Фото: „Нова Македонија“

БИБЛИСКОТО ИМЕ НА СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ (5)

Свети апостол Павле, преминувајќи од Азија во Европа за да изврши апостолска мисионерска дејност, најпрво дојде во Македонија да го проповеда Евангелието. Тоа, пак, не беше негова намера и поинаков бил неговиот план, како што сведочи библискиот текст, но таква била Божјата промисла што го упатила кон Европа, та него Бог го доведе во Македонија. А тој сакал да оди низ Северозападна Азија, како што запишал апостол Лука во Библијата: „Се обидоа да отидат…; но Духот не ги пушти“ (Дела 16,7). „Ним не им беше допуштено од Светиот Дух да го проповедаат словото во Азија“ (Дела 16,6). Бог беше предвидел поинаку. И така би. Се исполни Божјиот план.
„Преку ноќта имаше Павле видение: стоеше пред него еден човек, Македонец, кој го молеше и му велеше:,Премии во Македонија и помогни ни!‘
По тоа видение веднаш посакавме да тргнеме за Македонија, бидејќи разбравме дека Господ нè повикал таму да го проповедаме Евангелието“ (Дела 16,9-10).
И дојде апостолот Павле во Македонија. Тоа е библиска вистина, запечатена со светоста на библискиот боговдахновен збор и не измењаетсја! Дојде не на поминување и попатно, туку остана подолго и ги формира првите цркви во Македонија и во Европа, кои подоцна во својата библиска книга Второ послание до Коринтјаните ќе ги нарече „црквите македонски“, велејќи: „Браќа, ве известувам за благодатта Божја, дадена на црквите македонски“ (2. Кор. 8,1). Ем цркви, ем македонски, ем со благодатта Божја, уште од апостол Павле – и ете, така е запишано во Библијата!!!
А, апостол Павле дојде во Македонија не еднаш и двапати, туку и по третпат и четврти, а помина „низ сите краишта“, како што вели библискиот текст: „Павле ги повика учениците и, откако им даде упатства, се прости со нив и излезе за да тргне кон Македонија. А кога ги мина оние места и им даде упатства на верните, тој пристигна во Елада“ (Дела 20,1-2). Тоа го потврдува и самиот апостол Павле, запишувајќи во Библијата вака: „И откако се простив со нив, заминав за Македонија“ (2. Кор. 2,13).
Истото го посведочува лично апостол Павле и пред Римјаните, на кои им пишува библиски, велејќи: „Благовестието/Евангелието Христово го распространив од Ерусалим и неговата околина дури до Илирик“ (Рим.15,19).
И најпосле, ги пофалил „Македонците“ пред другите народи, споменувајќи ги по име пред Елините, и велејќи им: „Па, ако дојдат со мене Македонци и ве најдат неприготвени, да не би да останеме посрамени…“ (2. Кор. 9,4; 9,2) – да не се засрамат пред Македонците.

Најпрво во Македонија беше проповедано Евангелието од апостол Павле, а потоа и кај другите низ Европа. И не е само тоа првенство што дојде најнапред кај нас – првенството со посетата и проповедта, туку и кога почнал да пишува библиски книги, – ете и првата книга што ја напишал апостолот Павле во Библијата е упатена во Македонија. Тоа е Првото посланието до Солунјаните, а една година потоа, ја напишал и втората библиска книга, та и неа ја упатил пак кај нас – Второто послание до Солунјаните. А подоцна, и третата библиска книга упатена во Македонија е Посланието до Филипјаните. Тоа се библиски вистини и факти кои не се менуваат и не може да се менуваат, додека светот светува и векот векува.
Ете, во оваа трета библиска книга од апостолот Павле, која ја пишувал од Рим, а испратена во Македонија: до Првата Црква во Филипи, – во неа го има запишано и „Климента“. Во овој библиски текст стои името „Климент“, запишано од раката на апостол Павле.
Никој друг, освен Павле апостолот и никаде на друго место во Библијата не се спомнува името „Климент“, освен овде, а тоа е во библиската книга упатена во Македонија. Полна е Библијата со многу имиња, од секакви краишта, народи, потекла и происход, но само еднаш и само овде, во Посланието до Филипјаните е споменато името „Климент“.
Не на друго место во Светото писмо и не кон други, туку нам и во библиската книга упатена кон нас во Македонија го има и библиското име „Климент“.
Нам ни е дадено тоа име. Библиски ни е посочено името на Климента за наше славно и свето име, кое ја поврзува историјата на Црквата во Македонија од апостолското библиско време до свети Климент Охридски и библиската основа на неговата севкупна дејност, сè до денешната Светиклиментова Македонска православна црква – Охридска архиепископија.
Еве што вели апостол Павле во библискиот текст: „Те молам и тебе, искрени сотрудниче, помагај им ним, кои се грижеа во Благовестието заедно со мене и со Климента и со другите мои сотрудници, чии имиња се во книгата на животот“ (Филип. 4,3).

