоѓакон, во делот насловен „За Свети Никола и за светоста“, во кој е цитирано неговото гостување во емисијата „Ноќна смена“ (www.rrgrozdanoski.mk/naucna-dejnost/za-sveti-nikola-i-za-svetosta), емитувана на Македонската телевизија (МТВ) токму на празникот, на 19 декември 2003 година, професорот Грозданоски, помеѓу другото, изјави дека Свети Никола е значајна личност во Црквата и затоа е толку прославуван.
– Имам податок дека и во Македонија, но и во светот, по Пресвета Богородица, на второ место, според бројот на оние што го празнуваат, е Свети Никола. Исто така, во Македонија, од изградените храмови, најмногу ѝ се посветени на Пресвета Богородица, а потоа на Свети Никола. Околу стотина храма во Македонија се посветени на Свети Никола. Речиси нема град каде што нема црква или манастир посветен на Свети Никола. И нашите македонски иселеници, кога заминале одовде во иселеништво, таму го имаат понесено со себе и Свети Никола и таму изградиле храмови во негова чест. Значи, Свети Никола е многу почитуван меѓу Македонците. Свети Никола го прославуваат сите христијани, а не само православните. Тој живеел во периодот кога Црквата била една и христијаните не биле поделени на православни, римокатолици и протестанти. Поделбата се случила подоцна, во единаесеттиот век и потоа во шеснаесеттиот век. Но, почитта кон Свети Никола била и останала од сета Христијанска црква и од сите христијани. Таквата почит продолжила до ден-денес. Освен православните, и римокатолиците го празнуваат Свети Никола како голем празник и значаен настан. Тој е многу почитуван од римокатолиците, а исто така него го почитуваат и протестантите. Ова е особено интересно затоа што протестантите немаат светители, икони, празници, слави и слично. Тие исклучок прават само за Свети Никола – рече професор Грозданоски, кој во неговата богата научна и истражувачка кариера, помеѓу другите свои дела, напишал и објавил повеќе од дваесет книги.
И во меѓународни рамки угледниот професор Грозданоски укажа и на тоа дека Свети Никола го прославуваат и Турците, затоа што им оставил многу добрини, кои и ден-денес ги пројавува како чудотворец и врз нив, иако тие не се христијани.
– За светите, сите луѓе се исти. Затоа се тие свети, бидејќи имаат вистинско богољубие и човекољубие. Тие не се помошници само на христијаните туку и на сите што им се молат. И Турците го знаат и го почитуваат Свети Никола, а особено оние што патуваат и кои се морепловци. Турците изработуваат сувенири, но и го чуваат гробот на Свети Никола. Тие се муслимани, но го почитуваат светителот и го нарекуваат Јадр Баба, што би значело: Големиот Отец. Ете, тие го почитуваат како отец, и тоа како голем отец – изјави Грозданоски, кој е близок соработник на четири поглавари (Ангелариј, Гаврил, Михаил и Стефан) на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), а од 1994 до 2006 година и секретар на Светиот архијерејски синод на МПЦ-ОА.
Свети Никола е заштитник на патниците и на морепловците
Во горенаведената емисија на МТВ, професорот Ратомир Грозданоски говори и за заштитништвото на Свети Никола, со акцент на патниците и на морепловците.
– Свети Никола е заштитник на морепловците. Празникот на Свети Никола свечено се прославува на бродовите. Тој ден бродовите не пловат, туку празнуваат. И кај нас во Охрид, Преспа и Дојран, во нашите прекрасни езера, на тој ден не се плови, а се празнува. Нема брод во светот во кој не е поставена иконата на Свети Никола. Тој е заштитник и на сите патници. Затоа, во многу православни земји, како во соседна Грција, во автобусите е поставена икона со ликот на Свети Никола или на Пресвета Богородица. Неговото заштитништво е, главно, на патниците и на морепловците, но и на сите други. Безбројни се неговите пројавени чуда. Затоа се нарекува и чудотворец, а и мироточив, бидејќи во неговиот гроб, кој се наоѓа во Мир (оттаму и името Мирликијски; Мир е градот, а Ликија – областа. Градот Мир денес е во Турција, во Мала Азија.), почнало да тече миро, како знак на светоста – посочи професорот Грозданоски, кој е добитник на голем број признанија, меѓу кои и државната награда „Гоце Делчев“ како општествено признание за особено значајни остварувања од интерес на Република Македонија во областа на науката (во 2014 година) и највисоката државна награда за образование и воспитание „Свети Климент Охридски“, со која се оддава највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието и образованието (во 2015 година).
Живко Здравкоски