Да се знае, да се запомни
и да не се заборава
И најпосле, како заклучок ќе речеме: името на свети Климент Охридски има библиски происход. Тоа е библиско име. Го има во Библијата, а го запишал апостолот Павле.
Ова не е наша произволност или празна желба, туку апсолутна библиска вистина, посведочена со библискиот текст, кој е ист во сите Библии и останува непроменет за веки веков.
Сега знаеме дека името „Климент“ е од Библијата – запишано во Посланието на светиот апостол Павле до Филипјаните (Филип. 4,3).
Овој исчекор кон библискиот текст и библиското име „Климент“ е новата вистина што ја откриваме и ја обелоденуваме пред научната мисла. Поставена е врз столбовите на факти, докази и аргументи. Се нуди нова светооткровенска библиска светлина врз светоликот на Климента, а се дава можност и за натамошно истражување, проучување и продлабочување со збогатени сознанија. Тоа досега не го направил никој.
Зошто не го направил тоа Теофилакт? Зошто тој не го открил и не го поврзал Климент од Филипи со Климента Охридски? Тој е голем библиски егзегет и одличен познавач на Светото писмо. Зар не знаел за Климента од Филипи? Не се сетил ли на него?
Не знам. Но знам дека при толкувањето на овој библиски стих (Филип. 4,3) не се задржал воопшто на Климента и го одбегнал името. Веројатно под влијание на Златоуст, бидејќи и тој не се навратил на тоа име и не го споменал, ниту го протолкувал.
И знам дека Теофилакт не вели никаде дека Климент и Наум се ракоположени во Рим, од папата. А тој е автор на Житието на свети Климент Охридски во кое се дадени податоците за светителот. Но, такво нешто не напишал во Житието, ниту пак го поврзува именувањето на свети Климент Охридски со свети Климент Римски. Тоа е подоцнежна претпоставка и формирана теза во текстови од проучувачите на ликот и делото на свети Климента, низ одредени мислења и ставови.
Главните житија не го спомнуваат свети Климента меѓу ракоположените во Рим. Најпрво, тоа не е запишано во неговите две житија, а таков текст нема ни во житијата за светите Кирил и Методиј. Овие се основните житијни содржини и се најобемни, што би значело и најподатливи, најопфатни, најверодостојни и со точни и автентични податоци и имиња, за разлика од другите житија кои се пишувани подоцна и, главно, се ползувале од нивните содржини. Особено, житијата за свети Наум се преработени текстови од житија за свети Климент или други творби пишувани за животот и дејноста на свети Климента и Наума. Така сведочат искажувањата во науката за овие житија, втемелени врз анализите на текстовите и содржините. Затоа, податоците оттаму не може да бидат поприфатливи пред точноста и автентичноста на кажаното во првичните – двете житија за свети Климента.
Бог сакаше ова да го открие сега и овде во Македонија, преку еден библист и климентист, кој посветено го истражува и го гледа свети Климента низ светлината на Библијата и еве, го наоѓа во светоста на најсветата Книга – не само како име, туку и како личност и дело библиообразно и библиоподобно.
Резиме
Ова е нов прилог во науката во кој се открива името Климент во Библијата и се покажува дека свети Климент Охридски е именосец на библиско име. Тоа име е запишано само еднаш во Библијата, и тоа во библиска книга напишана од апостол Павле – во едно од посланијата што ги упатил во Македонија (Филип. 4,3).
Во оваа студија најпрво посочивме и разработивме општо за името Климент: како е запишано и каде во средновековната книжевност – во житија, служби, акростих, икони и фрески, и се разјаснува неговото значење во јазичните форми.
Потоа, се објаснува врската на свети Климент Охридски со свети Климент Римски, поради пронаоѓањето на моштите и евентуалното ракополагање во Рим.
Значајно е претставена неговата споредбена врска со апостолите Петар и Павле.
До Петар преку свети Климент Римски, кој бил неразделен ученик Петров, како и преку истозначноста на имињата и со паралелата при набројувањата на апостолите Господови и на учениците Кирилометодиеви – петочислениците.
А со апостол Павле, пак, е поврзан преку житијната споредба дека е тој „новиот Павле“, како што напишал блажени Теофилакт во Житието на свети Климента.
Срцевината е во доказот дека свети Климент Охридски е истоименит со библискиот „Климент“ од Филипи, кој бил соработник на апостол Павле и на Лука и негов наследник на епископскиот трон во Филипската црква – првоформираната од апостолот Павле во Македонија и во Европа. Апостолот и евангелист Лука бил првиот епископ на Првата црква во Филипи, а Климент – вториот.
Климент од Филипи е запишан со тоа име во сите Библии, а најмалку е толкуван и разјаснуван, па речиси не се знае ништо за него, освен дека е Филипјанин.
Со овој труд првпат се прави обид да се одгатне кој е библискиот Климент: еден од седумдесетте апостоли, епископ на првата Црква во Филипи или на онаа во Рим.
И зошто свети Климент Охридски е именуван според името на овој библиски Климент или зошто и не би бил именуван според него, кога на тој начин зел име на светител од Македонија, а така би сакале и постапиле и светите браќа од Солун Кирил и Методиј и му го дале името според библискиот светител од оваа земја.
Проф. д-р Ратомир Грозданоски
Крај