Исто вака е запишан „Климент“ и во Библиите на другите јазици

Текстот од Библијата на македонски се потврдува со запишаното и во другите Библии: „и со Климента“ (Филип. 4,3).
Најпрво го споредуваме со грчкиот текст, бидејќи на тој јазик е пишуван оригиналот и таму е запишано: „μετὰ καὶ Κλήμεντος“ или „μετά καί Κλήμης“.
Потоа на црковно-словенски јазик е речено: „с Климентомь“.
Па на словенските јазици – на руски: „съ Климентомъ“
и на соседните: српски е „са Климентом“, а бугарски „с Климент“.
И на англиски гласи: „with Clement“, а така е и на сите други јазици.
Кај сите е „Климент“, со разликите во особеностите на пишување и изговор во секој јазик одделно.
Во сите текстови и во сите изданија на Библијата стои истиот текст во посочените две варијанти. Овде ги нудам изданијата кои се најмногу ценети во библискиот научен свет. Greek Texts: Stephanus Textus Receptus 1550: μετὰ καὶ Κλήμεντος; Westcott and Hort 1881: μετὰ καὶ Κλήμεντος; Scrivener’s Textus Receptus 1894: μετὰ καὶ Κλήμεντος; Greek Orthodox Church 1904: μετὰ καὶ Κλήμεντος; Nestle GNT 1904: μετὰ καὶ Κλήμεντος; μετὰ καὶ Κλήμεντος; RP Byzantine Majority Text 2005: μετὰ καὶ Κλήμεντος; Tischendorf 8th Edition: μετά καί Κλήμης; Westcott and Hort / [NA27 variants]: μετὰ καὶ Κλήμεντος.
Библия. Книги священнаго писания Ветхого и Нового завета, на церковнославянском языке с параллельными местами, Москва 1993.
Русскій синодальный переводъ.
Свето писмо. Нови Завјет Господа нашег Исуса Христа, превод САС СПЦ, Врање 2000, 388.
Новия Завет на нашия Господ Иисус Христос, Нов превод от оригинала, София 2005,467.
The Orthodox Study Bible, New Testament and Psalms, Nashville, Tennessee USA 1993, 459.

Кој е „Климент“ од Филипи?

Да видиме што вели за ова библискиот текст. Апостол Павле запишал:
„Те молам и тебе, искрени сотрудниче, помагај им ним, кои се грижеа во Благовестието заедно со мене и со Климента и со другите мои сотрудници, чии имиња се во книгата на животот1“ (Филип. 4,3).
Значи, јасно е дека: Климент е сотрудник на апостолот Павле.
Тој е од Филипи – Филипеец. Така вели и Лопухин во Толковая Библия: „Апостол при этомъ упоминаетъ о Климентѣ – Филиппійцѣ и другихъ своихъ сотрудникахъ. Ихъ имена уже значатся въ книгѣ спасенныхъ“.
А која е таа „книгата на животот“?
Тоа е Книгата на спасението. Тоа е книгата на светиите и на праведниците, каде што се запишани имињата на праотците и отците, пророците и исповедниците од Стариот завет и сите светии од Новиот завет, почнувајќи од апостолите до современите светии во Црквата.
Свети Лука во Евангелието ги запишал Господовите зборови, кога им вели на апостолите: „Но не радувајте се на тоа, дека духовите ви се покоруваат, а радувајте се, што се имињата ваши напишани на небесата“ (Лука 10,20). Ако така рекол Христос за апостолите, тогаш и овие од Филипи што ги спомнува апостолот Павле дека се во Книгата на животот, значи се рамноапостолни.
А, во Откровението, свети Јован Богослов запишал дека тоа е Книгата при Последниот суд Божји: „Потоа ги видов мртвите, мали и големи, како стојат пред Бога; се отворија книги, и друга книга се отвори – книгата на животот и судени беа мртвите според запишаното во книгите, според делата нивни“ (Откр. 20,12).
„Седнаа судиите и книгите се отворија“ (Дан. 7,10), вели пророкот Даниил.
Па свети Јован, завршува: „Кој победува, ќе се облече во бела облека, и нема да му го избришам името негово од книгата на животот, туку ќе го признаам името негово пред Мојот Отец и пред Неговите ангели“ (Откр. 3,5), се вели во Писмото Христово до црквите во Сард, Филаделфија и Лаодикија. За книгата на животот пишува и на други места во Светото писмо: Иса. 4,3; Језек. 13,9: Дан. 12,1; Псал. 69,29; 139,16; Откр. 13,8; 20,15; 21,27.
Од изразите, пак, што се вели: „чии имиња се во книгата на животот“, некои егзегети изведуваат заклучок дека во тоа време, кога апостол Павле го пишува и испраќа Посланието до Филипјаните, веќе Климент и другите негови и Павлови сотрудници биле упокоени и запишани во книгата на животот. Ова е неприфатливо, бидејќи контекстот говори за Павлово обраќање кон живи соработници на апостолот и активни дејци во Филипската црква, која е Првата црква во Македонија и во Европа, оформена од апостолот Павле, а организирана и раководена прво од апостолот Лука – првиот епископ, а потоа и од неговиот наследник Климент.
Трембелас, пак, вели дека тоа значи Бог ги познава тие луѓе, иако се безначајни во светот и „ги признал за сотрудници во небесното живеење“.
Јоанис Д. Каравидопулос, пак, воздржано кажува дека Климент е „за нас непозната личност“. Но, вели дека името Климент било вообичаено „во Филипи, кој во тој дел на Македонија е прв град, римска колонија“, како што сведочи Библијата (Дела 16,12).

Проф. д-р Ратомир Грозданоски

Продолжува